Дебитантски бисер

Кон „Buffalo 66“ на Винсент Гало

Сето она што треба да го содржи еден дебитантски филм, несомнено, може да се најде во првото авторско остварување на актерот/сценарист/режисер Винсент Гало, „Бафало 66“ од 1998 година. Провокативна идеја, одлична глума, доволна количина на его, чувство за експерименталност, приказна пар екселанс, доза на автобиографизам, (извртен) хумор и, на крајот од краиштата, срце и душа што ве милуваат во текот на целиот филм.

Били е локално момче, кое по долго време излегува од затвор за ненаправено, но признато злосторство. Во првите десет минути на слобода (најдобриот влез во историјата на седмата уметност!) го мачи едноставна потреба – нема каде да изврши нужда. Откако ќе го реши проблемот, се јавува кај своите родители, кои веруваат во приказната дека тој пристигнал од далечно патување и им најавува посета со својата прекрасна жена. Во меѓувреме, ја киднапира младата танчерка Лајла (Кристина Ричи), која ја прифаќа наметнатата улога и заедно се одвезуваат до социопатските родители на Били. Таткото (Бен Газара) е заглавен во своите најдобри денови од младоста, кога не успеал како имитатор на Синатра во локалните пабови, а мајката (Анџелика Хјустон) е голем фан на бејзбол екипата „Бафало билс“ и постојано ја гледа снимката од финалето во 1966 година, кога тие го освоиле трофејот. Покрај ликовите на родителите, Били е опседнат и со други реликвии од минатото, кои последователно се појавуваат во првата и единствена вечер од неговиот живот на слобода: првата љубов од гимназија (Розен Аркет), мрзеливиот пријател (Корк Кориган) и менаџерот на неговиот омилен локал за куглање (Жан Мајкл-Винсент).

Можеби текстов треба да заврши токму тука: краток вовед, краток синопсис на филмот, и тоа е тоа, провокација од прва рака. Раскажувањето (со голема посветеност, енергија и гестикулација) на сцените од едно култно остварување е доволно самото за себе. Меѓутоа, има толку многу богатство во внатрешната структура на филмот и безбројните визуелни решенија кои постојано ве изненадуваат, што „Бафало 66“ го издвојуваат од останатото ѓубре и со право го вбројуваат во листата на најзначајни на пробирливите филмофили ширум светот. А за тоа, дефинитивно, треба и мора да се пишува!

По фантастичните ролји во филмовите на Ејбел Ферара, Бил Аугст, Мика Каурисмаки, Клер Дени, Мира Наир, Емир Кустурица („Аризона дрим“)… Винсент Гало со интензивниот, кохерентен и по малку страшен првенец се наметна како единствената свежа крв на американската независна филмска сцена во штурите 90-ти години на минатиот век (со чесни исклучоци!). Со таков статус се здоби бидејќи не се плашеше да експериментира со филмскиот јазик, повикувајќи се на некои стари, добри имиња како Ник Касаветис, Роберт Бресон и Мартин Скорсезе, но сето тоа пропуштено низ филтерот на сопствениот автентичен поглед на светот.

Навидум едноставната приказна за машките фрустрации на еден локален херој, сместена во рамки на стандардна романтична комедија, Гало со инвентивни режисерски решенија ја претвора во хедонистичка експлоатација на катарзата, чиј краен резултат е Вистински Светол Филмски Дијамант! Сцената на масата кај родителите, кадешто секој гледа на ситуацијата од сопствен, осамен агол, потоа, потсетувањето на убиството на домашното милениче со користење на евтина видеорамка, па музичките излети на таткото на Лајла итн. го разбиваат филмот, давајќи му и мала доза на надреализам, која е оправдана поради фактот што „Бафало 66“ е полуавтобиографски филм. Исто така, во прилог на претходната констатација оди и нихилистичката нарација во филмот, која намерно е артифициелно модифицирана, вклучувајќи го и дизајнот на продукцијата, кој е одлично приспособен на темното расположение на главниот лик.

Незаборавна е и одличната актерска екипа која остава длабок печат во филмот. Газара и Хјустон се толку уверливи што веднаш сфаќаме зошто Били е толку маничен и депресивен во исто време. Ричи е брилијантна и конечно ја надминува сенката од улогата во „Адамс фемили“ од детството. Во една мала улога блеснува и магарето Мики Рурк, а Винсент Гало е токму она што навистина е – полн со болка и каење, истовремено наивно користејќи го одбранбениот механизам за да ја прикрие својата срамежливост. А крајната сцена? Убавина!!!

Се’ на се’, „Бафало 66“ е преолн со незаборавни сцени, кои во иднина ветуваат многу од нивниот auteur!

@Текстот е објавен во мартовскиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *