Со ваков глупав и смешен, но добронамерен наслов ја одбележувам 25-годишнината од објавувањето на многу драгиот албум „Californication“ на Red hot chilli peppers. Момците од Калифорнија кои се „возеа“ на гранџ бранот во 90-те заедно со Nirvana, Pearl jam, Alice in chains, Soundgarden… „подарувајќи“ ни сосема поинаков, фанки звук, но со слична енергија како онаа која доаѓаше од Сиетл, по едно-ипол-децениско постоење се чини го снимија својот најзрел албум, кој на многумина им е при самиот врв, меѓу омилените. Тој излезе на 08 јуни 1999 година, и да, тоа е единствениот албум што го поседувам во домашната ЛП колекција од „Пеперси“, на кој одвреме-навреме со драго срце му се навраќам.
„Californication“ го означи враќањето на гитаристот Џон Фрушантево бендот, кој претходно свиреше на „Mother’s Milk“ (1989) и „Blood Sugar Sex Magik“ (1991), сосема менувајќи го стилот на бендот по првите три објавени албуми. Текстовите на ова албумско остварување повторно ги вклучуваа секс-темите веќе добро познати од претходно, но зрелоста на текстописецот и вокалист Ентони Кидис, по еден куп „шеќер“ во вените, конечно доаѓа до израз отворено пишувајќи и пеејќи за теми како смртта, самоубиството, дрогата, глобализацијата, патувањата… сето тоа спакувано под поимот „калифорникација“ на светот. За создавањето на албумот и за животните премрежија на фронтменот на бендот, како и за “California-surfin” филозофијата дознав од неговата фантастична (авто)биографска книга (во соработка со Лери Сломен) преведена како „Живи рани“ (Scar Tissue). Топла препорака 😉
Според бројките, „Californication“ е комерцијално најуспешното студиско издание на Chili Peppers на меѓународно ниво, со повеќе од 15 милиони продадени копии ширум светот и повеќе од седум милиони само во САД. Од 2002 година наваму, албумот беше продаден во повеќе од четири милиони копии во Европа. Албумот донесе неколку незаборавно певливи сингл-хитови, како „Otherside“, насловната „Californication“, и добитникот на Греми наградата за најдобра песна, „Scar Tissue“.
„Californication“ се искачи на третото место на американскиот „Billboard 200“. Музичкиот критичар Грег Тејт од магазинот „Rolling Stone“ истакна дека „иако сите претходни проекти на Peppers продуцираат добро расположение, „Californication“ се осмелува да биде духовен и епифаничен“. Неговиот колега Пол Верна од „Billboard, пак, напиша дека албумот ја изнел на виделина „помеката, помелодична страна на групата“, за разлика од нивните претходни шест албуми. И како не би било така, кога „Californication“ беше продуциран од маестро Рик Рубин.
Доколку го немате во вашата домашна фонотека, за добра викенд-уживанција, еве го во целост 😉