Кога сте во Париз, кој љубоморно ја чува титулата „најпосетен град во светот“, едно од местата кое мора да го посетите е центарот „Помпиду“. Сместен во зоната „Бобур“ во четвртиот париски арондисман, ова е најголемиот музеј за модерна уметност во Европа. Центарот го носи името на францускиот претседател од 1969 до 1974 година, кој и ја покренал иницијативата за неговата изградба. Комплексот е отворен во 1977 година, и до ден-денес е едно од највозбудливите места за посета доколку сте љубител на уметноста. Модернистичката градба која доминира со просторот во срцето на градот на светлината досега била домаќин на околу 180 милиони луѓе.
Прошетката опишана во овој текст се случи во сега веќе далечната 2012 година, и има еден „недостаток“: речиси на сите фотографии, заедно со делата, се појавуваме и ние, вртоглаво вљубени во она што го гледаме пред нас. Доколку ова ви пречи, тогаш не продолжувајте понатаму, едноставно кликнете на „иксот“ горе десно, и чао-чао! Доколку не ви пречи, ќе се обидам да претставам десетина дела во кои можевме да уживаме за време на неколкучасовната посета на возбудливиот „Помпиду“.
Пред да влеземе во лавиринтите на модерната уметност, се’ уште сме надвор, и уживаме во фонтаната „Стравински“ отворена во 1983 година. Креирана од Жан Тингели и Ники де Сен-Фал, таа е составена од 16 движечки скулптури кои „шприцкаат“ вода во ритамот на музиката на композиторот Игор Стравински, чие име го носи и плоштадчето на кој се наоѓа фонтаната. Идеално решение за летните париски омарнини.
Како и во секој музеј на современа уметност, и во овој, на неколку нивоа до кои се стигнува со подвижни скалила прилепени на страничните ѕидови на градбата, можете да ја видите постојаната поставка, но и периодичните изложби. Како моментен ексклузивитет, имавме среќа да присуствуваме на изложбата на провокативниот и мултимедијален Герхард Рихтер, чие дело „Свеќа“ „ја позајми“ еден од моите омилени бендови, Соник јут, за обвивката на нивниот славен албум „Daydream nation“ од 1988 година.
Во понатамошната поставка со соочивме со „госпоѓата-дух“ на уметникот, со бескрајните колоритни „Ленти“, но и со неговите фотографии насловени „Соочувања“. Рихтер, освен платната, е познат и по својата фотографска уметност, која овде беше претставена на супериорен начин, низ големи репродукции со кои можете слободно да си направите муабет.
Париз го знаеме како мека за шпанските уметници во првата половина од 20 век. Најпознатиот меѓу нив, секако, е Пабло Пикасо. Во музејот е претставен со неколку дела, а највеќе ни се допадна „Девојката со хулахоп“ од 1919 година.
Но, психолошки не бевме баш подготвени за неговиот „испревртен“ кубизам. Пофино ни легнаа големите сини платна на сонародникот Хуан Мирó. Неговиот минимализам и чист израз навистина плени во живо. За повеќе, правец Барселона, во музејот комплетно посветен на неговата уметност.
Кога сме веќе кај оваа шпанско-француска релација, тогаш не можеме да го избегнеме The greatest artist in the world in 20th century, секако, според самиот себе. Иако го посетивме малиот, симпатичен музеј на Монмарт посветен на Салвадор Дали, сепак, убаво беше и овде да се види и ужива во некоја оригинална слика од Салвадор Дали, во случајов „Вилијам Тел“ од 1930 година.
На париската сцена во 20-те и 30-те години на минатиот век постоеле многу ривалства, а меѓу погласните и пожестоките бил Амедео Модилјани, страстниот италијански сликар и скулптор, еден од најголемите париски заводници (после Пикасо, се разбира). Под влијание на Фовизмот и сликите на колегите Марк Шагал, Макс Жакоб, Жан Кокто, Тулуз-Лотрек, Сезан и останатите виртуози, Модиљани создаде врвни портрети кои дури по неговата смрт, како што тоа обично бива, станаа многу ценети (и скапи). „Гастон Модо“ е еден од нив.
Кога претходно веќе го спомнавме Надреализмот, скулптурата на францускиот уметник Марсел Жан навистина беше атрактивна. Насловена „Спектарот на Гарденија“, таа со затворените патент-очи и филмската лента околу вратот доминираше во галерискиот простор со својата несомнена сугестивност.
Ништо помалку атрактивна не беше и „Механичката глава“ на Раул Хаусман, која многу ме потсети на легендарниот филм „Метрополис“ на Фриц Ланг од 1927 година, од славните времиња на германскиот експресионизам.
Делото „Dancer/Danger“ на Мен Реј, пак, беше фино надоврзување на виденото во тој дел од музејот, посветен на авангардата во 20 век.
Како заокружување на овој галериски дел преполн со скулптури и инсталации, би го споменал „Синиот портрет“ на Ив Клајн, совршен за фотографирање и за влегување во телото на објектот, макар само на фотографија. Оптичка илузија!
Од привлечните дела кои плачат за фотографирање, небаре уметникот ги создал само поради тој величествен момент, го издвојувам следното насловено „Жена на гробишта“ на италијанскиот уметник Микеланџело. Секако, не ренесансниот мајстор, туку Пистолето (1933). Насловот посочува дека делото е сериозно, но не може да се избегне впечатокот оти уметникот знаел дека посетителите нема да ги одмине желбата да се чкрапнат пред него, со тоа правејќи му невидена реклама.
По толку многу уметност, центарот „Жорж Помпиду“ нуди прекрасни меѓу-катчиња каде човек може да здивне, да се одмори, да земе сила и да продолжи понатаму. Еве неколку од нив, вклучувајќи го и прекрасниот поглед кон Париз со Ајфеловата кула и црквата „Sacre Coeur“ во далечина.
Се враќаме „во игра“ со разгледување на делата од возбудливите 60-ти години, кои ги одбележа Ворхоловиот „Поп-арт“. Нема музеј кој држи до себе, а да не поседува некое дело од њујоршкиот „гуру“, чии родители се Словаци. Во „Помпиду“ уживавме во огромната и мултиплицирна „Елизабер Тејлор“, една од актерските икони на 20 век.
А каде е Ворхол, таму е и Џулијан Шнабел. Режисерот, кој истовремено е и страстен сликар, го овековечи Ворхол во серијалот дела со неговиот лик, а чепна дел и од атмосферата во „Фектори“ во филмот „Баскија“ (1996) посветен на Ворхоловиот пријател, талентираниот и прерано починат уметник Жан-Мишел Баскијат. Делото „Портрет на Џеј-Си во Хакодата, Јапонија“ (1983) на Шнабел беше изложено во централниот дел од галерискиот простор на вториот кат.
Се’ уште сме во револуционерните 60-ти години, овој пат преку делото на контроверзниот британски уметник Френсис Бејкон. „Три фигури во собата“ (1964) е само бенигно навестување на голотијата која доминира во неговите слики.
Доколку „неподносливата леснотија на постоењето“ ви стане „напорна“, за зголемување на умствените вијуги ги барате делата на Марк Ротко. Го уловувате со неколку, застанувате пред нив, и толку. Оставате сликите и мислите да се пронајдат едни со други. Доволно е, зошто во нив тој ги носи боите на родната Летонија искомбинирани со американската (над)реалност. Чистотата на мислата како предизвик. Нијансите се толку passe’ 😉
Многу се задржавме и крај едно ремек-дело на кое, за жал, името на уметникот не го архивирав. Нека ми прости. Сликата и прозорецот беа составен дел од инсталацијата, како отргнато парче од куќа крај море во која домаќинката ужива во самотијата и летната сиеста. Ние, посетителите, бесрамно ѕиркаме во нејзиниот интимен простор, но тоа не и’ пречи. Напротив.
За да ја издржи подмладокот оваа голема доза на уметност околу нас, мораме да одвоиме време и за делата кои наликуваат на „детски“, а всушност носат сосема друга порака. Највеќе се задржавме кај скулптурите на Карстен Холер (1961) чиј наслов кажува се’: „Гигантска тројна печурка Аманита мускарија“ (2010). (Очекував од некаде да се појави Дон Хуан на Кастанеда, но тоа не се случи 🙂 )
По печурката, како вечен велосипедист уште од мал, вниманието ми го привлече прекрасниот „велосипед“ на Ален Сејша од 1983 година, кој од премногу користење едноставно почнал да се растопува.
Делата на Пит Мондријан не се топат, туку напротив, создаваат чисти технички мисли за размерот, времето и просторот во кој живееме. И едно од безбројните кафулиња во Помпиду беше комплетно дизајнирано во „Мондријан стил“, и беше неизмерно пријатно таму да се сркне ослободувачко кафе.
Време беше за авангарда. На менито – историски важниот руски конструктивизам. Центарот „Помпиду“ има завидна колекција на дела од советската пост-револуционерна уметност, а најрепрезентативни претставници меѓу нив, секако, се Василиј Кандински и Казимир Маљевич. Ја искористив шансата, и во релативно слободниот галериски простор каде никој не те опоменува дали треба да фотографираш или не, туку тоа се подразбира, направив една фотка со крстот на Маљевич, за век и вјеков.
Од тој период, но од поразената Германија, доаѓа и мојот омилен сликар Ото Дикс, во чии дела уживав кога го посетив музејот во Кемниц (повеќе на следниот линк):
Во „Помпиду“, Дикс беше претставен со една од неговите најубави слики, „Портретот на новинарката Силвија фон Харден“ од 1926 година, кој едноставно привлекува со своите бои и строги линии кои го исцртуваат (претпоставуваме) строгиот карактер и на субјектот.
Чекор потаму, уште едно авангардно колаче. Просторната поставка на легендарниот претставник на авангардата, ненадминатиот мислител Јозеф Бојс, како цреша на шлагот од тортата. Тешките ѕидови од ткаенина кои оформуваа пар соби во кои единствено фигурира големото пијано – ви го разнесуваат умот. За смирување, земате мала доза од „велосипедското тркало“ во близина.
И на крајот, набрзина минуваме крај другите содржини на музејот, како библиотеката „Кандински“, студиото „Бранкузи“, кино салата и другите убавини. Едноставно, за денес оваа доза на уметност беше сосема доволна, и затоа одиме надвор да кулираме во прекрасниот двор, меѓу посетителите од сите континенти, мрцкајќи леб и сол.
Благодариме, Помпиду, беше незаборавно. Во овие времиња-невремиња во кои живееме, не знам дали убавината (уметноста) ќе го спаси светот, како што на времето рекол кнезот Мишкин на Достоевски, но вреди да се обидеме. Затоа што „ние сме на патот за никаде“, како што пее Дејвид Брн од „Токин хедс“. И така во loop, 24/7 😉