Кон „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски

По еден куп кратки остварувања (одличниот и наградуван „Матасари“!) и документарни филмови (претежно со историска тематика) зад себе, Охриѓанецот со филмска диплома од романскиот универитет „I. L. Caragiale“, Илија Пиперкоски, конечно сними и прв долгометражен филм, нешто за што сонува секој филмаџија. „Дедо и внук“ е приказна која на хартија, според режисерот, фигурира уште од 2013 година, и еве, по шест години, имаме можност да ја видиме онаму кадешто и’ е местото, на сребрениот екран. Авторот го задржа правото официјалната премиера да ја одржи во својот роден град, со што на најдобар можен начин ја поддржа идејата за децентрализација на културата актуелна во годиниве наназад.

„Дедо и внук“ почнува со моќна, вознемирувачка сцена. Од горен ракурс сме сведоци на судбината на детето над операционата маса, која комплетно е во рацете на младиот доктор. И покрај неколкуте обиди, тој на крајот не успева да го спаси. Веќе во следната сцена ја гледаме неговата бескрупулозност, кога им ја соопштува информацијата за смртта на детето на родителите, но и потоа, кога во неговиот дом ќе се обелодени приказната дека токму неговите родители-доктори се вплеткани во случајот поради немањето волја до крај да го испратат пациентот во странство на потребниот третман. Сето ова изискува повлекување на младиот доктор надвор од осилото. Изборот е Охрид, кај неговиот осамен дедо, кој не го посетил со години.

И до тука се’ е в ред. Понатаму влегуваме во една долга филмска „медитација“ во која сценаристот и режисер не знаел како да ја истурка приказната докрај, бидејќи веројатно и нему не му било јасно како да го задржи вниманието на гледачот, а притоа да не биде предвидлив, создавајќи крајно стереотипизирани ликови кои репетитивно повторуваат слични реплики во текот на целото дејствие. Долгите сцени во кои главниот лик Никола е на крстопат меѓу професијата, старата љубов која ја оставил и заминал во метрополата, како и нерешените семејни релации, се и повеќе од измачувачки делумно поради тенкото сценарио, но и поради актерските „способности“ на Дејан Лилиќ, кој очигледно не можел да направи дистинкција меѓу театарот и филмот. Истото важи и за останатите негови колеги, кои, на крајот од краиштата, и не добиле поголема шанса и простор за експресија. Навистина е штета максимално да не се искористи одличниот Салаетин Билал во една од неговите последни улоги на големиот екран.

Башка, насловот „Дедо и внук“ не’ фокусира кон градење на односот токму меѓу овие двајца протагонисти, но тоа, всушност, најмалку се случува. Дедото одвреме-навреме наводно кажува некои животни мудрости, наликувајќи на ликовите на Мето Јовановски во многу македонски остварувања, за кои на внукот ама баш му е гајле, затоа што тој е заглавен помеѓу минатото и сегашноста, но и со поглед кон неизвесната иднина, особено откако дознава дека одамна и самиот тој е родител, што приказната ја носи во „турско-индиски“ блуткави води. Многу работи се случуваат одеднаш, и боксирањето, и падот во езерото, и смртта на дедото, и болеста на малиот, а Никола никако да одлучи дали се’ уште ја сака девојката на неговата младост, или пак дали оваа ќе му прости!? Па, извинете, ама, како што и главниот лик пар пати се изрази во текот на филмот, ме боли к.рот за тоа, одете погребајте го достојно стариот и спасете го малиот, и обајцата сте медицински лица!!! Едноставно, многу нелогичности на едно место, многу животни искушенија кои се решени на плиток и незрел начин. На ликовите на платното, во најмала рака, мораме да им (по)веруваме, инаку ништо од драмскиот набој кон кој цели секое жанровско остварување од ваков тип.

Но, на Пиперкоски мора да му се признае дека многу добро го „фатил“ стоењето на времето во провинциските места (дедото си слуша радио, се посипува со вода од тенџере…), како и тоа дека визуелно одлично решил повеќето од сцените, особено оние кои се случуваат крај охридското крајбрежје, во што сесрдно му помогнал директорот на фотографија, Романецот Патру Паунеску. Езерото е немирно како душата на повеќето од протагонистите, а боите се со темен тон и го прикажуваат загрозениот град на Унеско во поинакво светло. Филмаџијата се обидел и преку колоквијалниот јазик да ја локализира приказната, што е легитимно и во ред, но, тој сегмент не е доволен за потенцирање на „охридското“ како карактеристика во филмот. Успех би претставувало доколку самиот град како сенка се провелкува низ целата приказна и со тоа да стане засебен лик, засебен карактер, но тоа е предизвик и за поискусни филмаџии од дебитантот Пиперкоски.

И на крајот, како што вели една од репликите, која е потенцирана и како слоган на плакатот за филмот, „Болката понекогаш е убава работа, остави да те боли“, така и овој филм авторот треба добро да го одболува, и за следниот проект посериозно да поработи на сценариото со помош на искусни занаетлии, а потоа и на неговата крајна реализација. Талентот си има свои добри и лоши страни, на кои постојано мора да се работи. Заш, со сила убаина (филм) не бидува.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *