За романот „Фото синтеза“ од Игор Анѓелков (ИЛИ-ИЛИ, 2013)
пишува: Роберт Алаѓозовски
Игор Анѓелков (1974), кого, пред се’, го знаеме како филмски новинар и критичар, дискретно се издвои како ново квалитетно перо на урбаната проза. Од 2003 година, тој веќе 11 години е автор и уредник на филмскиот магазин “Филмополис” на ТВ Телма, единствената актуелна емисија во македонскиот етер што се занимава со седмата уметност. Паралелно на овој ангажман, ненаметливо, преку збирката раскази “Кротки приказни” (2006) и романот “Крај-пат” (2010) до најновата новела “Фото синтеза”, тој успеа да изгради стил и јазик на кој можат да му позавидат многу понаградувани, но во поетичка смисла, понедоделкани автори.
Урбаната проза, посебно скопската, никогаш не била во првата линија на интерес на македонската книжевност, иако култниот роман на Димитар Солев “Под усвитеност” (1957), за атентатот врз бугарскиот агент Мане Мачков, е всушност ран и одличен пример за скопската урбана проза. Потоа урбана проза пишуваа и доајени и академици како Благоја Иванов и Влада Урошевиќ, но и ден денес тој жанр остана во рамките на алтернативноста. Се разбира, интересот за урбаното трае непрестано, во последниве десетина години се објавија неколку интересни романи, антологии и збирки на скопски раскази, но посветеност како кај Игор Анѓелков немам сретнато дури и кај генерацијата најмлади писатели, чиј книжевен интерес е секогаш поширок и поразновиден.
Имајќи ги предвид трите книги на Анѓелков, посветените љубители на урбана проза можат да видат како од книга во книга го рафинира и изразот, и стилистиката, и изборот на теми, и поттемите, и светогледот, за да го достигне врвот во “Фото синтеза”. Токму од тој аспект на овој роман не може ништо да му се забележи. Изразот е дотеран, стилизиран, редуциран. Анѓелков успева со малку зборови да каже многу. Неговата стилистика и реторика е чиста. Тој не ја трупа реченицата дури и кога доловува сложени детали или кога изразува сложени чувства. Се’ во реченицата си е на свое место. А истото се отсликува и во приказната. Сцените се менуваат една по друга како на филмска лента и секоја е одлично монтирана и функционална во однос на другата. Тоа не е случајно затоа што Анѓелков во прозата ја инкорпорира својата втора голема љубов – филмот. Пишувањето на Анѓелков е намерно организирано според филмскиот дискурс. Описите се сценични, небаре видени преку ракурс на камерата, дијалогот е краток, прецизен, и постои следење на ликот небаре од филмска камера.
Но, Анѓелков не останува само на ова структурно мешање на медиумите. Неговата интермедијалност е засилена и со изборот на темата, односно негов главен лик е еден скопски фотограф кого го знаеме под прекарот Панк и кој од поранешен панкер се претворил небаре во будист. Тој си го живее скопскиот живот со една спокојност и лежерност на просветлен мудрец. Во скопската бетонска џунгла, каде што цел живот се одвива како забрзано видео, Панк има сосема спротивен ритам. Тој е бавен и помирен со себеси и со светот. Тоа го прави на еден толку симпатичен начин, што не останува незабележан од спротивниот пол. Ете, тоа е крокито на урбаниот херој. Читателите имаат различно искуство со таквиот градски лик. Некои би рекле го нема, други дека познаваат сличен, трети се подготвени да се идентификуваат со него. Тоа го прави романот погоден за поголем успех, па дури и за добра продажба. Панк има една мудречка еквидистанца и кон добрите и кон лошите работи што му се случуваат. Носи една животна филозофија дека по ништо во животот не се трча (ни по автобус ни по девојка) и не се возбудува и кога е во друштво на најубави фото-модели (се разбира, не пропушта да ужива, но без зла намера) и кога ја губи девојката на својот живот, но и кога се заглавува во комплицирани релации со важни личности. Таа балансираност во односот кон ликот како авторски раскажувачки трик е одличен затоа што ја поттикнува идентификацијата на читателот. Ние и повеќе се нервираме од Панк, и повеќе стрепиме, а на крај и повеќе се радуваме за него поради неговите животни успеси. Анѓелков има еден фер однос кон совремието. Одбива да бара претерани и егзотични приказни. Во основа неговата приказна е банална, и без стилот на Анѓелков не може да привлече внимание. Животот во Скопје е банален, дури и кога Панк се заплеткува во несакан триаголник со влијателен амбасадор и неговата климактерична жена. Неговата екскурзија до Будимпешта и пронаоѓањето на љубовта на неговиот живот, живуркањето со омилените бендови, напуштањето, па повторното пронаоѓање на неговата девојка е нешто што му се случува речиси секому.
Се разбира, тука Анѓелков покажува мало привлечно мајсторство зашто паралелно со основната скопска приказна плете уште една што ја маскира како читање на омилената панк лектира, за опасната љубовна игра на двајца млади лондонци и нивната морбидна тинејџерска смрт. Оваа книшка приказна е контрапункт на сегашната скопска приказна. Таа укажува и на фактот дека Анѓелков е книжевен ерудит кој добро ги познава и ги владее т.н. метатекстуални техники. За разлика од многумина македонски постмодернисти, тој успева и оваа мала барокност дискретно да ја вплете во општата редуцираност на авторското писмо. Скопје во делото на Анѓелков дише не само како топос и бекграунд на приказната и локализираност на главниот лик кој е (не)типичен жител на овој град. Фотографот Панк го доловува она Скопје што го нема во обичните водичи и монографии. Тој е опседнат со тајните на градот, со ретките пасажи, необичните мали катчиња, комбинациите од мансарди и покриви, деловите од градот што поретко се користат. Тој ги слика со камерата, а авторот ги опишува во книгата. И во самото опишување авторот го презема предизвикот на исклучителност од неговиот лик. Тој вели дека небото над Скопје има боја на бамја. Необична компарација што укажува со каква преданост авторот го обмислува градот. Ретката сезонска билка што е кулинарски деликатес за Скопјани со ретка нијанса, што во себе ги вклучува и климатските, но и еколошките карактеристики на скопскиот хоризонт. Барем таа го наредува Анѓелков во антологиските скопски автори, рамо до рамо со авторите на познатите синтагми “изгор-лето” и “кочан-зима”.
(Текстот е објавен во месечникот „Економија и бизнис“ во септември 2014 година)