Со мјузиклот „Девојки од соништата“, кој ги размрда газовите на публиката во еден вокално-танцувачки транс, случајот е поинаков од останатите филмови од овој тип. Се работи за остварување реализирано претежно од Афро-Американци, што беше доволен сигнал за членовите на Академијата да го искористат моментот и повторно да ја докажат својата демократичност, доделувајќи му неколку актерски номинации, но не и онаа главната, за најдобар филм.
Филмот на Бил Кондон несомнено е добра забава, со што ја исполнува основната кино-цел. Блескавите костими и уметничката режија на одличен начин доловуваат различни временски периоди, а деловите зачинети со референци од историјата на Мотаун се вистинско уживање. Сепак, постои разлика при различните музички изведби, во кои некогаш, поради самото пеење, нема доволен простор за подлабоко изразување на чувствата кај ликовите. Од друга страна, пак, во неколку ситации, тие се пренагласени.
Целиот кастинг во филмот делува беспрекорно, но највеќе се издвојува Џенифер Хадсон, која заслужено го диби Оскарот за најдобра споредна улога. Штета што наградата не отиде и во рацете на Еди Марфи, кој изминативе 25 години напорно работеше само за една единстена номинација досега.
Се’ на се’, наградуваната театарска претстава на Бродвеј која ја раскажува приказната за соништата, успехот и високата цена на славата, сместена во 60-те години на минатиот век, доби своја достојна верзија и на големото платно, а според бројчаникот од кино-прикажувањето, доби и повеќе од очекуваното. Ви посакувам весела проекција 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 1 мај 2007 година.