„Едно лето со Паскал“ од Антоан Компањон

Деновиве од печат излезе четвртата книга во едицијата „Виртус“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Од прекрасниот серијал „Едно лето со…“ на Антоан Компањон, по Бодлер и Монтењ, овој пат францускиот автор не’ соочува со приказната за животот и делото на славниот Блез Паскал. Преводот од француски јазик е на Зоран Јовановски, корицата е дело на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е поддржано до Францускиот институт во Скопје.

Паскал беше виртуоз на францускиот јазик, но најпрвин неспоредлив математичар и физичар, а потоа и филозоф и теолог кому му немаше рамен. Неговите „Мисли“ содржат толку многу незаборавни изрази и слики. Повеќето од неговите изреки се врежани во сеќавањето на секој Французин: „Вечната тишина на овие простори ме ужаснува“; „Кој сака да стане ангел, станува животно“; „Срцето има свои побуди, што за разумот се непознати“.

Уште од Шатобријан, подзабораваме дека „Мисли“ ги нудат основите на „Апологија на христијанската религија“, а Паскал за нас го претставува модерниот човек распнат помеѓу науката и верата, заробеник на трагичноста на скриениот Бог и на анксиозноста на човековата состојба. Би требало „во весникот да се стават, не знам… „Мисли“ од Паскал“, велеше Сван на Пруст. „Тоа на некој начин е она што се обидов да го сторам во „Лето со Паскал“, изјави Компањон по повод излегувањето на оваа книга.

Писател и професор на „Колеж де Франс“, Антоан Компањон е автор на дела посветени на славни филозофи, писатели и поети од минатото. „Едно лето со…“ е серијал емисии првично емитувани на радио „Франс Интер“, а потоа соодветно преточени и во книги.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *