Емоционален ролеркоустер, „The Smile“ во Софија

Еден од музичарите кој сакав да го гледам во живо барем еднаш во животот беше (сега е веќе „беше“!) – Том Јорк. Се разбира, желбата наложуваше да се гледа комплетниот „Рејдиохед“ во живо, но кога веќе неговиот матичен бенд подолго време не е активен, тогаш се фаќате за она што е курентно во моментот. А „The Smile“ не само што се курентни, туку тие се оној нов ветер на зачмаената светска музичка сцена преполна со разни ретроа, ривајвли и уште какви не изрази на „р“ („ретроградни“ е веројатно најсоодветниот термин). Можноста да се гледаат во живо во Софија не смееше никако да се пропушти, и благодарение на најдобрата агенција за посета на музички настани, штипската „Еуротурс“, сонот стана јаве.

Интересно, во ист термин во Белград настапуваше Ник Кејв на пијано, придружуван од басистот на „Рејдиохед“, Колин Гринвуд. Обајцата набргу ќе издадат и заеднички албум. Сепак, изборот помеѓу класичното (Ник Кејв веќе одамна е класика, како Џони Кеш, неговиот идол од тинејџ деновите) и новото и авангардното натежнуваше кон второто, затоа што Кејв како да е постојано на турнеја, следната година можеби повторно ќе му свири на Вучиќ на увце промовирајќи го скапиот проект „Белград на вода“, додека „The Smile“ се актуелни оваа пролет, со турнеја која ќе ја финишираат доцна летово, и потоа којзнае кога, особено на овие простори.

Враќајќи се на претходно спомената музичка лоза „Гринвуд“, ми се чини дека, за разлика од Колин, неговото помало братче е она во кое лежи моќта на модерниот израз во музиката. Џони Гринвуд отсекогаш бил опседнат и фасциниран со музиката, и додека го гледате на настапите со матичниот бенд, тој е толку внесен во звуците што ги прозиведува и лично и колективно, што изгледа речиси нестварно. Многумина велат дека негова е заслугата за постоењето на side проектот „The Smile“, како што злобниците го нарекуваат – „Рејдиохед“, ама не е „Рејдиохед“.

Имено, за време на пандемијата со Ковид-19, токму Гринвуд „полудувал“ поради ускратувањето на можноста за музицирање во живо, па заедно со Том Јорк и тапанарот Том Скинер го обликуваат материјалот кој тој првично го искреирал. Но тоа се муабети за „мали деца“ и на крајот на краиштата навистина и не се важни. Важно е дека тие на сцената функционираат беспрекорно, „подарувајќи“ ни ролеркоустер од емоции чија вибрација се чувствува уште долго потоа.

Се израдував кога видов дека концертот ќе се случува на отворената сцена „Арена Софија – Велодром“ во паркот „Борисова градина“, веднаш до стадионот на „Левски“. Температурата беше висока за овој дел од годината, и можноста да се биде на отворено, а особено да се пуши и да се пијуцка за време на концертот беше ослободувачка. Настанот беше беспрекорно организиран, имаше и за јадење и за пиење (кој за што дошол!), па дури и да замиеш раце пумпајќи вода со ногата долу.

Opening act на настанот беше James Holden, популарен ди-џеј и продуцент (така велат!), кој потпомогнат за дел од нумерите од друг музичар на дувачки инструменти, ја загреа атмосферата на задоволително ниво.

Прекрасен момент беше тоа што програмата во живо започна додека се’ уште беше ден (да не заборавиме, Бугарија е еден час понапред од нас). Еден авион од небото се спушташе на софискиот аеродром (не)далеку оттука, сончевите зраци веќе ја губеа својата моќ создавајќи завршно позлатено шоу, видов многу убави млади луѓе, дечки и девојки, но и публика од средната и постарата генерација дојдени да им оддадат чест на Јорк и пријателите, а Холден исто така суптилно финишираше со својот сет, полека препуштајќи им ја ноќта на „The Smile“.  

Она што прво го видовме на сцената е Џони Гринвуд во прегратка со гитарата. Со карактеристичното фризурче над очите и погледот насочен надолу, тој ја држеше гушната гитарата додека другите членови не се прилагодат на сцената. Тие сето тоа го прават толку природно и ненаметливо, што е повеќе од симпатично. Исконско. Концертот, очекувано, започнува акустично.

Уште веднаш се гледа дека Том е расположен и во форма. „Има нешто во балканската храна“, си мислам, „некои состојки се неодоливи, и можат да го разбудат човекот во тебе“.

Вообичаено „студениот“ Јорк вечерва е на ниво на задачата. Тој е харизматичен, водач, брилијантен! Знае како да не’ води, знае кога да постигне врв, знае кога да ја смири атмосферата и да не’ натера да го слушаме и да му веруваме. Тој е врвен церемонијал мајстор, а повторно, ќе споменам, сето тоа е толку игриво и ненаметливо. Едноставно, доброволно се фаќате во неговата мрежа и им се препуштате на емоциите.

А тие, емоциите, се протегаат од највисоките врвови до најтемните длабочини. Момците со нивните аранжмани на песните создаваат солидна основа врз која Јорк со својата поезија може да си игра, да солира, да оди горе-долу, просто, неговиот вокал да биде уште еден инструмент плус со кој може да импровизира до бескрај. И притоа да танцува. Секси. Драгоцен е извикот на една девојка додека снимав една од песните: „YOU SEXYYYYY“! (клипот долу, на 1м27с). Да, Том е секси, и го знае тоа. Но му треба и потврда, и го бара тоа од публиката, а оваа несебично му возвраќа.

„The Smile“ зад себе имаат два албума, првенецот „A Light for Attracting Attention“ од 2022 година и актуелниот „Wall of Eyes“ објавен во јануари годинава. Или вкупно 21 (13+8) официјално објавени песни. На концертот отсвиреа една помалку (20), но радуваше тоа што тоа не беа стриктно отсвирени песни како на студиските остварувања, туку процесот беше отворен и никогаш не знаеш како слушател што те очекува зад следниот агол.

Том е зад клавијатурите, Џони е со гудалото, Скинер џезира на тапаните, четвртиот член (за жал, не го запаметив името) со дувачките инструменти (сакс, кларинет…) додава онолку звуци колку што е потребно, ни повеќе ни помалку, така создавајќи звучна слика која претставува исполнетост во целост. Нема празнина, нема празни одови. Само уживање од тема во тема.

Бендот ја завршува својата зацртана листа на песни, потоа, се разбира, се враќаат на бис, и свират уште три. Јорк влегува во темата „The same“:

People in the streets

Please

We all want the same

Please

We are all the same

Please

We all want thе same

Please

Исти сме, но и не сме. И во тоа е убавината. И Јорк и Џони, по планетарниот успех со „Рејдиохед“, можеа да се скријат во „глувчешка дупка“ и да живеат на стара слава. Но тие се музичари, ја сакаат музиката, ја живеат музиката, таа е нивниот повик, заради неа се тука, на Земјата, и тоа несебично го споделуваат со сите нас. И уште поважно за мене, Јорк отсекогаш гледал низ својата уметност да биде на страната на незабележливите, „мали“ но големи луѓе. Тој, промовирајќи ја својата музика, нема да сними некој спот во кој се фрлени милиони, туку повторно суптилно ќе посочи на тешкотијата со која се соочуваат работниците, да речеме, се разбира, метафорично прогласувајќи не’ сите нас за рудари кои постојано треба да ровариме по внатрешното јас барем за момент приближувајќи и‘ се на вистината. Така, во спотот за „Skrting on a surface“ го гледаме во улога на рудар кој ја турка вагонетката пред себе, пеејќи за опстојувањето над, или почесто, под површината на нештата:

Како добар контрапункт, „The Smile“ се тука и за најмладите, и импонира нивниот настап во едно училиште пред децата, кои љубопитно, низ зевка и насмевка, го следат нивното  музицирање. Можеби меѓу нив се крие идниот Том Јорк, или идниот Џони Гринвуд, или идниот Том Скинер, којзнае!?

Зошто се одлучив да ги гледам „The Smile“? Уште од времето на „Рејдиохед“, има една вибрација која ми ја дава Том Јорк за размена на заедничкото човеково искуство. Имено, човекот веќе има 56 години и богатно животно искуство зад себе како музичар, изведувач, уметник… Тој креира, создава нешто што го препознаваме како блиско. Јас сум шест години помлад од него, но ситуацијата е следната: тој доаѓа со својот бенд на сцената, и ни нуди заедничко искуство и размена на енергии. Без разлика на возраста, тој е музичар, ние сме публика, секој со својата професија и своите преокупации, но како да вели ајде овие два часа да ги надминеме сите бариери и да му се радуваме на животот, без оглед на се’. И да го направиме животот барем за момент подобар, поубав. Тоа го препознавам како зрелост, како начин да се надмине ситуацијата и барем за момент, ете, барем за тие два часа, да се почувствуваш како човек. Искуството е непроценливо.

Наивно си велам, ех кога би можел ваквиот пристап да се примени врз секојдневието, врз секојдневните меѓучовечки односи, каде секој е свесен за ситуацијата, каде егото го снемува (како кај Џони Гринвуд, па има ли тој човек его, по ѓаволите? па тој со децении е музичка ѕвезда!), и секоја интеракција меѓу две човечки суштества се одвива на зрел и достоинствен начин. За жал, веројатно ќе почекаме уште долго за нештата да го достигнат ова ниво на комуникација.

И на крајот, зарем има подобро име за бенд од „Насмевката“? Таа е клучна за време на многу животни премрежија. Насмевката е клучна и во радоста и во тагата. Насмевката е клучна и по завршувањето на концертот на „The Smile“, како што добро заклучија сопатниците, едноставно не можеш да ја тргнеш од лицето. Тоа задоволство кое вибрира низ целото тело е непроценливо. Чисти однатре. Како исцелител. „The Smile“ се исцелители на душата. Им посакувам уште многу реализирани албуми и настапи, допирајќи до многу индивидуи ширум светот. Тие се мелем за раните длабоко во нас.

Размислувајќи постфестум за доживеаното, зачудува фактот што за концертот во Софија едвај се собравме десет луѓе од цела држава. Автобусчето за Кејв беше пополно, но каде се младите деца во потрага по нешто ново и возбудливо на музички план? Се разбира, ја земам предвид и можноста да имало заинтересирани кои во сопствена режија го посетиле концертот во бугарската престолнина, ама и таа, претпоставувам, минорна бројка, не е за фалење. Но уметноста ја има таа моќ да влијае макар врз еден човек, не мора тоа да е толпа луѓе, нели, бидејќи промените секогаш доаѓаат од поединецот, а не од масата, така што да оставиме процесот, за оние што го видоа и доживеаја концертот, да си се одвива на природен начин, не разбудувајќи ги злите духови наоколу.

За мене ова беше фино навраќање на едно време во младоста, во 90-те години на минатиот век, кога токму со „Еуротурс“ гледав некои од најбитните концерти во мојот живот во Будимпешта. Посетата на концертот на „The Smile“ во Софија дојде како одбележување на 30-годишниот јубилеј од првото од неколкуте тогашни патувања (Ник Кејв, Let Love In, 1994), во друштво со секогаш драгиот Штипјанец Горан Јовановиќ.

До следниот пат, и до следниот албум на „Усмевката“, како што соседите ги претставија во рекламниот материјал, големото финале на завчерашниот концерт:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *