Важно соопштение за сите љубители на литературата и филмот: деновиве од печат излегува нова книга од ИЛИ-ИЛИ работилницата, која на суптилен начин ги поврзува токму овие две нешта. „Филмски клуб“ на канадскиот писател Дејвид Гилмор е прекрасно понирање во внатрешноста на човековата личност преку филмската уметност, како пријатен муабет меѓу двајца стари пријатели. Ова е совршено четиво за летниот период, супер разбирливо и читливо, а истовремено доволно провокативно за да ве остави будни. Одамна не сум прочитал вакво нешто, навистина уживав!!!
„Приказна за татко и син во 117 филмови. Прекрасен приказ како момчињата созреваат во мажи.“ Гардијан
„Ова е книга за филмовите и за тоа како тие можат да го обликуваат нашиот живот. Исто така, ова е книга за родителството и за тоа колку многу влијаеме врз животите на нашите деца“. Буклист
„Доколку сакаш да созрееш, освен секојдневното животно искуство, сосема препушти и’ се на Седмата уметност, таа може да те однесе на неверојатни места. Токму тоа и го прават двата главни лика во оваа прекрасна книга. Гледајте филмови, можеби ќе ви го сменат животот!“ Игор Анѓелков
Дејвид Гилмор (1949) е роден и живее во Канада. Работел како филмски критичар и новинар, подоцна почнал да пишува и романи, а денес е професор на Универзитетот во Торонто. Голем дел од кариерата на Гилмор се потпира врз неговите телевизиски емисии и написи во списанија посветени на филмската уметност и важи за еден од водечките канадски експерти за филм. Но, тој е многу успешен и како писател. Своите први романи ги објавува уште во осумдесеттите години на минатиот век, а голем успех постигнал со Совршена ноќ за патување во Кина (2005) и Совршениот поредок на нештата (2011). Сепак, негово најпознато дело е мемоарската книга Филмски клуб (2007), која важи за бестселер и е преведена на десетина светски јазици.
За да нема забуни, авторот не е Дејвид Гилмор од Пинк Флојд, што се гледа и од фотката на постерот 😉
Еве и еден прекрасен извадок од книгата, поврзан со филмот „Сјаење“ (Shining) на Стенли Кјубрик:
„Филмскиот клуб“ продолжи со работа. За да го заинтересирам Џеси да гледа повеќе филмови, а сето тоа да не личи на училиште, измислив една игра која ја нареков „откриј го генијалниот момент“. Тоа подразбираше сцена, дијалог или слика која може да ве натера да потскокнете од седиштето, поради која срцето може да ви заигра. Почнавме од нешто едноставно, „Сјаење“ (1980) од Стенли Кјубрик. Приказна за еден пропаднат писател (Џек Николсон) кој во напуштен хотел полека го губи разумот и се обидува да го убие своето семејство.
„Сјаење“ веројатно е најдобриот филм на Кјубрик. Меѓутоа, авторот на романот според кој е снимен филмот, Стивен Кинг, беше згрозен и воопшто не беше благонаклонет кон режисерот. Секако, истото важи и за многу други – Кјубрик беше познат како саможивен ситничар кој ги тера актерите бесконечно да ги повторуваат сцените, при што добива крајно сомнителни резултати. Кога ја режирал сцената во која Џек Николсон со секира го убива Скетмен Карадерс, Кјубрик ги терал да ја повторат точно четириесет пати и најпосле, кога забележал дека седумдесет годишниот Карадерс е видно исцрпен, Николсон му рекол на Кјубрик дека е доволно и дека тој повеќе нема намера да ја повторува сцената.
Во друга ситуација, за да го задоволи Кјубрик, Џек морал дури педесет и осум пати да ја брка по скалите својата жена (Шели Дивал) која мавта со нож. (Дали толкав труд бил вреден? Дали вториот или третиот обид можел да се смета за прифатлив? Веројатно.) Но поважно е тоа што Стивен Кинг изјави дека Кјубрик „не го разбира“ жанрот хорор, дека нема поим како функционира. Од едно од почетните снимања на Сјаење Кинг замина згрозен, а филмот го спореди со „Кадилак“ без мотор. „Влегуваш во автомобилот, кожата мириса, но залудно – сакаш да возиш, а тој не мрда.“ Отиде и чекор подалеку, тврдејќи дека Кјубрик прави филмови за да „повредува луѓе“.
Во тој поглед, до извесен степен, се согласувам со него, но „Сјаење“ го обожавам. Ми се допаѓа како е снимен филмот, ми се допаѓа осветлувањето, звукот на тркалата на трициклот додека поминуваат од тепихот на дрвениот под, па повторно се враќаат на тепихот. Одново се плашам секогаш кога близначките ќе се појават во ходникот. Меѓутоа, за својот генијален момент ја избрав сцената во која Џек Николсон халуцинира дека разговара со хотелскиот келнер кој неодоливо потсетува на старовремски британски батлер. Разговорот се одвива во тоалет осветлен со заслепувачка флуоресцентна светлина во портокалова и бела боја. Дијалогот тече сосем обично сè до еден момент кога келнерот ќе го предупреди Џек дека неговиот мал син „создава неволји“ и дека можеби „треба да се пресмета“ со него. Келнерот (Филип Стоун) со своето беспрекорно спокојство и снижениот тон ја „краде“ сцената. Обрнете внимание на тоа како на крајот на секоја реченица ја затвора својата сува уста. Како да става дискретен, латентно опсцен знак на интерпункција.
И тој имал проблеми со своите деца, му се доверува келнерот на Џек. На ќерка му не ѝ се допаднал хотелот, па се обидела да го запали. Но тој ја „поправил“ (со помош на секира). „А кога жена ми се обиде да ме спречи да ја извршам својата должност, ја ‘поправив’ и неа.“ Совршена глума, за разлика од онаа на Џек, која не ми остави некој посебен впечаток уште од првиот пат кога ја видов во осумдесеттите. Овде тој изгледа вознемирено, речиси аматерски, изненадувачки лошо, особено покрај англискиот актер кој исклучително се контролира себеси.
Меѓутоа, изборот на Џеси за генијален момент во филмот беше различен. Тој се реши за сцената во која детето рано наутро се прикрадува во собата на Џек за да ја земе својата играчка, и таму го наоѓа татко си како седи на креветот и зјапа во празно. Таткото го повикува да му пријде, детето го послушува и неволно седнува во скутот на Џек. Гледајќи го неговото неизбричено лице и заматените очи – во сината домашна наметка Николсон е блед како мртовец – детето го прашува зошто не си легне да спие. По кратка пауза следува морничав одговор: „Имам многу работа“, а тоа значи, како што насетуваме, да го искасапи своето семејство, исто како што направил и келнерот.
„Тоа е тоа“, шепна Џеси. „Може ли да ја гледаме оваа сцена одново?“