Максимално ангажираниот американски „неранимајко“, сценаристот и режисер Мајкл Мур, направи вистинска револуција со своите документарни филмови, кои „американскиот сон“ го сведоа на разголена реалност која на многумина не им се допаѓа. Неговото влијание е огромно, а тоа може да се види и од редицата доку-остварувања кои во последниве години не’ заплиснаа од сите страни на светот, неретко, поради големиот интерес, останувајќи на кино-репертоарот и по неколку месеци. Тука не станува збор за оние „квази-приказни“ кои обработуваат теми како тајни заговори, крај на светот, масонерија и слично, туку за вистински провокативни парчиња во кои авторите навистина се потрудиле низ истражувања и непобитни факти да ни откријат барем дел од (не)вистината во која денес сите ние живееме, длабоко соочувајќи не’ како пасивна публика со активен ум со комплексните социјални, општествени и политички прашања кои сите не’ засегаат, а кои најчесто ги игнорираме.
Последниве години индустријата за храна во САД е на вистински удар на тамошните филмаџии. По филмот „Super size me“ (2004) на Морган Спарлок, во кој авторот без влакна на јазикот ни ја открива болната вистина за нездравата брза храна, и „King corn“ (2007) во која пак Арон Вулф ни раскажува за функционирање на системот на дистрибуција на храната во Америка, новото актуелно чудо насловено „Храна, инк.“ ја продолжува сагата за демистифицирање на сите игри околу една од најважните работи за човековата егзистенција – храната.
Само еден месец по прикажувањето во кината низ САД, документарецот на Роберт Кинир навлече толку голем гнев врз себе, што дури се формираше и Алијанса на трговски друштва која на секој начин сака да го оспори провокативниот филм, иако неговата намера е да ги едуцира Американците да размислат за она што секојдневно го ставаат во желудникот. Ставот на Кинир е дека денес имаме евтина и достапна храна за сите, која во исто време и е доста нездрава, предизвикувајќи дури 70 илјади Американци годишно да починат од опасната бактерија Ешерихија коли.
Со намера да ја разголи приказната докрај, авторот врши истражување во живинарските фарми, кадешто пилињата со својот деформиран изглед, наполнети со концентрат, личат на се’ друго, освен на вкусно пилешко месо. Сепак, најшокантен дел во филмот е оној во кој единствениот спас за многумина, диетата, исто така се поврзува со честите заболувања и со зголемувањето на смртноста. „Food, inc.“ треба да се изгледа, и потоа секој за себе да си извлече заклучок. Во меѓувреме: „Шефе, дај уште една десетка со кромид!“
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 23 јуни 2009 година.