Добриот, лошиот и косоокиот

Нетрпеливо чекам да го видам новото остварување на налудничавиот Квентин Тарантино насловено „Неславни копилиња“, кој премиерно беше прикажан минатиот месец во Кан. И додека дистрибутерите не се сетат дека ќе направат добра зделка доколку го донесат филмот што побргу во домашните кино сали, доколку фановски и’ пристапиме на работата, тогаш филмските потреби во меѓувреме ќе ги задоволиме со јапонскиот филм „Сукијаки вестерн-џанго“, несекојдневно остварување кое споменатиот холивудски „enfant tеrrible“ актерски го отвора и го затвора, како добар дух над целиот проект.

За волја на вистината, Тарантино е само минорен дел од оваа приказна. Веќе пишувавме за суптилното враќање на вестерн жанрот на сцената, мудро не споменувајќи го токму овој филм, кој сепак е засебен свет за себе. Злобниците би рекле „кога дојде време и Јапонците да снимаат вестерни, на што понатаму ќе личи оваа моментна каша-попара?“ Но, секако, грешат! Пред се’ поради бекграундот што зад себе го има авторот на овој проект, Такаши Миике. Станува збор за култно име на современата јапонска кинематографија, кој последниве 15 години сними еден куп наслови кои редовно ја замрзнуваат крвта во вените, на почетокот на филмофилите во неговата матична земја, а подоцна и на оние од остатокот од светот. По низа остварувања од хорор жанрот, Миике се одлучи да си поигра и со најфилмскиот жанр, вестернот, давајќи му нов шмек.

Мистериозен пиштолџија пристигнува во малиот град, во кој два клана водат борба за закопаното благо. Сите се прашуваат чија страна ќе заземе странецот. Ова е сосема краткиот синопсис за оваа јапонска шпагети-вестерн приказна, која изобилува со сцени со пукање, стилизирано насилство, многу крв, и можеби, по некоја солза. Звучи познато, зар не? Погодувате, сето ова е инспирирано од жанровскиот гуру Серџо Леоне, но во случајов, многу повеќе со еден друг имењак, Серџо Корбучи, чиј надреален и насилен филм „Џанго“ од 1966 година е појдовна точка за филмот на Миике. На екранот гледате класичен вестерн, но се’ е некако поинакво, бидејќи главните протагонисти се косооки, а тоа предизвикува, во најмала рака, психоделичен ефект кај гледачот. Затоа, „Сукијаки“ е, што би рекле, „a must see“ филм, со надеж дека ќе ги тргнете сите предрасуди и вистински ќе уживате во него.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 30 јуни 2009 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *