Паралелно со македонските етаблирани музички имиња со куп албуми и концертно искуство, долги години наназад (значи веќе зборуваме и за некаква традиција) егзистира и една поинаква музичка сцена, полна со енергија, бистар ум и свежи идеи, кои, за жал, се’ поретко наоѓаат место под сонцето, освен некои инцидентни настапи под закрила на ентузијазмот на неколку луѓе од истата таа сцена. Но, неможноста за редовно издавање албуми и какво-такво концертирање не ги спречува овие момци да продолжат да работат далеку од медиумскиот простор, кој речиси воопшто на е заинтересиран за нивниот светоглед.
„Фрагмент“ е токму еден таков бенд кој се појави неодамна, како сублимат на неколку други бендови кои, и покрај ваквата нова констелација со членовите, и понатаму постојат и музицираат. Жарко, Коста, Шон и Игор решија својата љубов кон музиката да ја продолжат во проектот со интересно име, кое асоцира на исечок од нечиј живот, мојот, твојот, сечиј. Сепак, целта на бендот е целината, која, дејствувајќи искрено и заеднички, и самите ја сочинуваат, а нивната отвореност кон реалноста и сето она што се случува околу нас ја искажуваат на прекрасен начин, преку социјално ангажирани текстови и музика, која совршено одговара на она што тие гласноговорнички сакаат да го искажат.
Жанровската определба на Фрагмент се движи во мелодичното хард-кор панк милје, чии корени датираат во 80-те години на минатиот век. Некои од бендовите од овој правец милуваат да ги искажуваат своите вибрации преку љубовни текстови, но Фрагмент, како што истакнуваат момците, живее на друг простор и во друго време, па затоа звучат токму така како што звучат – енергично и бескомпромисно.
Формирани се пролетта 2002 година и досега имале неколку забележителни концертни настапи. Премиерно на публиката и’ се претставиле неколку месеци подоцна (14 октомври) во кумановскиот клуб „Лајф“, заедно со „Поинт бленк“ и „Панишед“ од СЦГ. Следува гостувањето на концертот на битолските „Паркети“ во клубот „Лејди блу“ единаесет дена подоцна, па повторно Куманово (нивниот „втор роден град“), свирката во клубот „Вулкан“, минитурнејата во Војводина со бендови од Србија и Црна Гора и од Унгарија, и засега последниот настап на фестивалот „Фјужн опен ер“ летово во Отешево.
Првото И-пи на бендот насловено „Производ“, како предигра пред издавањето на нивниот деби-албум идната година, е снимено во живо на 23 март во Макотекс во просторијата за пробување, за рекордно време од четири часа, во продукција на Гени и членовите на бендот. Се работи за „производ“ што содржи четири теми (Роден на земја, Производ, Ова е реалноста и Проклет Балкан), кои на симптоматичен начин ја доловуваат фрустрацијата на новото, модерно време, неговите небулозни стапици и неможноста за изразување во вистински правец на младиот, збунет човек. Како куриозитет за ваков редок самиздат на овие простори, момците се потрудиле на изданието да стават и видео-материјал, кој содржи дел од еден нивен концертен настап, минибиографија, кратко филмче и сите текстови од песните, значи и тие што не се влезени на првенчето. Промоцијата се случи на 20 јуни во културната локација „Место“, кадешто Фрагмент со жива свирка, која е единствениот начин за вистинска промоција, го презентираа својот жесток материјал, на задоволство на многубројната публика. Инаку, ЕР-то за симболична цена од 150 денари може да се купи во книжарницата „ИЛИ-ИЛИ“ и во скејт-шоповите „Јунити“ и „091“.
Сите сме дел од некаква или нечија приказна, само што некои се свесни за тоа, а други и понатаму безглаво пливаат низ струјата. А работата за позитивен стремеж во животот и не е толку комплицирана, треба само да бидете искрени кон сето она што се случува околу вас и да имате храброст отворено да зборувате за работите што ви пречат или, подобро, ве воодушевуваат. И покрај гневот во нивните текстови и борбата против стереотипите што не’ задушуваат, момците од Фрагмент се полни со љубов, верба и поддршка за сите што ја сакаат музиката, или како што пишува во интрото на веб страницата на бендот (www.fragment.com.mk): Фрагмент не е бенд, туку идеја. Фрагмент може да биде секој со топло срце и отворен ум.
@Текстот е објавен во „Антена“ на 22 август 2003 година.