Интервју со Кристијан Даниловски
Кога размислував за репрезентативно интервју од областа на филмската уметност за јубилејниот број на МОЈ КЛУБ, изборот се наметна природно – едноставно, компанијата за визуелни ефекти „FX3X“ е најуспешниот македонски извозен бренд на филмски план. Приказната фино се заокружи на почетокот од јули со промоцијата на универзитетското помагало и збирка бизнис-студии на случај, насловена „Кршење мраз на претприемачки начин: Процеси и студии на случај за успешни претприемачи од Централна и Источна Европа“, во која македонската компанија влезе меѓу петнаесетте фирми чии стории зборуваат за освојување на меѓународните пазари, доаѓајќи од економии во транзиција, чија движечка сила е трансформацијата кон поконкурентни економии. Во исто време, се случи и скопската и светската премиера на петтиот дел од серијалот „Терминатор“, во кого прсти вмешаа и нашите аниматори. За сево ова, и многу повеќе, низ разговорот со еден од основачите на „FX3X“, Кристијан Даниловски.
– Финализацијата во книга на приказната за успешноста на вашата компанија, всушност, започна во 2011 година во Варшава. Кој, освен вас, беше виновен за ваквиот развој на настаните и како се одвиваа тие од пред четири години до денес?
К.Д. За тоа што нашата приказна заврши како case study за успешна приказна во академски учебник, покрај нашиот тим се заслужни професорките Македонка Димитрова и Илијана Петровска од Универзитетот Американ колеџ Скопје. Од нив потекна идејата да се напише студијата и да нè номинираат за Европски шампиони за претприемништво во 2011 година, и повторно по освојувањето на наградата со нивен труд произлезе овој академски учебник, кој го претставивме на промоцијата во „ФХ3Х“, што воедно беше и првото претставување на оваа книга. Благодарност до нив и до сите што беа на промоцијата од мене, од соосновачот Миливоје Ѓорѓевиќ, како и од целата екипа на „ФХ3Х“.
– Димитрова и Петровска на конференцијата за новинарите ја раскажаа онаа романтичната, ентузијастична приказна дека една од причините за вашиот меѓународен успех е визијата и упорноста да се истурка докрај она што сте го замислиле. Но што, всушност, содржи поглавјето во книгата во кое сте претставени, каков тип податоци им нуди на младите претприемачи што ќе имаат можност да ја прочитаат книгата, до која мера сте ‘соголени’ од приредувачите на книгата, коавторите Џулија Пратс, Марк Сосна и Силвија Шишко – Романчук?
К.Д. Пред конкретно да го одговорам прашањето, сакам нешто да појаснам: свесен сум дека сме единствена македонска компанија што влегла во ваков учебник, и тоа со намера го преформулирам во прва, во очекување на многу други наши компании, кои ќе го дадат својот пример преку својата иновативност, упорност и професионалност. Околу соголувањето, па реално и не би го нарекол така – сепак беше процес при кој наоѓавме модели како да го прикажеме развојот, а да ги испочитуваме нашите клиенти, а воедно да биде интересно мотивациско четиво за оние што ќе го користат учебникот. Книгата опфаќа повеќе моменти од работењето на „ФХ3Х“, како и клучни одлуки и активности врзани за нашиот развој. Верувам дека го најдовме вистинскиот баланс и дека со ова придонесовме да се издаде еден интересен учебник што ќе се користи во универзитетите низ светот.
– Дури и самите професорки, по двеиполгодишно истражување и работа со вас, на крајот рекоа дека не откриле кои се тие моменти што можат да се сметаат за клучни при финалниот успех на вашата компанија. Според вас, сепак се работи за неколку клучни моменти во вашето, еве веќе осумнаесетгодишно дејствување на пазарот…
К.Д. Досегашното искуство ми покажува дека не постои нешто што би го нарекол финален успех, секогаш може подобро :). Но сепак, имаше многу клучни моменти, во повеќе наврати чувството беше како да почнуваме од почеток, а повторно, не можам да издвојам еден како клучен. Мислам дека не постојат работи како финален успех или неуспех, некои места што ги претставуваат врвот или дното. Многу е поважно да ги следите идеите што ве поттикнале да ја започнете авантурата и одвреме-навреме да се проверите дали сте на вистинскиот пат. За нас оваа динамика претставува вистински предизвик, и ако знаете кој е вашиот пат, ќе се чувствувате инспирирани, мотивирани, и со малку среќа, и задоволни. Особена мотивација ни биле моменти, како на пример кога го добивме првиот холивудски филм, „Авијатичарот“ на Скорсезе – беше навистина нешто ново и голем чекор кон она што ни беше идејата. Втор таков момент беше кога започнавме соработка со „Industrial Light and Magic“ на Џорџ Лукас, и тоа на филмот „Терминатор: Спасение“, понатаму започнувањето соработка со „MPC Technicolor“ и ред други.
– Кои беа првичните замисли во средината на 90-тите со вашиот партнер Миливоје Ѓорѓевиќ кога ја стартувавте компанијата? Дали уште на почетокот сонувавте за Холивуд или сепак бевте поскромни во очекувањата?
К.Д. Имавме среќа со Мишко да ја споделуваме истата идеја од самиот почеток. Уште пред да ја основаме „ФХ3Х“, нашата амбиција беше да работиме на холивудски филмови и во поглед на нашите цели не бевме воопшто скромни – нè инспирираа филмови како „Терминатор 2“ и „Паркот Јура“. Не се фокусиравме на очекувањата, се посветивме на тоа како да го постигнеме тоа.
– Како дојде до моментот да скокнете во тавче и да почнете да работите на холивудски остварувања?
К.Д. Ние сакавме да работиме на филмови, фирмата во која бевме тогаш немаше такви планови, и решението беше очигледно, ако никој не ја споделува нашата идеја, тогаш треба самите да си ја реализираме. Не беше прашање ДАЛИ туку беше прашање КАКО. Бидејќи во тој момент оваа индустрија забрзано се развиваше, имаше доволно примери глобално и наше беше да бидеме отворени за промени и да бидеме подготвени да учиме.
– На колку и на кои холивудски филмови работевте досега и колку (групни) награди стојат зад вас?
К.Д. Досега сме учествувале во повеќе од 60 холивудски проекти, десетина македонски и регионални продукции, неброен број реклами. Во однос на наградите, во 2007 година бевме номинирани за наградата ЕМИ за телевизиската серија „Патот до 11 септември“ на Дејвид Канингам, a по ова признание имавме среќа да работиме на филмот „Златниот компас“ на Крис Вајз, кој во 2008 освои „Оскар“ за визуелни ефекти. Во последниве неколку години, речиси секоја година некој од филмовите на кои работиме е номиниран за Оскар за визуелни ефекти, секако посебно се истакнува 2012 година, кога работевме на три од петте номинирани филмови: „Одмаздници“, „Прометеј“ и добитникот на „Оскар“ за најдобри визуелни ефекти, „Животот на Пи“.
– Како функционира тој момент при финализација на замислените сцени – колку вие нудите решенија, или сепак станува збор за режисерска визија при која вие сте само извршители на бараното?
К.Д. Се работи за колаборативен процес. Главните решенија од областа на визуелните ефекти во еден филм се решаваат помеѓу режисерот и супервизорот на визуелните ефекти. Имено, супервизорот е задолжен да ја реализира режисерската визија и притоа да ги предложи најефективните решенија. Понатаму главниот супервизор за визуелни ефекти го комуницира договореното со компанијата или компаниите задолжени за изработка на визуелните ефекти.
– Како изгледа еден вообичаен работен ден на Кристијан Даниловски? Низ какви премрежија треба да помине во текот на денот, за проектите што се во тек да бидат готови навреме?
К.Д. Секој ден е различен дотолку повеќе што работиме со повеќе клиенти во различни временски зони, но ако бараме по нешто заедничко, тоа би било утринското кафе со Мишко (всушност, тоа е свежо цеден сок), брифинзи со продуцентите од визуелните ефекти и анимација, прегледување на некој понапреден кадар од филм за show reel, разговори со супервизорите за најновите проекти, а попладне и со клиентите, со некои на конференциски повик, со некои по имејл…
– Веќе имате повеќе од двесте вработени, претежно млади луѓе, вљубеници во филмската анимација. Колку е лесно или тешко да се најде квалитетен кадар во Македонија?
К.Д. Она што е најважно е дека во Македонија има луѓе што сакаат да работат, кои се вредни и кои се гордеат со она што ќе го сработат. Тоа е она што заедно нè придвижува напред. Кадар што е подготвен веднаш за работа, не е можно да се најде, за што бевме свесни уште од почетокот, така што ни беше вклучено во нашите размислувања и планови за развој. На почетокот моравме целосно да му се посветиме на овој процес, а сега е полесно од порано, бидејќи со текот на годините започнавме да остваруваме контакт и соработка со сите образовни институции во Македонија, со кои имаме каков било допир со она што се работи кај нас. Без разлика дали се универзитети, приватни или државни, од кои посебно би гo напоменал ФИНКИ, или приватни академии како што е на пример New Man’s, веќе креиравме успешни модели на обука со кои добиваме кандидати со вистински солидна основа. Понатаму нивните знаења можеме многу лесно да ги подигнеме на бараното ниво, преку нашиот интерен тренинг каде што се стекнуваат со знаење за да можат да почнат да работат на проектите.
– Што им е повозбудливо на момчињата и девојките – да работат на 2Д или 3Д филмови?
К.Д. Мислам дека повеќе зависи од филмот и комплексноста на работата во него, отколку дали е 2Д или 3Д. Секако дека работењето во 3Д претставува поголем предизвик поради дополнителните барања за стереоскопија, но добар дел од основните процеси и постапки се идентични, така што на крај сепак решава самиот филм.
– Последниот филм во кој имате удел е петтото продолжение на „Терминатор“, еден од најуспешните филмски серијали. Тоа на некој начин е остварување на сонот на секој филмофил. Колкав е вашиот удел во филмот, врз кои сцени работевте, и воопшто, со колкава минутажа во просек сте присутни во филмовите во кои досега сте работеле?
К.Д. „Терминатор 2“ ни беше еден од филмовите што нè инспирираа да се занимаваме со визуелни ефекти. Ова е веќе втор филм од серијалот на кој работиме по „Терминатор: Спасение“, и за нас е навистина задоволство што еве сега работиме на филмови за кои некогаш сме “сонувале” да работиме. На „Терминатор: Генезис“ изработивме 7 секвенци, во период од два месеца и со екипа од 20 артисти. Минутажата и работата во филмовите варира, на пример на проектот „Tomorrowland: A World Beyond“ како дел од екипата на најстарата, најголемата и најистакнатата компанија „Industrial Light and Magic“ работеа 70 артисти во текот на 9 месеци, и тоа е најобемен проект досега во целокупното наше работење. Се разбира работата на проектите се зголемува, така што сум сигурен дека наскоро ќе зборуваме и за проекти со уште поголем обем на работа.
– Претпоставка е дека конкуренцијата низ светот во овој бизнис е голема. Колку пазарната цена, која варира од земја во земја, е еден од факторите за грабање дел од филмскиот колач?
К.Д. Нормално е дека цената игра важна улога, сепак е глобален пазар, но она што ние го нудиме е врвен квалитет, знаење и искуство, и достапност на клиентите во секое време. А она што нè прави квалитетни е постојаното учење и приспособувањето на нови техники и технологии.
– Често патувате во Лос Анџелес, на бизнис-состаноци. Колку тие се задоволство, а колку напор да се остане во игра, во тек со настаните, филмот, бизнисот? Со какви луѓе се соочувате?
К.Д. На тие состаноци им посветувам многу време и енергија, сепак тоа се состаноци со врвот на нашиот бизнис глобално, се среќаваме со врвни професионалци од нашиот „свет“ и го вложуваме трудот, мораме секогаш да сме фокусирани и да се презентираме во најдобро светло. Ниту едно задоволство не доаѓа без многу вложена енергија, почитувањето на нашите клиенти и соработници во Холивуд не го сметам за напор, всушност нашето мото уште од почетокот е „Star Quality without the Star attitude“, ние не сме ѕвезди, ѕвездите се на екранот.
– И за крај, што е она што ве опушта, покрај филмовите кои се ваша професионална определба. Имате време да прочитате некоја книга, да отидете на концерт, можеби на рибарење со пријателите? Некое хоби?
К.Д. Си посветувам квалитетно време на семејството и на пријателите, и иако барем мене ми е премалку таквото време, тогаш исклучувам сè друго, и сега-засега функционира :). И правам сè што во моментот ме прави среќен.
(Интервјуто е објавено во магазинот „МОЈ КЛУБ“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)