„Филм.мкд“, предговор

Уф, ова беше напорно задоволство!

Сè уште приказната во оваа книга не започнала да се одмотува, а веќе имаме два збора за промислување. Па да, напорно беше да се прегледаат повторно 502 емисии, а потоа од маркираните да се извадат потребните интервјуа со македонските филмаџии. Башка првите 170 епизоди беа архивирани на ВХС-касети, а моето видео одамна беше во аут. Имаше денови кога мислев само на плеј-стоп копчињата… плеј-стоп-плеј-стоп-плеј-стоп… и така во недоглед. Но, истовремено сето тоа во мене предизвикуваше огромно задоволство, затоа што сфатив дека во претходните 11 години, колку што магазинот “Филмополис“ се емитуваше во етерот, сум РАБОТЕЛ! И сум сработил еден куп квалитетен материјал поврзан со мојата голема љубов – Седмата уметност. А тоа може да се погледне само од дистанца, откако ќе излезеш од ритамот наречен – една емисија неделно, секој понеделник од 21 часот (иако магазинот три сезони се емитуваше и во 22.30, а по него следеше некој одличен наслов, како заокружување на филмската вечер на Телма, само за сладокусци).

Можеби прозаично и веќе прочитано, видено и чуено, но љубовта кон филмот, како и кај многумина, кај мене се јави уште од мали нозе. Термините на поранешната ТВ Скопје, како среда во 20 часот на Прва (култното „Кино-око“ со кинотечни и авторски филмови), петок навечер по 22.30 на Втора (еден куп хорори и Б-остварувања), недела попладне во 17 часот на Прва (семејни драми, вестерни, но и класици на филмот, како Хичкок), или понеделник во 22.30 на Втора (ох, грешка, тогаш одеше „Династија“)… ги голтавме како шеќер на благо наводенета кришка, или црна сол на замаслена корка леб. Потоа приказната природно си течеше понатаму преку проекциите во термините кино-утро во 10 часот, за подоцна да дојде инвазијата на видеотеките и културата на позајмување филмови, гледање по два-три пати и враќање назад на касетата, и повторно од почеток.

Кога во средно училиште („Орце Николов“) одлучив дека ќе студирам новинарство, знаев само дека ќе следам „култура“, но не и дека ќе се специјализирам за филм. Во средината на 90-тите години на минатиот век, на домашните телевизии, кои штотуку се отворија, се прикажуваа еден куп филмови без платени права, без никаков ред, но тоа од друга страна беше прекрасно зашто се надополнуваа дупките кај филмофилите, кои со години беа гладни за квалитетни остварувања од историјата на филмот, но и за оние, трендовските и актуелните. Во тоа време моето случајно учество на квизот „Синеманија“ на А1 телевизија со водителот Влатко Галевски, кај мене уште повеќе ја зацврсти желбата за посериозно занимавање со проблематиката на филмската уметност. Набргу потоа го добив и мојот прв медиски ангажман во култното музичко радио „Канал 103“, каде што по музичкиот магазин го преземав уредувањето и на филмскиот. Терминот беше вторник од 19 до 21 часот, и според тогашните, но и подоцнежните реакции од луѓе што ги познавав, терминот бил слушан. Емисијата се викаше „REDRUM 103“, позајмено од филмот „Сјаење“ на Стенли Кјубрик, збор што доколку се прочита во огледало има поинакво, суштинско значење, но јас искрено се надевав дека не ги убивам во поим слушателите на „Стотројка“ со моето поимање на филмот.

По враќањето од отслужувањето на воениот рок, се појави простор во ТВ Телма за реализација на филмски магазин откако завршила соработката со претходните новинари. Со подготвен синопсис, кој содржеше конкретни рубрики и намери што би содржела емисијата, добив позитивен одговор за старт на емисијата. „Филмополис“ имаше прекрасна алузија на култниот филм на Фриц Ланг, „Метрополис“, и со тоа допадливо име приказната почна да се тркала од октомври 2003 година. Стегнатоста на водителот во првата сезона веќе во втората беше надмината. И покрај скромната сценографија, сепак многу поважно беше да се види што емисијата има да понуди и авторот да каже, а сето тоа да биде одлично визуелно скоцкано, бидејќи сепак зборуваме и презентираме ФИЛМ.

Прв гостин во магазинот беше режисерот Ѓорче Ставревски, чии документарни и кратки играни филмови („Мишо“, „Розе филм“) уште на почетокот ги сакав. Првата епизода, конкретно, содржеше преглед на нови филмови, кавер на Квентин Тарантино, како типче што сака да ги врати вредностите на поп-културата на големото платно, потоа искажавме став за киносалите и дека публиката се враќа како преоптимистична изјава, а ја покривме и кинопремиерата на филмот „Матрикс: Револуција“.

И генерално погледнато, во првата сезона пред камерите застанаа неколку млади имиња со различни филмски професии, кои денес веќе сериозно се навлезени во филмот. Во четвртата емисија зборувавме со режисерот Јане Алтипармаков, во петтата со Петар Волнаровски за проблемите на Кинотеката на Македонија и немањето своја сала за прикажување, во седмата гости ни беа филмските критичари Марина Костова и Слаѓан Пенев, штотуку вратени од Интернационалниот филмски фестивал во Солун, во осмата епизода наш драг гостин беше мајсторот на непрофесионалниот филм Стефан Сидовски, со монтажерот Атанас Георгиев – Фаца во 12-тата емисија разговаравме за предизвикот да се монтира игран филм („Големата вода“, „Илузија“), а со Димо Попов во 16-тата епизода за работата зад камерата. Во првата сезона го проследивме и успехот на краткиот филм „Бубачки“ на Игор Иванов – Изи и неговото учество на Берлиналето, а разговаравме и со идејниот творец и тогашниот директор на Скопскиот филмски фестивал, Дејан Павловиќ, чии изданија тогаш го доживуваа самиот врв. И особено драго интервју за мене беше со сега покојниот филмски критичар и теоретичар Георги Василевски, по повод излегувањето на третиот том од четиритомната книга „Историја на филмот“ во 34-тото издание на магазинот, човекот со чија телевизиска емисија „Во фокусот на филмот“ на некој начин и израснавме во квалитетни проследувачи на филмот, секогаш со очи широко отворени.

Кога веќе ги споменавме фестивалите, тие беа составен дел од магазинот во сите сезони. Ексклузивни снимки на најактуелните филмови од трите главни А фестивали, оние во Кан, Венеција и во Берлин редовно беа презентирани во магазинот, на крајот вклучувајќи ги и лауреатите. Одвреме-навреме фрлавме поглед и на случувањата на белградски ФЕСТ, на сè попопуларниот Сараевски филмски фестивал, но и на оној во Карлови Вари. Домашните фестивали, пак, ги чекавме со полно срце, поради можноста за разговор со гостите но и со домашните филмаџии, како и поради можноста на големото платно да уживаме во сите оние остварувања што претходно сме ги претставиле во магазинот. На тој начин, сакам да верувам дека „Филмополис“ беше еден вид генератор и создавач на филмскиот вкус кај домашната публика, која потоа на фестивалите ги доживуваше своите светли филмофилски моменти уживајќи во новите остварувања на омилените автори и актери. Случувањата на споменатиот Скопски филмски фестивал, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на краткиот камбек на Интернационалниот фестивал на непрофесионален филм „ОСФАФ“ со ентузијазмот на Петре и Мице Чаповски, и делумно на „Астер фест“ во Струмица, на симпатичниот „Ехо фестивал“ за планински филмови, и секако, фестивалот на креативна документаристика „Македокс“, беа редовни содржини во „Филмополис“, со квалитетни осврти и соговорници, како на ниту едно друго место.

Како резултат од следењето токму на фестивалските случувања на домашен план, во магазинот беа емитувани интервјуа со имиња како големиот Питер Гринавеј (режисер), Славко Штимац (актер), Сезар Шарлон (снимател, соработник на Фернандо Меирејеш), Мартин Руе (снимател, соработник на Антон Корбијн на филмот „Контрола“ за Јан Кертис и Џој дивижн), Ален Маркоен (соработник на браќата Дарден), Мартин Гшлахт (снимател, соработник на Михаил Ханеке), Питер Сушицки (снимател, соработник на Дејвид Кроненберг), Вељко Булаиќ (легенда на ЈУ-филмот), Дерил Хана (актерка), Изабел Ипер (актерка) итн. Надвор од фестивалските случувања, низ разговор ги проследивме и гостувањата во Македонија на големини како Јиржи Менцел (режисер) и Абдула Сидран (сценарист), а од домашните доајени особено драго ми е интервјуто со госпоѓата Мери Бошкова во Кинотеката на Македонија по проекцијата на првиот македонски игран филм „Фросина“, во кој таа ја толкуваше главната улога, кога го отвори срцето и кажа многу работи што му припаѓаат на едно друго (филмско) време.

Во „Филмополис“ имаше место и за алтернативниот домашен филм (Ацо Станковски – „Самит на шаманите“, Жанета Вангели – „Судијата“, со незаборавно интервју на клупата пред тогаш сè уште активното кино „Култура“), за среднометражната битолска комедија „Kабадаја“ на Филип Јовановски,  за анимираниот филм (интервју со Дарко Марковиќ – Пецко, Орде Стевановски („Вљубениот Леви“), Гоце Цветановски („Хансел и Гретел“), посвета на Корто Малтезе, Тим Бартон…), за балканските остварувања („Караула“ на Рајко Грлиќ го проследивме со првата клапа во Битола, но и на премиерата во Скопје, Срдан Голубовиќ ни даде прекрасно интервју по повод неговиот фантастичен филм „Кругови“, победник на Санденс), за азискиот и јужноамериканскиот филм како феномен, но и како индустрија, и секако, за холивудскиот филм и блокбастерите, кои на начинот и контекстот со кои ги презентиравме, добиваа сосема поинаква димензија.

Од другите работи што поминале низ филтерот на „Филмополис“, а и тоа како се вредни за споменување, се покривањето за македонскиот документарен филм, бидејќи во последнава декада се појавија еден куп квалитетни автори, кои го возобновија можеби најавтентичниот и најпочитуваниот жанр на овие простори, почнувајќи уште од активностите на браќата Манаки, преку мајсторот Благоја Дрнков па сè до новото време. Во „Филмополис“ низ разговор го одбележавме успехот на авторката Билјана Гарванлиева со нејзините филмови како „Тутунарката“ и „Девојчето со хармоника“, потоа бевме дел од инстант успехот на Атанас Георгиев – Фаца со „Плати и жени“, кој неодамна се емитуваше и на „Ал Џезира Балкан“. Ѓорче Ставревски освен со кратките филмови имаше завиден успех и со документарците како „Дома“, да речеме, како и првенецот на Ѓорѓи Јаневски, симпатичниот музички документарец „Ако никој не свири“, кој освои пар награди на регионално ниво. Секако, да не го заборавиме и двоецот Бранд Ферро и Петра Селишкар, создателите на споменатиот „Македокс“, со кои го направив најоткаченото интервју во магазинот, на „Школка“ во парк, додека ја нишаа тогаш бебушот Тера, и чии филмови „Бабички на револуцијата“ и „Мама Европа“ предизвикаа внимание и во европски рамки. Но, ова е веројатно материјал за некоја следна книга, зашто да не!?

Во магазинот ревносно ги следевме и случувањата во двете државни институции, без чии активности и делување филмската слика кај нас, па и оваа книга, не би биле такви какви што се. По информирањето за борбата за фотелјата на Филмскиот фонд од која требаше да замине Дејан Илиев, го интервјуиравме новоназначениот (и сè уште актуелен) директор Дарко Башевски, кој ги објасни своите визии за понатамошното делување со оваа институција, по што продолживме да ги следиме и да ги коментираме неговите потези. Исто така, по споменатото интервју во петтата емисија со Петар Волнаровски, Кинотеката на Македонија набргу потоа се всели во нови простори со киносала, во библиотеката „Другарче“ спроти гимназијата „Никола Карев“, и по тој повод направивме интервју со тогашниот директор Борис Ноневски, а подоцна, секако, и со новоназначената и актуелна директорка на Кинотеката, Мими Ѓоргоска Илиевска, која значително го крена нивото на оваа институција и ја внесе онаму каде што ѝ е местото – во европското и светското друштво на институции од ваков тип, односно Кинотеката е членка на „Меѓународната федерација на филмски архиви“ (FIAF) и на “Европската асоцијација на кинотеки“ (ACE).  Со години следејќи ги и презентирајќи ги нивните активности, од редовните кинотечни филмски ревии, преку свеченото пуштање во употреба на депоата за чување филмски материјали, до врвниот настан пролетта 2014 година, кога Кинотеката на Македонија беше домаќин на 70. Светски конгрес на Меѓународната федерација на филмски архиви (FIAF), „Филмополис“ и Кинотеката изградија заемна доверба и токму затоа на крајот од книгата ќе прочитате и соодветна рецензија за оваа книга токму од ценетата г-ѓа Мими Ѓоргоска Илиевска.

А кога станува збор за емисии на кои особено сум горд, тогаш тоа несомнено е серијалот од 2013 година, кога по летната посета на легендарната Француска кинотека, комплетно ѝ посветивме една емисија на нејзиното шеесет-и-осмашко значење во филмската историја, како и на придружните материјали што патем ги снимивме – изложбата на Тим Бартон, како и посветата на култниот Жорж Мелиес („Пат на Месечината“), пред чиј гроб се поклонивме на популарните Пјер-Лашез.

На крајот, по сиот материјал, требаше да падне одлуката каква тематска книга да се направи, и одговорот бргу се наметна – секако дека тоа треба да биде посвета на македонскиот филм, и тоа со фокус врз македонскиот долгометражен игран филм, бидејќи иако периодот не е комплетен, односно не се работи за целосен преглед на домашната кинематографија од осамостојувањето на државата до денес, сепак, и периодот од постоењето на магазинот (2003-2014) е доволно потентен за да може да сe извлечат заклучоци од понудениот материјал. Малку ми беше криво што тематски книгата нема да биде обработка барем на македонскиот филм во новиот милениум, но таа е сосема близу до тоа, зашто единствениот филм што не е покриен е „Прашина“ (2001) на Милчо Манчевски, и копродукциите „Одмазда“ (македонско-белгиска копродукција од 2001 година, според сценарио на Слободан Деспотовски, во режија на Јан Хинтенс) и „Подгревање на вчерашниот ручек“ (македонско-бугарска копродукција од 2002 година, според сценарио на Миле Неделковски, во режија на Костадин Бонев), кои веројатно и онака не би влегле во изборот. Така што, она што се наоѓа пред вас на следните 200 и кусур страници, се надевам дека ќе ги задоволи вашите критериуми, бидејќи во поднаслов може слободно да се каже дека ова е (речиси) комплетен преглед на македонскиот игран филм во 21 век, со 25 филмови истретирани, се надевам, на коректен и професионален начин, впрочем, како што и милувавме тоа да го правиме во „Филмополис“ (и плус неколку изненадувања на крајот од книгата). За името на книгата не добив вето од Грција, зашто и рубриката во емисијата во која ги интервјуирав и разговарав со македонските филмаџии го имаше истиот назив, па така недоумиците и не беа големи – ФИЛМ.МКД! А поднасловот? Па, случајно во очи ми падна истоимената книга на Петре М. Андреевски на полиците во собата на ќерка ми, и токму „касни-порасни” совршено му зазвучи како ‘андерлајн’ за книгава поради алузиите кои ги емитира – за „доцни” постојано го употребуваме зборот „касни”, а македонскиот во многу погледи „касни” во однос на европскиот филм; но, зборот „касни” може да нè наведе и на другата страна од медалот – касни си од колачот на Агенцијата за филм, сними каков-таков филм и „порасни” пред сè во своите очи. Понатамошните толкувањата остануваат отворени.

Освен ангажманот со „Филмополис“, одвреме-навреме, колку тоа ми го дозволуваше времето, пишував рецензии и осврти за филмот во печатените медиуми и токму тие текстови одлично ја заокружуваат приказната во целата книга во однос на филмовите што се во фокусот. Во текот на 1999 година активно пишував рецензии во „Утрински весник“, следната 2000 година во „Вест“ (култура), во 2003 година бев хонорарно активен во „Дневник“, а од 2007 до 2011 година во неделникот „Глобус“, по што во 2013 година следеше краток ангажман во „Нова Македонија“. Токму затоа и првите неколку филмови претставени во книгата се покриени само преку прилозите во „Филмополис“, а не и надополнети со филмска рецензија за нив. Но потоа сè си доаѓа на свое место. Секако, да не ги заборавам моите соработки со, за жал, списанијата со краток дострел како „Град“, „Урбан магазин“, „Филтер“, како и мојот долгогодишен ангажман во (ТВОЈ) МОЈ КЛУБ; од каде што исто така доаѓаат поголем број од рецензиите и текстовите поврзани со домашните филмаџии.

По толку фалење (сиц!), ред е да се чкртне и збор-два за филмската фела. Имено, и покрај константното покривање на нивните активности во магазинот, поради профeсионалноста што уште од почетокот си ја зацртав, во ниту еден момент не влегов навивачки во презентирањето на одредено дело, туку најновинарски и најобјективно. Можеби тоа им пречеше на одредени личности, но во никој случај не сакав да го мешам приватното со професионалното, и затоа си стоев настрана набљудувајќи со отворени уши и очи. И можеби токму поради таквиот однос, кога магазинот престана да се емитува, не се најде ниту еден јунак со некаков коментар во јавните гласила, со колумна, или, на крајот на краиштата, макар и со два-три збора на социјалните мрежи барем да праша зошто тоа се случува, а камоли да коментира до каде е дојдена работата во медиумите кога се укинуваат автентични емисии од овој тип, кои го третираат најпопуларниот и најмоќниот медиум во последниве 120 години. На крајот работата се сведе на неколку вербални жалопојки од типот: „Како бе!? Лелеееее…“, што уште еднаш покажува до кое дереџе сме стигнати. Веројатно човек константно треба да добива шамари, за потоа за него да се зборува со недели, за разлика од ситуацијата кога коректно и ревносно си ја врши работата.

Од друга страна, пак, знаејќи го клановското делување и во филмската фела, каде секој на секого му е Брут, тогаш (не)реагирањето можеби и беше сосема очекувано. Во сличен кош влегуваат и колегите кои се занимаваат со филмот, кои неретко меѓу себе не се поднесуваат и си зборуваат зад грб, а чие (меѓународно) здружение со години е претворено во приватна забава која ве кани на танц, а потоа не ве пушта на врата. Здружението на филмски критичари, токму напротив, треба да биде отворено и транспарентно и постојано активно и во движење, со многу членови кои со својот ангажман ќе ги придвижуваат нештата напред и на некој начин ќе го оформуваат мислењето на публиката како за случувањата во домашната кинематографија, така и на меѓународните фестивали, бидејќи нештата се врзани меѓу себе. Бадијала испаднаа и напорите преку анкети и соговорници од фелата во магазинот да се создаде мислење дека секој медиум, било печатен или електронски, треба да негува новинари за филм, бидејќи само на тој начин се создава јадро од кое потоа ќе се калат идните пера во професијата. На крајот, за жал, испаѓа дека кобајаги интенцијата да се помага е само создавање на слика, а не и конкретна желба, така што кој си ја фатил фотелјата на време, таа е само негова и понатаму неотуѓива.

Но… Имав уште пар работи, но доста со патетики! Навистина. Искрено се надевам дека со претходниот пасус не ве натерав да ја оставите оваа книга и никогаш повеќе да не ја земете в раце, велејќи дека станува збор за уште една исфрустрирана исповед, зашто навистина сметав дека некои работи можеби и не треба веќе да се премолчуваат, бидејќи и онака се знаат. Јас едноставно сум благодарен за можноста одблизу да го следам развојот на македонската кинематографија во последниве години, што е прекрасна привилегија која треба да се заслужи. Затоа, ајде да се свртиме кон поубавата страна, кон она што претстои на страниците пред вас. Таму можеби ќе сретнете и ставови со кои нема да се согласите, што е сосема легитимно, бидејќи многу е поубаво кога се имаат спротиставени отколку исти гледишта. Во шаренилото е убавината, нели, бидејќи приказните на македонските филмаџии се исто толку возбудливи колку и на кој било странски филмски автор. Башка, ова се наши луѓе, и во нивните приказни се препознаваме, а моментот на идентификација отсекогаш бил круцијален.

Ви посакувам убаво филмско патување!

П. С. Е да, остана отворено прашањето зошто “Филмополис” не оди веќе во етерот? Па едноставно е – во амбиент во кој сè е подредено на политиката, а новинарите (кои само си замислуваат дека се тоа) многу повеќе мислат на парите, а не на професијата, работата е сосема чиста и јасна! Од друга страна, пак, јас не би сакал да верувам дека ова е еден вид епитаф на „Филмополис“, туку дека тој природно се прелева од еден во друг медиум, чекајќи попристојни времиња за негов можеби втор живот во етерот.

П. П. С. Пред конечно да се нурнете во содржините на книгата, само да се оградам од самобендисаноста која можеби како термин ќе ви прелета низ главата поради почетното интервју со мојата маленкост на следната страна, но изборот падна со него да почне книгата бидејќи се работи за формулирање на контекстот во кој се наоѓав и работев пред почетокот на втората сезона на магазинот, и во него се препознаваат основните работи, концепти и идеи поврзани со самата емисија.

П. П. С. С. И сосема-сосема на крајот, како мал куриозитет, да напоменам дека најпопуларни и најстандардни рубрики во магазинот беа „Култна сцена“ и „Филмска музика“, а водителот петстотини-и-двете емисии ги започнуваше или со „Добровечер и добредојдовте“, или со „Здраво-здраво“, или со „Здраво-живо“. Е па конечно, здраво-живо и добредојдовте на страниците на оваа книга, која, се надевам, фино ќе ве информира, едуцира, забавува…

(Предговор на книгата „Филм.мкд“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *