Култен филм во луди времиња

Кон „ГОЛИ ВО СЕДЛО“ (1969) на Денис Хопер

Секое време си носи свои (филмски) херои. Можеби не на сите, но на повеќетемина првата асоцијација што им паѓа на ум за крајот на револуционерните и луди шеесетти години, покрај Вудсток, сигурно е филмот „Easy rider“ или „Голи во седло“, како што гласеше дистрибутерскиот наслов на овие простори. 

Кој би пoверувал? Поминаа дури пет декади откако Питер Фонда како Капетан Америка јаваше на својот „Харли Дејвидсон“, правејќи од него култен чопер чијашто популарност и ден-денес е на врвот. Да не ги заборавиме и ликовите на лудиот Били и адвокатот Џорџ,
играни од секогаш луцидните Денис Хопер и Џек Николсон, кои придонесоа филмот да добие статус на еден од главните глорификувачи на контракултурата, чијшто зенит го достигна токму во тој период.

Снимен според идејата на Фонда и Хопер, на почетокот „Голи во седло“ на авторите не им влевал верба дека од него може да стане култен наслов на новите генерации. Но, некаде на средина од снимањето, а особено за време на монтажата, работите си дошле на свое
место и филмот набргу бомбастично ги завел филмофилите ширум светот. Ова остварување е промовирано за време на Вудсток-ерата и било логично надоврзување
на големата идеја за „љубов, мир и заедништво“, а токму затоа и саундтракот на филмот содржи теми од познатите музички артисти од тоа време, како Степенволф, Џими
Хендрикс, Боб Дилан…

„Голи во седло“ заслужено бил номиниран за два „Оскара“ (најдобро оригинално сценарио и најдобар актер во споредна улога) и иако не ги добил статуетките, сепак од страна на Американскиот филмски институт е ставен на листата „Стоте најдобри
американски филмови“, но уште послатко, на престижниот Кански филмски фестивал бил прогласен за најдобар дебитантски филм.

Од куриозитетите, Питер Фонда на времето изјави дека чоперот што го возеше, како и двата на Денис Хопер, заедно со единаесет други што биле користени, се украдени веднаш по снимањето на филмот. Секако, аукционерските куќи не се баш среќни поради овој факт, но барем некои некаде можеби сè уште си го прават ќефот со нив. Се надевам дека нема да бидат застрелани како главните ликови на крајот од ЛСД-приказната. Сепак, ова се модерни и демократски времиња.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *