Одам на „Здраво млади“, и по настапот на „Хајка“, сите останати ми звучеа и изгледаа бледо и неинвентивно. Одам првата вечер на „Звукот на Скопје“, и после настапот на „Хајка“ истиот комотно можеше да заврши. Не дека талентираната Дина Јашари и популарната Констракта не беа добри, туку, едноставно, овие момци се најдоброто во моментов на македонската музичка сцена, затоа што испорачуваат се’ што треба да понуди еден нов и свеж потентен бенд: став, контролирана енергија, гласност, бунт и бес. Одамна еден македонски бенд не ме растресол вака квалитетно, и токму затоа овој текст со драго срце им го посветувам ним, на четворицата музички херои кои со својот настап и’ дадоа додатна длабочина и на промоцијата на збирката раскази „Двојна експозиција“.
Изникнати од средношколското милје каде за прв пат еден млад човек се обидува да ја канализира потиснатата енергија и истата да ја насочи во вистински правец, зад „Хајка“ е времето на експерименти, пронаоѓање на сопствениот звук, конкретниот текст кој ќе погоди во сржта на слушателот и уште десетици предизвици кои секој состав мора да ги надмине за да дојде под светлата на заводливата сцена, каде конечно можеш пред присутните да го покажеш она што го знаеш и умееш. Сето ова за момците од „Хајка“ се случи со брзина на светлината, и кога конечно зачекорија пред судот на публиката, тие ја заведоа со своите настапи кои изобилуваат со непредвидливост и сирова енергија која ве крева неколку сантиметри над земјата.
Базичната идеја за класичен рокенрол бенд со гитара, бас и тапани „Хајка“ ја надополнуваат со уште еден член плус, вокалот и текстописец Бојан, кој во себе го собрал сиот квалитет на многубројните музичари од минатото, почнувајќи од Јан Кертис па наваму. Неговата харизма на сцената е предизвикувачка за секој чесен музички фан. Тој е ту на колена, ту лежи на сцената, па скока долу и го дава микрофонот на публиката, пали цигара, пие течност за прочистување на грлото, и продолжува со својот ритуал кој ве тера постојано да го следите и да го очекувате следниот негов потег. Одамна на нашата сцена се нема појавено ваков лик кој мудро ја контролира целата ситуација, и можеби токму затоа никогаш не ви е здодевно да ги гледате и слушате „Хајка“ во живо.
Сето ова привлекува армија од млади фанови (а еве, и постари како мене 🙂 ) кои ги пејат нивните песни и кои во секој нареден настап на бендот гледаат и смислен концепт, оддавајќи зрелост и свесност пред каква публика настапуваат: на „Здраво млади“ Бојан настапи со маица на која рачно беше испишан брендот „Калвин Клајн“, на „Звукот на Скопје“, пак, каде во публиката имаше и повозрасни луѓе поради бесплатниот концерт и лајн-апот, момците беа облечени во пристојна бела комбинација, додека на книжевната промоција на „Двојна експозиција“ дојдоа во сакоа, предизвикувајќи недвојбени мислења меѓу присутните дека потсетуваат на раните белградски „Идоли“. Феноменално мудро!!!
Басистот Филип, освен што со својата енергичност го одржува ритамот на сцената на високо ниво пред тотална експлозија, тој одлично вокално го надополнува Бојан, особено во оние делови каде треба да се сервираат звуци за зголемување на лудилото кое доаѓа од звучниците.
Скриената сила на бендот лежи во гитаристот Тео. Носен(и) од звукот на моќниот инструмент, тој ни подарува саунд како од најдобрите денови на пост-панкот, кога светот беше поинакво место за живеење. Токму затоа неговиот на моменти сиров звук не’ телепортира оттаму во актуелниот момент на живеење, укажувајќи ни дека сепак се’ уште ништо не е загубено. Неговата потисната сила во настапот која ја ослободува само за момент и во дел од секундата, многу потсетува на феноменалниот Џони Гринвуд од „Рејдиохед“, а тоа му дава додатна вредност на бендот.
Групата досега највеќе кубуреше со тапанари, и по неколкуте персонални промени, се чини дека во Драган го најдоа вистинскиот соулмејт, кој го одржува адреналинот во звукот на највисоко ниво.
На досегашните изданија, EP-то „Непрекинато движење“ и деби-албумот „Антиталент“, судејќи според текстовите на песните, бендот совршено ги опишува интересите на младите луѓе, често пати прецизно опишувајќи одредени состојби кои ги препознаваме, како рокерот кој одамна го напуштила творечката муза и сега претставува само карикатура на самиот себе, или дијагнозата која психијатарот од ракав му ја препишува на секој ментално растроен поединец. А во најавниот хит „Мека машина“ на нивниот следен албум кој наскоро ќе излезе, го препознаваме стариот лисец Вилијам Бароуз како доказ за широкиот дијапазон на интереси на момците од бендот.
Се’ на се’, „Хајка“ се во постојано, непрекинато движење водени од енергијата на рокенролот, и тие се, како што би се изразиле релевантните британски музички новинари, NEXT BIG THING на освежената алтернативна македонска музичка сцена на која бендовите се дружат, се поддржуваат и настапуваат заедно, и ни го разубавуваат животот во ова наше светло-сиво скопско секојдневие.