Хиподром како во најдобрите денови

Месецот октомври вообичаено е време кога на легендарниот скопски Хиподром се одржува Меѓународниот коњички турнир во прескокнување на пречки, кој оваа година, за жал, ќе мора да биде прескокнат како настан. Просторот во кој како деца редовно одевме на училишни екскурзии и си замислувавме како расните коњи се тркаат и ги прескокнуваат препреките, за љубителите на овој спорт со години наназад приредува вистинско задоволство.

Според календарот на Федерацијата на коњички спортови на Македонија, во октомври традиционално, со гости од странство, се одржува натпреварување во кое може само да се ужива. Во последните две години тоа се организира во чест на д-р Јосиф Наумовски, а овие фотографии се од 2017 година, кога на скокалиштето во Маџари во борба за трофеите беа натпреварувачи од Македонија, Албанија, Бугарија и Србија.

Празното гледалиште полека почна да се полни, а возбудата почна да расте кога се појавија приколките со коњите, кои поминаа токму пред трибината. Набргу потоа, заедно со нивните џокеи, беа подготвени за предвидените натпреварувања за тоа сончево претпладне.

На програмата беа три натпревари, на кои пречките за прескокнување беа на висина од 0.95м до 1.25м. Имаше тука успешни и неуспешни натпреварувачи, но возбудата и со едните и со другите беше максимална, бидејќи ваквите натпревари не се баш секојдневие кај нас, особено за младите посетители, кои неизмерно уживаа во коњичкото шоу.

Се’ на се’, ова беше прекрасно искористен викенд во скопската околина, кој се надеваме дека ќе го повториме уште многу пати не само во октомври, туку и во останатите месеци од годината, односно, секогаш кога Федерацијата на коњички спортови ќе организира  натпревари. Секако, сето тоа по победата над пандемијата 😉

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *