Книжевни импресии за „Шрапнел“

Поминаа осум месеци од излегувањето на „Шрапнел“, а како да помина цела вечност. Ќе се памети како роман во време на пандемија, или, пандемичен роман Минатиот месец „Шрапнел“ влезе во финалето за „Рациновото признание“, а претседателката на жирито, Катица Ќулавковва, на конференцијата за новинарите, набројувајќи ги финалистите, истакна „…и Игор Анѓелков, кој блеснува со еден прекрасен роман…“. Еве дел од импресиите на книжевните критичар(к)и и читателите во овој период, на кои сум им бескрајно благодарен за одвоеното време да ја прочитаат и да напишат нешто за неа:

„Овој роман е длабоко закотвен во минатото и сегашноста на генерацијата родена во ‘70 и некоја, на која ѝ припаѓаме и авторот и јас. Токму чувството на „препознавање“ на сите зборови, дијалози и ситуации за мене беше доминантно при читањето на романот, како сите стравови, болки и надежи на ликовите да ми се имаат случено мене или на некој мој близок, како сите опишани животни премрежија и сите траги-комични околности кои ја бојат нашата реалност да се истите за кои и јас сум пишувала или би сакала да пишувам. Наспроти леснотијата со која се голта секоја страница или токму заради непретенциозноста на неговиот стил кој едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска, „Шрапнел“ на Игор Анѓелков е прекрасен, зрел, мајсторски напишан роман кој верувам дека ќе се чита и препрочитува барем во неколку генерации“. Ана Мартиноска, Институт за македонска книжевност 

„Комплексен роман, сложен, со масивна структура и рафален татнеж ко од раскажувачки шрапнел. Со двојна метароманескност, всушност – тројна (два романа на двајца кои градат трет, ем ликови, ем писатели…), што и не е ниту често во нашата книжевност, ниту, пак, лесно за работа. Роман со прекрасни сцени сосе мојата омилена – едно качување на една билетарница за да се избегне долгиот ред за билети, како излезено од најдобриот негледан филм“. Оливера Ќорвезироска, писателка и книжевна критичарка

„Насловот „Шрапнел“ Игор Анѓелков убаво го поврзува со се’ што им се случува на ликовите, има симболичко значење и е еден вид Ахилова пета за сите засегнати во приказната. Всушност, најмногу во романот ми се допадна префинетата хуманистичка линија што се провлекува низ приказните, надежта што не умира и не изгледа неостварлива, а таа, мора да признаеме, во моментов ни е потребна како никогаш порано“. Лидија Димковска, писателка 

„Така „шрапнел“ станува оружје со човечки лик. Тоа може да е секој оној кој во текот на животот нè повредил и ни нанел рана, иста онаква каква што имал дедото на едниот од нараторите во романот. Тој во сликата на таа „насмеана“ дедовска лузна гледа симбол на сета негова детска среќа. Но и злокобно предупредување, на „шрапнелите“ кои секој од нас ги чувствува како повремено го боцкаат, како наследено бреме, или како потсетник на можна, ненајавена смрт“. Илина Јакимовска, „Букбокс читанка“

„На почетокот од Шрапнел на Игор Анѓелков, раскажувачот ни навестува роман што во прв план ќе се фокусира на метафикциски теми: процесот на пишување, методите, стилот на конструирање на приказната, прашањето што е она што еден роман го прави успешен. Она што, всушност, се случува во Шрапнел е исечок од два (или еден разделен на два) живота, оставајќи ги метафикциските теми суптилно во позадината на животните приказни. И мислам дека тоа е одлична одлука за еден современ роман. Зашто најавените фиктивни приказни, онаа за телото на мистериозната девојка во Скопје во 1963 година и онаа за двата лика принудно слетани на еден остров на пат кон Килиманџаро, внимателно се конструираат, имаат интересни заплети, елементи на мистерија, потенцијал за популарност, но немаат реалност“. Калина Малеска, писателка

„Сеќавајќи се на еден разговор со него за гласот на децата во прозата, особено видлива ми беше решавачката улога на детскиот глас. Книгата, практично, почнува и завршува со тој глас, првин внатрешен, како спомен, а подоцна надворешен, како израз и апел. Како баш тој глас да е шрапнелот што остава важен белег врз некои направени одлуки, можеби најважните; белег како лузна, рана, контузија, траума, но и како лична ознака, нешто со што се препознаваме и според што паметиме. Така стекнатиот белег овде и секаде, ми се чини, помага во нешто многу важно: да нема срам од белезите, од тоа што нè означило. Оставајќи белег, детскиот глас овде, како и секаде, помирува“. Андреј Јованчевски

„Одличен роман! Издржан, непосреден, а питок, но не во смисла на боза, туку јегер кој ти помага полесно да го свариш овој наш свет“. Снежана Стојчевска, поетеса

„Романот „Шрапнел“ е пример како треба да изгледа нашата современа проза. Ова е лектира за сите пишувачи, вклучувајќи ме и мене. Во присутното да внесеш фикција, а не обратно, и да плукнеш ко што е редот, како шаржер испукан во секој од нас. Треба да си дозволиме да не’ раскопа малку по еден шрапнел. Се радувам што најмалку по една деценија се појави роман со вредностите на македонската современа проза. Конструкција на реченици, должина, придавки, вербализам, дијалози, преклопување, спојување, неусетност, пораки помеѓу, поздрави и кажување директно в очи… Сепак, треба да се јави критичар од мајка роден кој ќе зборува гласно за тоа што е добро, а што средно и просечно во нашата литература. Ти благодарам“. Цветанка Колева, поетеса

„Шрапнел“ на Игор Анѓелков е на некој начин хаос со систем. Пораката на овој по многу нешта иновативен роман не е позитивистичка, не е поттикнувачка, но е прогресивна. А што е друго важно во книжевноста? Да се најде оригинален начин да се наведе читателот да помисли на она што го опкружува, но и на она што го поседува внатре во себе“. Сашо Огненовски

„Шрапнел“ е најновото и најдобро дело (досега) на сестраниот Игор Анѓелков, за мене голем авторитет во областите на книжевноста, филмот и музиката. Целата негова ерудиција, естетика и етика дошле до израз во ова дело. Тој не се срами да ги истакне своите бројни извори на инспирација и влијание од литературата, од музиката и од филмот. Но неговата раскажувачка техника не е вештачко лепење на цитати од споменатите автори, туку убава и одмерена посвета. Неговиот ракопис како „слоумоушн“ филмска камера се лизга и милува предмети, личности и настани, ги открива нивните најскриени тајни и создава блескави слики и сцени“. д-р Тони Ќосев, читател 

„Оваа книга е од оние која не вришти на цел глас: види ме колку сум добра па читај ме, види ме колку сум паметна па мораш да ме читаш. Не дека не е добра и паметна, напротив, таа е се’ од тоа и многу повеќе. Но, ме плени со својата скромност и ненаметливост, со својата тивка силина и убавина. Класичен пример каде темата не треба под дифолт да биде бомбастична и звучна за да се создаде книга вредна за почит“. Благородна Димоска-Буџакоска

„Одличен стил на пишување и раскажување на паралелните животни приказни, премногу блиски до повеќето од нас кои го живееме секојдневието со сите тегоби и убавини. Роман со многу музика во него, во кој многумина ќе најдат решенија на некои меѓучовечки проблеми и ситуации. Ова е првата твоја книга што сум ја прочитал, доволна причина да ги прочитам и претходните твои книги“. Петар Чаушевски, читател 

„Ми се допадна емотивната нишка со смртта на таткото кај еден од ликовите, нарацијата е многу интересна, како и описот на случувањата и нивната поврзаност со секојдневните општествени аномалии“. Христијан Јакимовски, читател

„При детонација, гранатата исфрла одредено количество врел метал кој хаотично се распрскува на сите страни, со тенденција да се забие во човековото месо, нанесувајќи му траума на непријателот. Понатаму, одвреме-навреме, човекот ги раскопува лузните од шрапнелот за да се наврати на едно дамнешно минато време кога бил целосен, недопрен од истиот тој врел метал. Кога почнав да ја читам книгата, немав претстава дека ќе навлезам толку длабоко во една (во овој случај неколку) интимни приказни. Игор со својата непосредност и ненаметливост, со стил секому близок, ни раскажува за меѓучовечките односи со кои верувам секој од нас барем еднаш се има соочено во животот. Сето тоа пропуштено низ нишката на блиското минато, проткајува блага меланхолична насмевка на малку подзаборавеното време на безгрижноста, која ја земаме здраво за готово. Се` на се`, генијален подвиг на писателот да вметне две (иако стилски различни) животни приказни кои меѓусебно ќе се надополнуваат. И секако, зачинето со мали скриени референци на музички и книжевен план. Топло препорачувам“. Андреј Иванич Манговски, читател 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *