Кон „Како го завршив ова лето“ на Алексеј Попогребски
Легендарниот Никита Михалков ова лето е актуелен со продолжението на „Изгорени од сонцето“, насловено „Егзодус“, со што ја продолжи приказната која му донесе светска слава, крунисана со Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје во 1994 година, кога меѓу петте финалисти беше и „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Злобниците коментираат дека продолжението на филмот можеби укажува на тоа дека рускиот режисер веќе нема добри идеи, но за среќа, тоа не е така со новата генерација на руски режисери, кои се се’ подобри и подобри. Алексеј Балабанов, Александер Сокуров и Андреј Звјагинцев во изминатите две декади ни подарија некои од најдобрите остварувања не само во руската, туку и во светската кинематографија, освојувајќи многу фестивалски награди. Новото име на кое треба да се внимава во иднина е Алексеј Попогребски, кој зад себе има веќе три одлични остварувања, но благодарение на последниот наслов, конечно излезе од локални рамки, поклонувајќи се пред светската филмска публика. Филмот „Како го завршив ова лето“ беше едно од пријатните изненадувања на последното Берлинале, каде неговите главни протагонисти, Григориј Добригин и Сегеј Пускепалис ја поделија наградата „Сребрена мечка“ за најдобар актер.
Приказната во ова остварување се случува на далечниот север, во една руска метеоролошка станица, каде на човекот кој девет години ги извршува зададените задачи му доаѓа засилување во младиот универзитетски студент, кој е во потрага по животно искуство. Застарените методи со кои тој се’ уште се служи наидуваат на потсмев кај момчето опремено со современа технологија, и на основа на тој конфликт, односно, судир на генерациите, новото со старото, режисерот Попогребски (кој истовремено е автор и на сценариото) гради една раскошна руска приказна, во која човечките односи се развиваат до екстрем, како и природата во која делуваат, и на тој начин ја развиваат фантазијата на гледачот до бескрај.
Режисерот и малубројната екипа со нивната суспенз-драма успеваат максимално да го задржат вниманието фокусирајќи се врз човековите слабости, оние кои, доколку сме доблесни, веднаш би ги признале, но за жал, обично не е така. Тоа пак, од друга страна, е добра предлошка за одлична филмска приказна. Затоа, фино е во овие летни температурни и политички будалаштини за момент да се побегне горе, на Арктикот, макар и преку филмската уметност, онаму кадешто поларните мечки не милуваат човеково присуство.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 29 јуни 2010 година.