Глобална нула за опасниот арсенал

Според политичките аналитичари, по преструктуирањето на силите на светската сцена повторно се создава простор за нова Студена војна, можеби не директно помеѓу Истокот и Западот, но можноста постои, со закана дека ќе се случи најлошото можно сценарио. Поттикната од слични размислувања, авторката Луси Вокер во својот нов доку проект „Одбројување до нула“ истражува колку нуклеарното оружје кое го поседуваат големите светски сили, но и оние не толку моќните, е во сигурни раце.

По распадот на Советскиот сојуз, нуклеарното вооружување излезе од фокусот на интерес, но Вокер доаѓа до фрапантни податоци дека неговиот број е енормно зголемен и дека оружјето се развива во сосема поинакви насоки. Во моментов во светот постојат 23 илјади парчиња нуклеарно оружје за кои со сигурност се знае, а за останатото кое е можно да се наоѓа во рацете на радикалните терористички групи и политички нестабилните земји може само да се претпоставува. Во таква ситуација авторката го поставува непријатното прашање што ќе се случи доколку дел од разурнувачкото оружје се најде во погрешни раце?

Низ интервјуа со поранешни и актуелни политичари, како Михаил Горбачов, Тони Блер, Џими Картер, Збигњев Бжежински, како и со експерти од оваа област, Вокер истовремено се обидува да предупреди за опасноста од можноста за нуклеарна војна во 21 век, но истовремено и за можноста таа да се сведе на минимум. Секако, најразумно е комплетно уништување на нуклеарното оружје, за што со години се залага организацијата „Глобална нула“.

Вознемирувачкиот документарен филм воден од нараторот Гери Олдман и надграден со музиката на „Прл џем“, својата светска премиера ја доживеа на Санденс фестивалот. Со специјална проекција филмот беше дел и од Канскиот фестивал во мај, каде предизвика безброј полемики меѓу влијателните личности и меѓу повиканите и спомнатите во самиот филм. Колку истиот ќе успее да издејствува разумно повлекување на нуклеарниот арсенал останува да видиме. Ракавицата е фрлена, на потег се одговорните политичари и функционери по ова прашање, додека господинот Роберт Опенхајмер повторно се превртува во своето вечно почивалиште.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 6 јули 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *