Приказната сакаше да „трзнам“ од втора. Имено, при истражувањето на Сплит во „слободен стил“ пред четири години, патот ме наведе кон средновековната тврдина „Грипе“, според која е крстена и легендарната спортска сала, која тогаш беше во зоната на мојот интерес. Го забележав симпатичниот музеј посветен на морето и сите негови богатства низ приказни создадени од човекот, но некако не ми беше предизвик да го посетам. Овој пат со драго срце го сторив тоа и пријатно се изненадив. Музејските поставки се прекрасни, и на крајот од посетата добив чувство дека тоа е еден сосема засебен свет, за мене далечен и недопирлив, но сепак препознатлив преку книжевноста и филмовите. Всушност, кога подобро размислив, се работи за цел еден начин на живот кој многу луѓе на „третиот камен од Сонцето“ со векови го практикувале создавајќи своја лична историја. Затоа Ве поканувам да ги погледнете сите чуда кои ги затекнав на оваа музејска авантура. Добредојдовте.
Тврдината Грипе е изградена во 17 век кога со Далмација владеела Млетачката република, и била бедем против ширењето на Османлиите кон запад и север. Сплиќаните живееле во страв од 1537 година, кога Турците ја освоиле тврдината Клис недалеку оттука. (За неа следи засебен текст, особено возбудлив за фановите на серијата „Игра на тронови 😉 Затоа Венеција почнала да ја гради тврдината за одбрана на градот и особено на Диоклецијановата палата, која била изедена од забот на времето. И така настанала несовладливата тврдина „Грипе“, каде денес е сместен „Хрватскиот поморски музеј“.
Пред да се влезе во музејот, уживате во прекрасниот поглед кон јадранскиот и урбаниот дел на Сплит, а во дворот ве пречекува еден прекрасен примерок од легендариот пароброд со име „Бакар“.
Изграден во Англија за потребите на јадранската линија Сплит-Макарска-Метковиќ, во 1943 година им служи на партизаните за мисија до Бари, каде преговарале со англиско-американските пратеници како да се продолжи понатаму. Пловел до 1965-та, а на тврдината е донесен во 1982 година, како дел од надворешната поставка на музејот.
Освен „Бакар“, на тврдината се поставени и различни типови на бродско оружје, најчесто противвоздушни топови, мини и останати разорни воени средства кои човекот ги користи против човекот за време на војна.
И конечно, влез во „морскиот рај“. На почетокот, десетина садови за чување намирници пронајдени на морското дно околу Сплит, дел од богатата арехолошка музејска колекција.
Следи делот во кој светлината игра главна улога. Отсекогаш сум ги сакал светилниците, тие осамени места на работ од морињата и океаните. Дури едно време во младоста се замислував како работам како светилничар: никој не ти досадува, го имаш сето време на светот, си читкаш, а погледот пред тебе е оној од „милион долари“. Но потоа прочитав една епизода од стрип-херојот Дилан Дог, кој мака мачеше со суицидалната осаменост на ова место, и работите добија поинаква димензија 🙂 Макетата на актуелниот светилник Порер на Истра е фин доказ за тоа, додека светилникот од Стончица на островот Вис, изработен во Париз во 1865 година, е злато вреден артефакт.
Од другите потрепштини поврзани со морската сигнализација, тука е рефлекторот на кој, за среќа, нема знакче за повик за помош од Бетмен, како и сигналните пиштоли кои датираат од периодот на Втората светска војна.
Уште малку на тема „let there be light“. Во една од музејските простории беа изложени прекрасни примероци со различен дизајн на бродски фенери, или „ферали“. Знаете она, на отворено море сте, само бранови околу вас, ја нема ниту месечината, а вие треба да наденете конец во игла, или да подбркате некој стаорец под палубата кој ви го нарушува сонот. Епа ви треба светлината од фенерот, нели. Беше вистинско уживање да се сведочи на нивната генијалната занаетчиска разновидност.
Интересно, низ целиот музеј можеа да се видат портрети на познати капетани, морепловци, бродосопственици, учители, обични морнари… чиј живот се одвивал претежно на вода. Музејот содржи богата колекција од слики и фотографии, на кои може да се почувствува духот на времето во кои живееле и делувале овие „морски волци“.
Доаѓаме до делот значаен за оваа тема, кој содржи примероци од јазли, сидра, кормила, длабиномери, колотурници… без кои животот и делувањето на море е неостварливо.
Да не ги заборавиме и ѕвоната и сирените, чија сигнализација повторно не’ враќа неколку пасуси наназад, на темата„еј, ние сме овде, не се зафркавајте со нас“, во зависност од ситуацијата во позитивен или негативен контекст.
За полесна навигација во просторот, денес се служиме со „GPS“. Но порано неодминливи биле мапите и картите, што попрецизни – тоа подобро, затоа што едрениците од минатите векови, додека не ја постигнале својата максимална стабилност и некршливост, сепак во многу ситуации се покажале како фрагилни. Тоа може да се забележи и од изложените макети, но и од сликите од минатото на кои се прикажани последните достигнувања на човештвото на полето на бродоградителството.
Секако, покрај картите, тука се и неодминливите компаси, кои ги има многу во музејската колекција, и кои датираат од различни времиња. Сепак, страните на светот исток-запад-север-југ и понатаму се тие истите, непроменети, додека не успееме да ја изместите Земјата од нејзината оска на движење, па после да се „чешаме“ што сме направиле. Тука се и разните инструменти за мерење на јачината на ветрот и сл. како неизоставен дел од морските итроштини.
Еден од повозбудливите, би рекол – книжевни делови од музејот, е оној во кој се претставени бродските дневници на капетаните. Тие морале секојдневно да запишуваат што им се случувало за време на пловидбите, и на некој начин морале да го „испеглаат“ својот раскажувачки стил за да бидат што појасни за нивните претпоставени, но и за идните поколенија кои ќе ги читаат овие нивни писанија создадени на отворено море.
Меѓу нив е претставен и еден примерок од кутија преполна со камчиња од различни земји, собрана во текот на експедицијата околу светот „Новара“, која се одвивала од 1857 до 1859 година, и за која на крајот биле врачени и „спомен медали“.
За да се зачува сето ова, треба да им заблагодариме на сандаците во кои се складирале сите вредни бродски нешта. Дел од нив се изложени и во музејот и можеа да се допрат и да се помириса нивниот заводливо застоен морски мирис.
За љубителите на оружјето, колекцијата во музејот е исто така респектибилна бидејќи содржи „убиствени“ парчиња кои датираат од минатите векови, па се’ до модерните времиња: од топови и мечеви, преку пушки и пиштоли, па се’ до подморнички торпеда.
Како влегувате од соба во соба низ музејот, уште повеќе го збогатувате сознанието колку животот на море е обременет со значења. И навистина, како што констатирав и на почетокот од текстот, се работи за особен и автентичен начин на живот. На следното ниво повторно се враќаме на сигнализацијата, каде се потсетуваме дека дел од овој фолдер се и знаменцата како дел од кодексот на бродската сигнализација. Замисли изградиш кариера како бродски сигнализатор со знаменца!? Лудило!
А знамињата на бродовите кои го означуваат идентитетот на сопствениците се засебна приказна. Поморскиот музеј не нуди многу од нив, но сепак преку неколкуте примероци застапени во музејската колекција ги гледаме знамињата кои се вееле на бродовите на австро-унгарската и хрватската морнарица во минатото.
Исто така, и киповите кои фигурираат на носот од бродот се дел од идентитетот на едно пловно возило. Неколкуте изложени во следната просторија датираат од 19 век, додека макетата на змејот од средниот век припаѓал на хрватската галија „Јеролим“ од 1571 година.
Пловејќи низ темите и историските премрежија, од воените до мирнодопските времиња, доаѓаме до официјалните документи за пловидба, со кои се докажува оправданата присутност на пловилата и нивните членови во локалните и меѓународните води. Еве неколку интересни примероци.
А што кркале бре луѓето на бродовите? Па, на Титаник горе-долу знаеме: се пиело шампањ, се мрцкало кавијар… Но за работничката класа, врвот е – САРДИНАТА. Кутиите од сардина со различен дизајн се едни од највозбудливите изложени артефакти. Да јадеме сардини и да го задржиме нашето здравје!!!
А сите тие прекрасни јата риби доаѓаат во кутијата благодарение на вештите рибари. Поморскиот музеј во Сплит не ги заборава и нив како дел од севкупната слика за животот на море, и им посветува дел во кој можеме да видиме неколку оригинални рибарски кајчиња надополнети со автентичниот алат за риболов.
„Big blue“, или „Големото синило“ на Лик Бесон од 1988 година беше филмот после кој го засакавме нуркањето. Ако не неговото професионално практикување (може и тоа во иднина да се случи, зошто да не!?), тогаш во „филмот“ кој самата активност ја претставува – контакт со морските длабочини и разните видови на суштества со кои никогаш не сме ни сонувале дека ќе се сретнеме. Добро, филмот на Бесон зборуваше и за човековата посветеност и издржливост, но нејсе. Дел од нуркачката опрема од почетоците на 20 век, кога се почнало со поинтензивно истражување на морските убавини, може да се види во музејот и да се ужива во нејзиниот винтиџ-изглед и магија.
Како се приближуваме кон крајот на музејските поставки, така лека-полека навлегуваме и во модерните времиња, иако и претходно сведочевме на изложени артефакти кои се синтетизираат во различните векови наназад. Сепак, финалните музејски соби содржат работи кои „мирисаат“ на „новото време“. Дел од нив се бродските радио-приемници, машините за чукање, телеграфите, телексите… и сите оние уреди за комуникација со светот.
Веќе претходно го споменавме неизбежниот „Титаник“, кој на некој начин претставува влез во комерцијализација на пловидбите низ светот. Интересни се старите плакати кои нудат пловидба од Јадранот кон Јужна Америка, на бродови на кои преку парчињата порцелан се гледа стилот на класата која патувала кон далечниот континент.
За сето ова да биде овозможено, се’ зависело од брзината на развојот на механиката. Во една огромна просторија на увид е ставен мал историјат на развојот на механиката низ годините, како сведочење и на развојот на самото човештво низ децениите.
Пред крајот од ова „морско“ патување, простор и за авијацијата преку макетите на хидро-авионите од кралска Југославија, како и парче авио-оружје од партизанските филмови, и секако, доколку те погодат, столот-катапулт после што директно слетуваш на газ во морската шир, ако имаш среќа, секако.
И сосема во финишот, вистинското „колаче“. Имено, со фонд од ЕУ, една просторија во музејот е наменета за љубителите на виртуелната реалност. Софтверот во очилата со кој лесно се раководи ви овозможува подводна нуркачка посета на потонати бродови и авиони на морското дно. Доживувањето е неописливо со зборови. Браво, браво, браво!
Се надевам дека уживавте во овој приказ на содржините на „Хрватскиот поморски музеј“ во Сплит, како што уживав и јас при неговата посета. За крај, да не заборавиме уште еден детаљ кој е неизоставен дел од оваа морска поетика, неговото височество – Двогледот! Бидете будни и држете ги очите широко отворени, бидејќи животот е краток 😉