Откако славниот Индијана Џонс исчезна од филмското платно во 1989 година, неколку генерации љубители на филмот беа бомбардирани со тривилјални остварувања како неквалитетни копии на приказната за истражувачот на загубените светови, меѓу кои беа насловите како „Национално богатство“, „Сахара“, па и „Кодот на да Винчи“. По 19-годишна пауза стариот шегаџија повторно не’ втурнува во авантура по која бргу сфаќате дека љубовта на прв поглед кон овој филмски лик никогаш не исчезнала. Канскиот фестивал беше темпиран тајминг за светска промоција на долго најавуваниот четврти дел, а пропагандната машинерија на Џорџ Лукас, кој фигурира како продуцент и косценарист, со истовремена пост-фестивалска кино-премиера во стотици земји низ светот, меѓу кои и нашата, си ја постигна својата цел.
Во време кога современа Русија повторно стана ценета светска велесила, филмската приказна не’ враќа во 50-те години на минатиот век, мудро користејќи го ривалот од Студената војна како старо-нов непријател на сеамериканскиот авантуристички херој. Студената агентка на КГБ, Ирина Спалко (Кејт Бланшет), е типично олицетворение на вечниот антагонизам меѓу Истокот и Западот. И овој дел, како и претходните, е реализиран според добро познатата шема: акција – семејни односи – акција, каде партнерката на Инди од првиот дел, Мерион (Карен Ален), се појавува како клучна фигура за продолжување на коленото на познатиот археолог преку Мут Вилијамс (Шија Ле Беф), кој е ист како него.
Овој пат вредниот артефакт околу кој се кршат копјата е митскиот кристален череп од премајанскиот период, кој на квазинаучници како фон Деникен им донесе светска слава. Сепак, она што најмногу фасцинира во сценариото се визионерските претпоставки засновани врз (не)проверени факти од археологијата за мудроста на старите цивилизации, кои отсекогаш ги правеле приказните со д-р Џонс привлечни за гледање.
Во новиот дел авторите суптилно си поигрува со мистеријата за паднатите вонземјани во Роузвел во 1947 година, поврзувајќи ги со дамнешните посетители на нашата планета како основа за старт на човечката цивилизација, сето тоа фино измиксано со почетоците на поп културата од 50-те години, како важен и влијателен дострел во современата историја на американската цивилизација.
И како што вели режисерот Спилберг, работата всушност е многу едноставна: по снимањето на неколку сериозни филмови, од кои „неговите деца треба да научат одредени работи кога ќе пораснат“, тој повторно му се врати на омилениот филмски карактер, бидејќи адреналинот, кога станува збор за снимање на „Индијана Џонс“, секогаш е на максимално ниво. Затоа, олабавет малку и уживајте, бидејќи 65-годишниот Харисон Форд, според последните кадри во филмот, конечно, по овој дел, ќе ја закачи правливата шапка на клин. И време му е.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 3 јуни 2008 година.