Сцена прва: конференција за новинарите во хотелот „Александар палас“. Најавата е бомбастична – композитор на музиката во новиот филм на Милчо Манчевски ќе биде големиот Збигњев Прајснер, авторот, меѓу другото, на музиката за филмовите на великанот Кшиштоф Кишловски. По прекрасното интервју со мајсторот на нотите, одличен кавер во „Филмополис“ број 116, со избрани парчиња од „Трите бои“ на Кишловски, емисија за вистински сладокусциСцена втора: Осум емисии подоцна, големо интервју со Милчо Манчевски како предигра на она што ќе следи една година подоцна. Интервјуто го направивме, по негова желба, во природен амбиент, во Градскиот парк, каде што Манчевски уште од првиот момент кога се поздравивме, влезе во режисерски филм и веднаш му сугерираше на снимателот каков кадар да фати и како „да вози“ со камерата низ целото интервју. Интересно искуство!
Сцена трета: За потребите на „Филмополис“ бр. 124, во кое ќе се емитува целосното парк-интервју, една вечер одиме на снимањето на „Коски“ за да направиме фин вовед во емисијата. Локацијата е раскрсницата на Илинденска и Климент Охридски, пред тогаш сè уште оригиналната Влада на РМ, а кога веќе го споменуваме моментот, да се присетиме дека токму на тоа снимање, кое беше отворено за јавноста, накратко беше присутен и тазе премиерот Никола Груевски, кој низ разговор со Манчевски се информираше како тече снимањето на филмот. Сцената што се снимаше беше каскадерска, и по превртувањето на автомобилот тој удира во колата со бостан, по што режисерот вика „КАТ“ и оди да лапне парче црвено богатство со семки на скопскиот жежок асфалт. И така неколкупати.
Една година подоцна, велелепна промоција на преименуваниот „Сенки“ во Универзалната сала во Скопје според сите светски стандарди, со Трендо како водител пред платното со големина 6x13 и фантастичен сараунд звук, но без музиката на Прајснер од платното, туку на американскиот филмски композитор Рајан Шор. Непосредно пред премиерата на филмот, во 181. издание на магазинот, направивме 30-минутно интервју со Манчевски, кое во целост го имате во продолжение, за следниот понеделник, по премиерата, гости да ни бидат актерите Борче Начев и Филарета Здравковиќ.
– По фестивалите во Сао Паоло и во Рим, „Сенки“ од петок и пред домашната публика. Кога минатото лето направивме големо интервју со вас во Градскиот парк, работниот наслов на филмот беше „Коски“. Кога коските преминаа во сенки?
Милчо Манчевски: Се скоскија, и станаа сенки, мислам во монтажа. Барав нешто помалку опипливо. Коските се многу грозни и во тоа беше убавината, во таа тешка морбидност, и тоа има своја поетика. Но како се дефинираше филмот, видов дека треба нешто малку полевтерно и потешко да се зграпчи, и така се наметнаа сенките. И името на фирмата што го работеше филмов и која постои од 1998 година е „Сенки“. Но, и самиот поим е доста интересен, тоа е нешто што е со нас цело време, а не го гледаме или забележуваме. Ми текнува една епизода од „Микиев алманах“, сенките кога прават бунт и револуција и се креваат против луѓето. Инаку, интересно, со „Баварија филм“ разговаравме и тие предложија филмот да се вика „Сенки“, со македонскиот збор да оди како име низ светот. За мене тоа беше преезотерично, па реков нека биде „Сенки“, но преведено на јазиците.
– При гледањето на еден филм, сè се врти околу чувствата што тој ги предизвикува кај гледачот. Дали „Сенки“ е филм што си игра со чувствата на гледачот, дали на моменти манипулира со нив, или е чист и јасен?
М.М. Се надевам дека во исто време филмот ќе предизвика едно тешко чувство, но и едно чувство на катарза, на ослободување, на развеселување. Патувањето низ светот на доктор Лазар Перков е патување низ неговиот кошмар, низ неговиот вител, низ неговиот тунел, за на крај да излеземе со светлината на денот, како што и тој е облеан.
– Која е пораката што сака да ја протне филмот до гледачите?
М.М. Јас не верувам во пораки, јас верувам во искреност на уметнички чувства, на една сеопфатна атмосфера и емоција што треба да ти излегува од срцето. Тоа е она што им го кажувам и на моите студенти, нам ни е занает да бидеме манипулатори, но чесни манипулатори.
– Време е да влеземе во поинакви води. Во „Пред дождот“ имаме микс на типична македонска жена и типична современа жена, преку ликовите што ги играа Силвија Стојановска и Кетрин Кертлиџ. Во „Прашина“, пак, прашањето околу ликот на жената се движи на тенката граница меѓу светица и курва. Како, според вас, фигурира жената во „Сенки“, и колку тој е машки, а колку женски филм?
М.М. И во „Сенки“ жените се најсилните ликови, особено во „Сенки“, во споредба со претходните два филма, затоа што верувам дека и во животот е така, а и на Балканот, без разлика на нашето шепурење и изигрување балкански мажи. Паралелно со ова прашање се надоврзува и односот мајка-чедо, или мајка-син. Тоа е исто една од важните теми со кои се занимава филмот, односот на таа медитеранска мајка со синот – златен на мајка. Размислував за тоа како една наша македонска леди Макбет би преживеала и нејзините деца би пораснале, каков би бил тој однос?
– Можеби за филмот можеме да кажеме дека е навидум машки, но има женско срце?
М.М. Тоа е многу интересна опсервација, всушност, како и во другите два филма.
– Ако „Сенки“ ја заокружува неформалната трилогија во опусот на Манчевски, тогаш веќе можеме да зборуваме за некакви паралели што можат да се извлечат од нив. Кои се точките што спојуваат, а кои се оние што ги разделуваат овие три филма?
М.М. Јас немам намерни допирни точки во филмовите, спотовите и во работите што ги пишувам, но тие мора да постојат затоа што доаѓаат од ист човек, од ист автор, особено бидејќи се работи за авторски, а не холивудски филмови. Моите филмови во исто време се занимаваат со вистински, приватни чувства, размислувања и концепти, и тие на некој начин се поврзани. Иако приказните се различни, иако соработниците се различни, иако јас се менувам, филмовите повторно ќе имаат случајни допирни точки. Ако седнам и ги изгледам одеднаш или во три дена, ќе видам дека во сите има погреб или задушница, дека во сите има некоја подвоеност на ликовите, дека има оптичка или визуелна илузија при поигрувањето со времето. Но има и неколку работи што намерно ги повторувам, тоа се ситни мали играрии, кои ми се забавни додека ги работам и верувам дека ќе му бидат забавни и на добронамерниот гледач, иако се работи за мали деталчиња. На пример, секој мој филм почнува со патлиџани, во секој филм се појавувам на фотографија, затоа што не се сметам за добар глумец, и слично.
– По прикажувањето на филмот во Торонто, Сао Паоло и во Рим, се огласија и светските филмски критичари во своите гласила, во чии осврти се провлекува сексуалноста како нишка што ја сметаат за главен адут на филмот. Кога сме веќе кај неа, историјата на македонскиот филм изобилува со вакви сцени. Колку сцените во „Сенки“ се поистоветуваат или се разликуваат со оние во другите домашни остварувања?
М.М. Сексот е една многу убава и интересна работа. „Сенки“ е филм за сексот и смртта и две-три работи што се наоѓаат меѓу едното и другото. Мене ме интересира како ние се однесуваме кон фактот дека општеството ги претворило сексот и смртта во табу. Зошто се тие табу, и како ние се соочуваме со тоа прашање на ограничување или ослободување? Слично беше и во претходните филмови. Овде можеби ова е поконкретно, драматургијата не е толку раскршена, и јас ги работев сцените онака како што мислев дека е неопходно за тој момент при раскажувањето на таа и таа приказна. Тие сцени како такви немаат многу врска ниту со моето лично сфаќање на сексот, ниту со тоа како сексот е прикажан во досегашните македонски филмови. Овој филм си постои како таков, во некој вакуум, но во исто време и како продолжение на македонскиот и светскиот филм. Прашањето е повеќе како ликовите го доживуваат сексот во тој момент, а не физикалноста на чинот.
– Филмскиот критичар на „Муви ривју“, пак, го потенцира егејското прашање, кое суптилно се провлекува низ филмот, дури тоа го спојува во политички заклучок за решавање на името меѓу Грција и Македонија во следниве месеци, повикувајќи се на поднасловот на филмот, „Врати го она што не е твое“. Што мислите за политичката конотација, намерна или ненамерна, во вашиот филм?
М.М. Ако филмот погоди некоја нерв или резонанца кај мене како гледач, секогаш ќе најдам некој драмски и наративен момент за кој ќе се фатам и ќе зборувам. Ако не го стори тоа, џабе се сите други драматуршки, наративни или политички моменти. Филмот, или уметноста воопшто, не се занимаваат, барем не директно, со политика. Секој гест што ќе го направиме е политички, меѓутоа, не толку експлицитно политички. За мене ниту „Пред дождот“ ниту „Прашина“ не беа политички филмови, но беа доживеани како такви. Во „Сенки“ инсистирав да има уште помалку политика, да ја нема, да биде приказна за стравовите, љубовите и кошмарите на еден човек, но дури и во тоа, еве, се пронаоѓа политика. Да, се спомнува прашањето на Егејците, тоа е една многу важна и трагична тема што мора да ја знаеме, да ѝ се навраќаме и да ни биде света, но не верувам дека која било тема без уметничка разработка може да заслужи внимание на еден консумент на уметност.
– Честопати ве опишуваат како автентичен автор, но и како имитатор, да речеме, на еден Полански. Колку се обидувате автентично да ги решите сцените, а колку повикувајќи се на вашите режисерски херои од филмската историја, честопати и цитирајќи ги?
М.М. Понекогаш имам намерни цитати, понекогаш нешто сум научил од многу поголеми режисери од мене, од Грифит до Тод Солонѕ, и никогаш не инсистирам да бидам оригинален по секоја цена. Јас само го барам највистинскиот, најтоплиот, најдиректниот начин да го искажам она чувство, или оној драмски момент што му е потребен на филмот во тој момент. Ако се занимаваш со тоа како ќе те доживува некој професионален гледач, ќе си го расипеш авторскиот однос кон делото, како и можноста да креираш чисто. Тогаш ќе снимаш за некој критичар или за некој гледач и тогаш ќе го изгубиш односот кон платното, и со тоа нема да можеш чисто да работиш.
– По „Прашина“, поточно, по изложбата на фотографии во МСУ во Скопје, изјавивте дека можеби нема веќе да се занимавате со филм. Моментна слабост, или?
М.М. Не моментна криза, туку момент на ослободување. Јас постојано ја имам таа дилема, дали навистина вреди да се жртвувате, бидејќи животот е краток, и прашање е дали вреди големи парчиња од животот да му се посветуваат на еден, на друг, на трет филм. Тоа се крв, пот и солзи, некој тоа го прави со многу радост, јас тоа го правам со многу жртва, за која не ми е жал, но во исто време остануваат некои други работи недоречени, недоиспиени, книги непрочитани, места непосетени, и си мислам дали навистина тоа толку вреди. Еве, во овој филм се вложени три години фул тајм од мојот живот. Наутро ми текнува идеја, ја запишувам, или монтирам, или преговарам со некој продуцент… На крај тоа ќе заврши, тоа е едно мало ДВД, или 6-7 ролни, тоа некој го гледа и ќе смени канал. На крајот од денот ние сме циркусанти, не измислуваме лек за рак. Затоа постојано се прашувам дали сево ова вреди.
– На крајот, ве молам да им ја разјасниме дилемата на македонските гледачи околу неизбежното прашање – дали реално очекувате „Сенки“ да влезе меѓу петте номинирани за Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје?
М.М. Нема шанси! Од таа страна ми е многу лесно, зашто ова не е таков филм. Ова е филм што се гледа во една скопска магла, или во една париска магла, или на едно римско сонце, но не се гледа на едно калифорниско сонце. Ако знаеме дека тие 5-6 илјади членови на Академијата живеат на тоа сонце во Малибу или во Беверли хилс, знаеме каде ќе заврши „Сенки“.
(Интервјуто е направено во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 181, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)