„КинеНова#10“: Интервју со Хамед Солејманзадех, член на „КинеНова“ жирито

Хамед Солејманзадех е ирански филмски критичар, филмски филозоф, режисер и предавач на Универзитетот во Гетинген, Германија и на Академијата DAM во Рим, Италија. Член е на FIPRESCI, а неговата кариера вклучува членување во жиријата на повеќе од триесет престижни филмски фестивали и настани низ целиот свет. Тој е и основач и директор на Меѓународниот фестивал на краток филм „Абас Кјаростами“. Оваа година, во рамките на „КинеНова“, покрај тоа што ќе има улога да одлучува за наградите на најдобрите, заедно со другите членови на жирито, ќе одржи и мастерклас за студентите по филмска и театарска уметност, каде што ќе ја презентира поетиката на иранската кинематографија, која има голем број обожаватели во Македонија.

  • Гледајќи ги иранските филмови, имаме впечаток дека секој Иранец како да се раѓа со љубов кон седмата уметност. Кој беше тој круцијален момент кај вас кога сфативте дека филмот ќе биде вашиот животен повик? Кога се случи тоа, на која возраст?
  • Кога имав 12 години, татко ми ме одведе да го гледам „Кравата“ од Дариуш Мерџуи, многу поетски и филозофски филм. Во тоа време, речиси ништо не разбирав и го прашав татко ми зошто сака да го гледам. Тој едноставно рече: „Ќе го разбереш подоцна“. Таа реченица го посеа првото семе во мојата потсвест за да се поврзам не само со киното, туку и со неговите поетски и филозофски димензии. Подоцна, се запишав на курсеви за филмска режија во Иранското младинско кино друштво во Машхад, мојот роден град, каде што се изнагледав и ирански и меѓународни филмови. Ова патување ја обликуваше мојата страст кон киното како огледало на животот.
  • Веќе неколку години живеете и делувате во Берлин, откако во матичниот Иран собравте големо искуство работејќи за еден од поголемите тамошни филмски фестивали за деца. Кажете ни какво искуство носите од таму, и што ново ве научи фестивалот во однос на седмата уметност?
  • Во Иран неколку години работев како раководител на меѓународниот оддел на Меѓународниот филмски фестивал за деца и млади. Ова искуство ме научи како да комуницирам со професионалци од целиот свет, да градам културни мостови и да го запознаам иранското кино со глобалната публика. Тоа беше основа за разбирање не само на филмот како уметност, туку и како дијалог. Подоцна, преселувајќи се во Берлин за мојот постдокторски труд по филм и филозофија на Универзитетот UdK, брзо изградив нови мрежи и врски. Берлин ми понуди свежи перспективи и слобода да ги проширам моите активности и во истражувањето и во праксата.
  • А што Берлин ви даде како поттик да продолжите да ги проширувате вашите филмски хоризонти, со оглед на тоа што Берлиналето е на мапата на трите најзначајни евроспки А-фестивали? Колку градот го доживувате како свој?
  • Берлин е многу разновиден, меѓународен и креативен град, полн со можности за филмски работници, критичари и научници. Ја ценам неговата отвореност, која ми овозможува слободно да работам и да реализирам проекти што можеби би биле потешки на друго место. Културната сцена е жива, а Берлиналето тука ми дава постојана инспирација. Би рекол дека се чувствувам како дома во Берлин, освен времето – за жал, околу седум месеци градот е ладен и темен, што е единственото нешто што не ми се допаѓа.
  • Најстарата и најпочитуваната организација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ годинава слави стогодишен јубилеј. Од кога сте нејзин член и колку сте активни во нејзини рамки? Колку жиријата на филмските фестивали се важни за одделувањето на квалитетот од квантитетот во филмската уметност?
  • Член сум на ФИПРЕСКИ од 2020 година, а за само неколку години имав чест да бидам член на жирија на повеќе од 15 меѓународни фестивали, вклучувајќи ги Кан, Берлинале, Карлови Вари и многу други. Мисијата на ФИПРЕСКИ е клучна бидејќи им дава на критичарите колективен глас и го промовира уметничкото кино надвор од комерцијалните трендови. Жирија како ФИПРЕСКИ помагаат да се разликува квалитетот од квантитетот, насочувајќи ја публиката и индустријата кон филмови што го унапредуваат кинематографскиот јазик и го одразуваат човечкото искуство на подлабок начин. За мене, тоа е и одговорност и процес на учење што постојано ја изострува мојата критичка визија.
  • Минатата година го создадовте Интернационалниот фестивал за краток филм посветен на магот на иранскиот филм, Абас Кјаростами. Опишете во кратки црти која е неговата приказна, и кажете ни колку сте задоволен од одзивот на филмаџиите и случувањата на самиот фестивал по двете изданија?
  • Основањето на Меѓународниот фестивал на краток филм „Абас Кјаростами“ беше еден од моите соништа, бидејќи бев длабоко под влијание на неговата естетика, филозофија и личност. Од самиот почеток, одѕивот беше огромен: на секое издание добивме околу илјада кратки филмови од целиот свет. Ова ја покажува моќта на наследството на Кјаростами, кое продолжува да инспирира нови генерации. Многу сум задоволен од резултатите – проекциите, дијалозите и повратните информации потврдуваат дека создадовме платформа што го почитува духот на Кјаростами, а воедно го охрабрува поетското филмско творештво денес.
  • Вие исто така имате снимено и неколку кратки филмови, објавено книги, се разбира, постојано пишувате филмски осврти и рецензии… Дали е полесно да се биде филмски автор, или да се проследуваат случувањата во седмата уметност како критичар или фестивалски селектор? Во која улога највеќе уживате?
  • Би рекол дека секоја улога е предизвикувачка на свој начин. Како режисер, се борите со креацијата; како критичар, се борите со размислувањето. Но, лично јас најмногу уживам во критиката, бидејќи за мене таа е исто така чин на креација. Пишувањето критика е како компонирање на уште еден слој уметност – го толкува, го контекстуализира, па дури и го трансформира филмот во нов дијалог со светот. Кураторството на фестивалот, исто така, е наградувачко, бидејќи ги зближува филмовите и публиката во значајни средби.
  • Во рамките на КинеНова ќе одржите мастерклас пред филсмките студенти насловен Iranian poetic cinema. Каква содржина ќе им подарите на нашите студенти, но и на другите посетители? Што треба да очекуваат?
  • Мојот мастерклас ќе го истражи иранското поетско кино како традиција каде што филмот станува форма на визуелна поезија, спојувајќи ја едноставноста на наративот со длабоки слоеви на значење. Ќе ги презентирам делата на Абас Кјаростами, Фору Фарохзад и Сораб Шахид Салес, покажувајќи како тие црпеле инспирација од персиската литература, мистицизмот и секојдневниот живот. Студентите ќе видат како долгото траење, тишината, непрофесионалните актери и отворените приказни создаваат контемплативни искуства. Ова кино ја цени двосмисленоста пред јасноста, претворајќи го обичното во извонредно. Конечно, ќе го поврзам ова наследство со современите ирански кратки филмови, истакнувајќи како поетската традиција продолжува да ги обликува новите генерации.