Годинашен добитник на „Гран при“ наградата на ФИПРЕСЦИ за најдобар филм е „Ainda estou aquí/Се’ уште сум овде“ на Валтер Саљес. Наградата на бразилскиот режисер му беше доделена во петокот, на отворањето на филмскиот фестивал во Сан Себастијан. Во гласањето учествуваа 739 критичари од 75 земји, членови на Меѓународната федерација на филмски критичари, најстарото здружение на професионални филмски критичари и филмско новинарство, кое годинава го слави својот стогодишен јубилеј. Другите четири финалисти во трка за престижната награда беа „The Brutalist“ на Брејди Корбе, „Sirāt“ од Оливер Лаше, „O agente secreto“ на Клебер Мендонса Фиљо и „Sinners“ од Рајан Куглер.

Од востановувањето во 1999 година, Гран прито на ФИПРЕСКИ им беше доделено на филмови од водечки режисери, меѓу кои се вбројуваат Марен Аде, Педро Алмодовар, Пол Томас Андерсон, Алфонсо Куарон, Жан-Лик Годар, Рјусуке Хамагучи, Михаел Ханеке, Аки Каурисмаки, Јоргос Лантимос, Ричард Линклејтер, Теренс Малик, Џорџ Милер, Џафар Панахи и Клои Жао.

„Се’ уште сум овде“ ја имаше својата премиера минатата година на венециската Мостра, каде што ја доби наградата за најдобро сценарио, а потоа беше дел и од оскаровската вечер, каде беше номиниран за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и за најдобра актерка (Фернанда Торес), а подоцна и за наградата „Гоја“ за најдобар ибероамерикански филм.
Интересно, по прикажувањето лани во Венеција, филмот беше претставен од самиот режисер во секцијата „Перлак“ токму во Сан Себастијан, што беше негово шесто учество на фестивалот, откако неговиот дебитантски филм „Terra Estrangeira/Туѓа земја“ беше дел од селекцијата „Zabaltegi/Нови режисери“ во 1995 година.
©FIPRESCI, 2025
