Слободан Максимовиќ дипломираше филмска режија на Академијата во Љубљана. Режираше повеќе од 35 филмови и серии од различни формати и жанрови, а за многу од нив го напиша и сценариото. Неговите филмови беа прикажани на многу меѓународни филмски фестивали и освоија 46 награди. Негови најзначајни дела се играните филмови „Благодарам за Сандерленд“ (2012), „Ника“ (2016) и „Капа“ (2022), документарецот „Технологијата на луѓето“ (2014), минисеријата „Случаите на инспекторот Вренкo“ (2021-2024) која е најгледаната криминалистичка серија на националната телевизија во Словенија, и краткиот филм „Невидливата рака на Адам Смит“ (2017), кој беше во конкуренција на „КинеНова“. Оваа година се враќа на фестивалот во Скопје со документарниот филм „Прасловен“ за словенечкиот enfant terrible, Зоран Предин, со кој во последнава година го освоија регионот, вклучувајќи и неколку фестивалски награди.

- Слободан, вие дефинитивно сте „дете на Балканот“. Роден во Сараево, со македонска жичка, а во новиот милениум и со „европско педигре“. Можете ли да се претставите пред македонската публика извлекувајќи го она што за вас сметате дека е важно да се знае и да се каже.
- За мене е најважно што сум татко на две прекрасни ќерки и човек кој копнее по слобода и мир. Слобода која никого не загрозува. Можеби звучи патетично, но така е.

- Кој беше оној клучен момент кога сфативте дека филмската уметност е повикот на кој треба да му одговорите со својот креативен потенцијал?
- Јас не сум од оние што уште од мали нозе сонувале да станат режисери, не сум ниту некој посебен филмофил. Љубопитноста во мене и желбата за раскажување на некој начин ме насочија кон кинематографијата и признавам дека уживам во тоа. Кога малку подобро ќе размислам, најголемо влијание веројатно имаа пријателите со кои се запознавав во текот на својот живот во Сараево, Скопје и Љубљана.
- Со оглед на турбулентните случувања во филмот кај нас, природно ми се наметнува прашањето каква е ситуацијата во Словенија и со какви предизвици се соочувате таму додека не дојдете до моментот да го реализирате замисленото филмско дело?
- Мислам дека насекаде низ Европа ситуацијата е слична. Парите се секогаш премалку, а филмските творци се се’ повеќе на број. Словенија оваа година го зголеми филмскиот буџет за приближно 4 милиони евра и вкупно изнесува 12.350.000 €. Тоа во пракса значи, ако сте среќен и вреден, можете да работите на филм отприлика на секои пет години.

- „Невидливата рака на Адам Смит“ е прекрасен краток филм снимен во еден единствен кадар, кој собра еден куп награди на светските фестивали. Колку кратката форма е предизвик сега, дали некогаш би и’ се вратиле откако веќе зад себе имате неколку долгометражни играни и документарни филмови, а богами и популарна серија?
- Многу ја сакам кратката форма и на неа гледам како на можност за експериментирање со филмски средства. Да, со драго срце повторно би снимал кратки филмови.

- Конечно дојдовме до моментот зошто оваа година сте повторно на „КинеНова“. Се разбира, очекуваните прашања: како дојде до соработката со Зоран Предин? Се работеше за претходно познанство? Чија беше иницијативата за снимање на документарниот филм за неговите живот и кариера?
- Зоран го знам подолго отколку тој мене. Уште додека живеев во Скопје на „Стотројка“ ги слушав најголемите хитови на Лачни Франц. Страшно ми се допаѓаше таа музика и неговиот меланхоличен глас од „новиот бран“. Виновникот за нашето запознавање е неговата сопруга Барбара, со која работевме на еден филм. Кога и’ кажав дека ги сакам Лачни Франц, следниот ден дојде со ЦД бокс-сет со комплетната дискографија и автограм од Зоран. Неколку години подоцна снимив спот за Европското првенство во кошарка со Зоран, кое се одржа во Словенија. Идејата за документарниот филм дојде од обајцата, иако Зоран беше тој што прв го повлече „чкрапалото“ и ме повика на кафе. Сакаше филмот за него да го прави некој што ја познаваше и неговата југословенска кариера. Со двете раце прифатив. Зоран многу ми помогна во изборот на соговорниците од различни профили од разни делови на поранешна Југославија. Го напишав сценариото и тргнавме во акција на собирање пари за да го снимиме филмот.
- Колку траеше процесот од иницијалниот момент до премиерата на филмот? Низ што се’ требаше да поминете за да дојдете до крајниот резултат? Имаше ли кризи, караници, затоа што сепак се работи за континуиран work in progress…
- Самата продукција траеше пет години, а во монтажа поминав околу седум месеци. Првиот месец се пробивав низ изјавите и архивскиот материјал. Сакав да направам филмичен, а не телевизиски филм составен од „глави што зборуваат“. Многу се базирав на архивскиот материјал и околу него ја градев приказната. Мислам дека успеавме да го претставиме Предин на најдобар начин бидејќи тој тоа дефинитивно го заслужува. Кога ќе го погледнете филмот на големото платно, заборавате на сите проблеми и тешки работи што ве спречувале во работата.

- За да се изработи документарен филм за една музичка ѕвезда кој ќе остане како наследство и за идните генерации, колку подготовки треба да се направат, колку архивски материјал треба да се изгледа… и најважно од се’, колку ти како сценарист и режисер го слушаше и сакаше претходно Зоран Предин, за да можеш подлабоко да навлезеш во неговата уметничка поетика и животна филозофија?
- Мислам дека период од некои пет години се некој минимум за да загребеш под површината на некој човек, откривајќи ги притоа неговите вредности и мани. Многу „ѕвезди“ познаваме од медиумите, а знаеме дека тие лесно можат да ја искриват сликата. Филмот „Прасловен“ не е само фалење на еден исклучителен уметник, бидејќи ја прикажуваме и неговата „темна“ страна, или подобро, неговата „човечка“ страна. Сите ние во животот правиме грешки, и се разликуваме колку учиме од нив и се стремиме кон подобро. Ова не е само филм за Зоран Предин , туку и приказна за една епоха, една рокенрол сцена која беше трета во светот по својот квалитет, и која со своето творештво и критика се трудеше општеството да го направи подобро.
- Чинам дека добро ја познаваш македонската музичка сцена, која во моментов повторно доживува експанзија со многу млади бендови и добра музика. Што би издвоил од неа, од некои минати времиња, кога во младешките години значеше спас и бегство од суровата реалност на Балканот?
- Како што знаете, роден сум во Сараево, и мојот прв допир со македонската рокенрол сцена беше преку Леб и сол. Кога почна војната во Босна, еден период од животот го поминав во Велес, од каде потекнува мојата мајка, и во Скопје, каде живеев кај мојата тетка. Тогаш, повторно преку моите прекрасни пријатели, запознав исклучителни бендови како Архангел, Мизар, Кисмет, Кирил, Киборг, САФ… Текстовите на Вртев беа нешто волшебно. И ден-денес со задоволство ги слушам Архангел. Кога си млад и кога се бараш себеси, изборот на музиката те формира до крајот од животот.

- „Прасловен“ се прикажуваше на филмскиот фестивал во твоето родно Сараево. Колку емотивно го доживеа тој момент, „враќањето дома“, и како помина премиерата? Бидејќи, да не заборавиме, Предин беше меѓу првите музичари кој концеритраше во пост-воено Сараево.
- Тоа навистина беше незаборавно, но не поради моето враќање во родниот град, бидејќи често одам таму, туку заради необичната проекција. Отвореното кино пред сараевското собрание беше распродадено до последното место. Немав посебни очекувања, бев среќен што во публиката се моите пријатели и моето семејство. По 42 дена без дожд, во педесеттата минута од филмот почна да паѓа, велат дека тие денови сите светски лидери се молеле да има дожд 🙂 Проекцијата е прекината, а публиката беше замолена да се префрли во Босанскиот културен центар кој е оддалечен околу два километри. Одеднаш заедно со 650 луѓе чекоревме кон затвореното кино и попат собравме уште некои љубопитни гледачи. Филмот го одгледавме до крајот со фантастична реакција на публиката и стоечки овации кои траеја десетина минути. Е дури тогаш сфатив дека сум направил добра работа. Сите бевме пресреќни.
- Кого се‘ можеме да видиме на филмското платно како соговорник и љубител на музиката на Предин? Дали тие луѓе, писатели, музичари, актери, познати во својата бранша, со драго срце ја прифатија поканата за учество во филмот? И дали можеби некого не доби, а посакуваше да биде дел од филмот?
- Секој што го повикавме со радост прифати да зборува за Предин. Дури и Балашевиќ, кој баш и не сакаше да дава интервјуа, веднаш прифати. Имаме навистина фантастични соговорници. Жал ми е што продукциските термини не можеа да се усогласат со обврските на Влатко Стефановски, кој исто така беше планиран во филмот. На мене како режисер ми беше големо задоволство да разговарам со Габи Новак, Бранко Ѓуриќ, Борис Дежуловиќ, Петар Поповиќ, Ања Рупел, Миљенко Јерговиќ, Јуре Франко, Матија Дедиќ, Зоран Чутура, Елвис Џ. Куртовиќ и многу други безвременски великани на југословенската културна, спортска и научна сцена.

- На фестивалот доаѓате заедно со Предин, но и со Борис Дежуловиќ, кој можеби има најголема зборувачка минутажа во филмот. „Прасловен“ ќе има проекција и во Велес. Исто како и прашањето за Сараево, колку ви значи премиерата во Македонија? Какви емоции поминуваат низ вас?
- Многу ми значи, особено проекцијата во Велес, каде е родена мојата мајка и каде никогаш не сум имал проекција на некој од моите филмови. А за Скопје знам дека ќе биде супер и веќе се радувам на средбата со моите драги луѓе.
@photos by Kaja Maksimović, Filip Krainčanić, Borut Žuvulović