Исус низ уметноста

Сите ние, горе-долу, го знаеме текот на библиската приказна за 33-те Исусови години на Земјата. Иако од неговата осумнаесетта до неговата триесетта година од животот, според добрите познавачи на материјата, нема многу релевантни податоци, се смета дека тој период го минал во изучување и практикување на столарскиот занает. Впрочем, и самите дела на сликарите најчесто младиот Исус го сликаат во таков, работен амбиент. Во овој текст ќе ги претставиме некои од исклучителните дела во уметноста кои го прикажуваат Христос во различните фази од неговиот живот, од уметници што доаѓаат од сите континенти. Токму таа различност во пристапот и стиловите е она што овие слики ги прави возбудливи и неповторливи.

„Тој плаче над Ерусалим“ (1892), Енрике Симонет Ломбардо

Како што е наведено во една неодамнешна статија за реалистичниот „изглед“ на Исус, многу од она што го знаеме за неговиот изглед е производ на уметничката конвенција. Бидејќи Светото писмо не дава опис на тоа како изгледал Христос, сликарите и мозаичарите честопати прибегнувале кон уметничките канони од своето време за да создадат визуелна слика на Назареецот. Ова значи дека некои од најраните прикази на Исус нудат скапоцен увид во различниот иконографски стилови на местата и луѓето што го сочинувале раното Христијанство.

А кога сме веќе кај категоријата „најстариот“ приказ на Исус, токму оваа слика горе се смета за една од првите уметнички интерпретации за неговиот можен изглед. Се работи за византиска икона која датира од шестиот век, која денес се чува во манастирот „Света Катерина“ на планината Синај во Египет, на која е претставен Христос Пантократорот. Или, во превод, „тој што има власт над се’“. Различната експресија на неговата лева и десна страна од лицето ја изразува неговата двојна природа, човечката и божествената.

Навестувањето на божествената природа на Назариќанецот е една од омилените теми на сликарите низ вековите. И во нашите цркви овој мотив е еден од најсликаните. На горната слика насловена „Раѓањето на Христос“ ја гледаме замислата на еден непознат индиски сликар од 1800 година, изработена во карактеристичен израз од тоа поднебје, со многу боја и шаренило.

Исто така, и претставата на Марија и нејзиниот син е еден од најчестите мотиви кој можеме да го видиме во христијанските храмови. Овој пат претставуваме два мозаика кои доаѓаат од две различни култури. Првиот (горе) е изработен од јапонскиот уметник Лука Хазегава (1897-1967) и се наоѓа во базиликата во Назарет, насловен „Девицата и детето со цвеќиња“. Вториот мозаик (долу) се наоѓа во истата базилика во Израел и се карактеризира со познатиот тајландски стил.

Животот на детето Исус е многу симпатично отсликан во делото „Христовото детство во Назарет“ (2005) од британскиот уметник Марк Казалет (1963). Фасцинира таа безгрижност на улиците на стариот град каде момчето е фатено во висок скок над скалите, уживајќи го секој момент од својот детски живот.

Како што споменавме претходно, младоста на Исус најчесто е насликана низ неговата грижа за стадото овци во непрегледните пространства на Витлеем, но и низ учењето и практикувањето на столарскиот занает. Двете следни слики на супериорен начин ги доловуваат овие животни премрежија. Во првата слика, рускиот сликар Василиј Димитриевич Поленов (1844-1927) во делото „Соништа“ (1894) се обидува да го наслика Исус додека размислува за иднината, додека англискиот сликар Џон Еверет Милајс (1829-1896) во сликата „Христос во куќата на своите родители“ го прикажува Исус во работна атмосфера со своите најблиски.

По активизмот и приклучувањето на Назареецот во тековните движења од неговото време, следи средбата со Јован Крстителот и неговото покрстување во реката Јордан. Овој момент од неговиот живот на сигнификативен начин е насликан од еден непознат етиопијски уметник во 18 век, со многу живи бои и автентичен африкански стил. На втората слика долу, пак, го гледаме овој значаен момент во интерпретација на Персиецот Абу Рајан ал-Бируни, чија слика е дел од книгата „Хронологија на античките народи“ од 14 век.

Во меѓувреме, Исус на свадбената веселба во Кана го прави првото чудо, претворајќи ја водата во вино. Потоа следи потрагата по апостолите меѓу народот, оние кои ќе го придружуваат во неговата понатамошна мисија. Една од најубавите слики повторно доаѓа од колевката на Христијанството, Етиопија, единствената африканска држава која никогаш не била покорена, односно, не била ничија колонија во историјата. На островот Зеге на езерото Тана се наоѓа познатиот манастир „Ура Кидане Мерет“, на чии ѕидови се наоѓа сликата која го доловува моментот на ширењето на словото на Исус меѓу народните маси.

Проповедта на отворено, меѓу загубените души, била вообичаената практика со која Исус, според библиските записи, го ширел своето учење. Да не биде дека претставуваме само слики од непознати автори, еве една на оваа тема од славниот фламански сликар Јан Бројгел Постариот од 1598 година, насловена „Проповедта на планината“, која изобилува со детали и мноштво од ликови кои дошле да слушнат што има да каже младиот проповедник.

Несекојдневните чуда кои продолжил да ги практикува Исус и за кои луѓето секојдневно зборувале, неретко се вистинска инспирација за сликарите низ историјата. Во случајов издвојуваме три дела. Првото е византиски мозаик од 12 век кој се наоѓа во катедралата „Света Марија“ во Монреале, на Сицилија, на која гледаме како Христос лечи од лепра. Волшебното одење по површината на водата, пак, додека немирното море се заканува дека ќе го голтне, е прекрасно насликано од италијанскиот сликар Доменико Морели во 1865 година. А токму скротувањето на бурата го доловува современата сликарка Лаура Џејмс (1971) во делото „Исус ја смирува бурата“ (1995), инспирирана од (погодувате!) етиопската уметност.

По патешествието надвор од нативната Галилеја, Исус охрабрен и со еден куп следбеници се враќа во Ерусалим, во домот на неговиот Татко, каде се случува онаа надалеку прочуена сцена кога ги протерува менувачите на валканите пари надвор од Божјиот храм. Руската православна икона од 16 век, која се наоѓа во музејот „Кремљ“ во Москва е прекрасен пример за влегувањето во Ерусалим, а анархистичниот момент одлично го доловува делото на фламанскиот сликар Квентин Масис од почетокот на 16 век.

Исус веќе влегува во фокусот на Римјаните, и следи тајната вечера со 12-те апостоли на која ќе биде издаден. Се разбира, славната „Тајна вечера“ на Леонардо да Винчи е општо место во популарната култура, затоа во случајов бараме алтернатива за доловување на тој значаен библиски момент. Изборот повторно падна на одличните африкански уметници, чија современа интерпретација ја краси христијанската црква во градот Бамако во Мали.

„Христос на маслиновата планина“ е сликата од 1889 година која славниот Пост-Импресионист Пол Гоген ја посветува на моментот на исчекување на сатрапите, приведувањето на Исус од страна на римските војници. Пред да откачи и да ги слика сјајните Тахиќанки, францускиот уметник сепак го преиспитувал и духовното во себе 🙂

„И тогаш Пилат им се обрати на свештениците и на толпата: Не наоѓам основа за обвинение против овој човек“, вели Евангелието по Лука. Овој значаен библиски момент, соочувањето на моќниот Понтиј Пилат со Исус Христос, е фасцинантно доловен од рускиот сликар Николај Ге во делото од 1890 година насловено „Што е вистината? Христос и Пилат“.

Сепак, пресудата е донесена, и следи долгиот пат по „Виа Долороса“. Секој човек, во зависност од своите одлуки, го носи својот крст на грбот. Исус, и покрај маките, тоа го прави на достоинствен начин, стигнувајќи до крајната дестинација, Голгота. Славниот ренесансен сликат Паоло Веронезе ја доловува таа сцена на платното од 1571 година, додека неговиот земјак, Италијанецот Антонио Лигабе, во 1962 година на специфичен начин го претставува распнувањето на крстот.

Доаѓаме до моментот кога неизбежно е да ја вклопиме и славната фреска „Оплакувањето на Христос“ од нашиот свети Пантелејмон во оваа приказна. Ова ремек-дело од непознат автор се смета за предвесник на Ренесансата. Целата приказна можете да ја прочитате на следниот линк:

Воскреснувањето, исто така, е еден од главните мотиви и инспиратори во историјата на уметноста. Во случајов, како заокружување на целата библиска приказна, претставуваме една слика која на суптилен начин го доловува моментот на отворениот Исусов гроб, пред кој жените сведочат за чудото. Делото едноставно насловено „Жените на гробот“ е на британскиот сликар Харолд Копинг и датира од 1927 година.

И на самиот крај од ова патување низ животот на Исус со помош на уметноста, благодарение на Жан-Пјер Избут, го затвораме тематот со сликата насловена „Исус на народот“ на американската сликарка Џенет Мекензи, која на глобалниот конкурс на „Католик рипортер“ во 2000 година ја доби првата награда на тема, погодувате, „Исус“, претставен во сосема различно светло. Среќни празници 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *