Кон „Играч број 1“ на Стивен Спилберг
Трите термини на големите холивудски студија за пласирање на своите нови блокбастери се Велигденските празници, летото и Божиќните и Новогодишните празници. Првиот од нив мајсторски го искористија „Ворнер брадерс“ и нивните помали сателити, подарувајќи ни ја прекрасната виртуелна авантура насловена „Играч број 1“, чија заработка веќе ги надминува очекувањата, и со право, бидејќи се работи за филмско остварување кое го потпишува маестро Стивен Спилберг. Се сеќавам, во 80-те години на минатиот век, кога ќе се појавеше било кое ново филмско дело на генијалецот, последната ноќ пред утрешната проекција вообичаено, од возбуда, остануваше непроспиена. Серијалот „Индијана Џонс“, „И-ти“, „Империја на сонцето“… беа филмови со кои растевме, иако подоцна, ре-откривајќи ја имагинацијата на еден од најплодните американски режисери (57 проекти досега), многу ги засакав и „Дуел“, „Шугарленд експрес“, „Ајкула“, „Блиски средби од трет вид“…
Веројатно клучната година за овој текст е 2001-та, кога Спилберг го започна својот нов креативен милениум со филмот „Вештачка интелигенција“, снимен според краткиот расказ на Брајан Алдис од 1969 година. Кјубрик неколку години подоцна ги откупил правата за екранизација, но после долги три декади, сепак не успеа да го финишира онака како што сака, делумно поради тоа што не бил задоволен од развојот на визуелните ефекти (сакал момчето да го игра виртуелен лик, а не вистински актер), а можеби и поради презафатеност со другите антологиски проекти кои во меѓувреме ги сними. Откако во средината на 90-те му дава отворени порти на Спилебрг да прави што сака, реализацијата на филмот се актуелизира дури по смртта на Кјубрик во 1999 година, и веќе после две години го добивме одличниот Хајли Џоел Осмент во филмот кој сигурно е во првата стотка во новиот милениум во фолдерот „научна фантастика“. Почитта на Спилберг кон Кјубрик можеше да се насети уште во тој проект, бидејќи најголем процент од неговата замислата американскиот колега ја реализираше без да чепне нешто, иако тоа би можел да го стори. Но кога, иако сте една од најпочитуваните живи филмски легенди, ќе го скротите своето его, тогаш крајниот резултат е секогаш и повеќе од задоволителен, а личната посвета ја оставате за некоја следна прилика.
По пауза од 17 години, конечно дојде и тој момент кога, благодарение на маестро Спилберг, омилениот Кјубрик воскресна. Подобра посвета филмскиот маг не можеше да добие, особено поради фактот што не се работи за виртуелна реминисценција на антологиски филмови како „2001: Одисеја во вселената“ или „Пекониот портокал“, неговите најизвикани филмови, туку повикување на можеби најкомплетниот хорор во историјата на филмската уметност, „Сјаење“ од 1980 година. Снимен според книгата на уште еден великан, Стивен Кинг, овој филм во кој Џек Николсон ја остварува една од најдобрите креации во неговата филмска кариера, е совршена платформа за оддавање почит кон еден од своите пријатели и идоли од филмското платно, и тоа на начин на кој секој би позавидел. Имено, во „Играч број 1“ ликовите се соочуваат со сите маестрални стапици од „Сјаење“, како двете психоделични сијамски близначки, госпоѓата од кадата, хотелската сала каде, за жал, не се појави барменот со неговата приказна, и на крајот, неизбежниот и незаборавен лавиринт во снегот со големите удари со секира врз присутните.
Но, филмот на Спилберг, снимен според истоимената книга на Ернест Клајн, и генерално е една голема посвета на поп културата, која ги надминува дури и симпатичните реминисценции на ликовите од ситкомот „Теорија на големиот прасок“, чиј живот е комплетно посветен на сè што е поврзано со поп културата во целина, од телевизиските серии, филмовите, па сè до комјутерските игри и музиката. Во „Играч број 1“, интересно, главните музички хитови се оние од 80-те, како Спилберг да сака да нé потсети на своето славно минато кога почна да го освојува светот со своите ненадминати филмски илузии, сведоци сме и на Џој дивижн маичка која ја носи главната хероина, Земекис коцката со која го враќате времето 60 секунди назад е прекрасна алузија на серијалот „Враќање во иднината“, но сепак, филмот оди далеку напред, во 2045 година, играјќи си со можниот развој на виртуелната стварност, чија сугестивност никого нема да остави имун.
„Порано луѓето ги решаваа своите проблеми, а сега сите сакаат само да ги надминат“, односно, да поминат покрај нив со ставање на очилата врз својата глава, овозможувајќи им свет поинаков од реалниот, свет без проблеми, свет полн со слатки илузии. И со овој филм Спилберг е напред во времето, бидејќи ја чепка токму онаа тема која сите ние како полека да ја насетуваме – иднината на новите генерации, чиј светоглед не излегува надвор од границите на магичниот монитор. Тие таму имаат сè, и немаат воопшто потреба за вклучување во размисла за социјално-општествено-политичките проблеми со кои ќе се соочат во годините на својата зрелост. Таквата матрица режисерот совршено ја разработува, давајќи ни од сè по нешто (веќе видено и апсолвирано како филмска постапка и естетика): херој кој доаѓа од предградието, поддржан од неговите пријатели од подземјето низ едно шаренило од ликови меѓу кои задолжителни се Афро-Американците, но и Јапонците (поради природата на приказната), така прикажувајќи ни едно мулти-етничко општество во борба против моќната корпорација, која ја интересира само заработката. Доколку ова треба да биде некаква основна лекција за понатамошна надградба на претставниците на новите генерации – пеки! Но сè ми е чини дека работите намерноно се поедноставуваат за да нема понатамошни реперкусии.
Како и да е, гледајте го „Играч број 1“, возбудата е на врвно ниво, а спектаклот од емоции е загарантиран!
(Текстот е објавен и на kritika.mk)