Пред некој ден, при случајна средба, еден познаник со кој не сме се виделе одамна, по вообичаените „како-си-шо-праиш“, не’ фати онаа мала, непријатна тишина кога не знаеш како да продолжиш понатаму, и во моментите кога веќе се немаше каде, тој како од пушка го исфрли прашањето: „Што мислиш, кои филмови годинава ќе добијат Оскари?“ Ме фати сосема неподготвен и затечен, и решив, како и секогаш, да ја кажам вистината, и само вистината: „Јас одамна не следам што се случува со Оскарите“. Тој ме погледна, заниша со главата горе-долу во знак на одобрение, и констатираше: „Аааа, ти си по оние Кан-ман, Берлин, Венеција…“ Слатко се изнасмеавме, се поздравивме и се разделивме, оставајќи ме попат да заклучам дека навистина во последниот период многу повеќе ја следев и третирав седмата уметност која не беше произведена во холивудските студија. Впрочем, како и во најголем број од случаите откако 25 години се занимавам со филмска критика. Но, секогаш постои она „со чест на исклучоците“, а во случајов тоа е вториот дел од филмскиот спектакл на Џејмс Камерон насловен „Аватар: Патот на водата“.
Кога во 2009 година се појави првенецот, беше вистински погодок за филмофилите. Одамна еден наслов ги немаше на тој начин разбуричкано страстите како новата фантазија на мајсторот на подвижните слики, кој оттогаш ги продолжи подводните истражувања на кои им беше и претходно посветен, едноставно бегајќи од површината на Земјата каде не гледаше место за неговите естетски визии. Но, годините навјасуваа, и наместо нови кинематични светови, Камерон реши да му се наврати на супер-успешниот „Аватар“, на чие продолжение сме сведоци за време на празнициве, со најава дека така ќе биде и во следните години, кога ќе имаме можност да гледаме уште три продолженија кои на големо се подготвуваат. Па, како се вели: „Кад је бал, нек је маскенбал!“
„Среќата е едноставна, како денот и ноќта, но може да исчезне за миг“, вели еден од карактерите во првите десет минути од филмот, кој на новите гледачи им ги претставува постулатите врз кои е заснован и функционира животот на планетата Пандора (Семејството е тврдина!), а старите гледачи преку суптилен хајлајт ги потсетува на неколку битни моменти од првиот дел, на кои треба да се внимава во продолжението (Пандора е алтернатива на Земјата, која е пред колапс). И тогаш следи драстичен рез, кој нагласува: „Една година подоцна“.
Во таа неизвесна иднина во која корпорациските човечки суштества се обидуваат да извлечат што повеќе минерали од богатата Пандора, но и да му се одмаздат на Џејк, тој и Нејтири, со цел да го заштитат својот народ кој живее во шумата, со своето потомство заминуваат на другиот крај од планетата, кај „гребенците“ кои ја практикува водата како принцип и начин на живот. Зелената боја на шумата од првенецот во вториов дел е заменета со непрегледното синило на океанот, во еден фин контрапункт со бојата на кожата на главните протагонисти во филмот. Сето друго, горе-долу, е речиси исто: жените додека се караат си „с’скаат“ и се тегнат за опаш, а мажите генерално се мирољубиви и оружјето го користат за лов, но кога ќе бидат загрозени нивните домови, и тие се претвораат во убиствени машини, исто како и луѓето.
Сценаристот и режисер успеа да создаде платформа за креирање на прекрасна нова митологија на филмското платно еднаква на онаа на славниот Толкин. „Господарот на прстените“ може да се пофали со милиони поклоници благодарение на книгите на англискиот автор, а потоа и на екранизацијата на Питер Џексон. На таа линија размислува и Џејмс Камерон, бидејќи оваа „играчка“ која тој може да ја експлоатира до недоглед, содржи слични, да не речам идентични елементи: мапа со места на случување на дејствието, свој засебен (измислен) јазик, обичаи и ритуали можеби карактеристични за некои племиња на нашата планета, но транспонирани далеку ви иднината, на друга планета, итн. На сето тоа канадскиот автор го додава зачинот наречен „матријархат“, бидејќи ниту една одлука во филмот не поминува без одобрение на силните женски ликови. Секако, тој не заборава дека во 2022 година живееме во сосема нови околности, и актуелната состојба со милионите раселени лица низ светот ја става во контекст на приказната за бегалците и мигрантите, во случајов семејството на Џејк и Нејтири, кое мора да се прилагодува на новиот начин на живот, на новонастанатите околности во кои треба да (пре)живеат. Затоа главната реплика во поголемиот дел од дејствието е „учи брзо и прилагоди се“.
Крајот од филмот низ вртоглава акција не’ вози како ролеркоустер во кој составен дел се и океанските суштества, чија срцевина го продолжува животот. Таа митска човекова потрага по вечна младост филмаџијата само ја чепнува, не дозволувајќи и’ да се развие понатаму, и како играње на сигурна територија повторно надвладува веќе споменатото искуството на Камерон со подводните истражувања (Ghosts of the Abbys, 2003; Aliens of the deep, 2005) измиксано со веќе видените решенија од грандиозните сцени на „Титаник“ (1997). Во големото финале, смртта значи раѓање на нов живот, бидејќи за да се роди нов лидер, стариот мора да замине.
Несомнено, Џејмс Камерон и екипата креираа уште еден филмски спектакл, во кој се ужива три часа и десет минути без да ви биде здодевно. А да, земете и пуцки и течности, за да не бидете проголтани од грандиозниот тулкун 😉