„You wearin’ a mask, which mask are you…“ вреска старото панкериште во темата „Mask“ која го отвора неговиот нов албум „Beat ‘Em Up“ излезен на 17 јули оваа година. Со тоа повторно дава до знаење кој е кралот на рокенролот, тој турбулентен жанр, кој со години умира и повторно, за инает на другите, се инкарнира и ревитализира.
Џејмс Остерберг, алијас Иги Поп, уште на 14-годишна возраст на сцената го видел својот идол Џери Ли Луис како вреска и си поигрува со пубертетската публика, која од него очекувала бест-оф настап, но тоа, нормално, не го добила. Оттогаш бил трасиран патот на голобрадото детроитско момче, од средношколскиот бенд The Iguanas, преку зачетниците на панкот, моќните The Stooges, па се’ до неговите полнокрвни соло албуми, кои со текот на годините ја добија онаа комбинација на сировост и чистина, која непрестано зрачи со светлечка енергија.
По долгата елипсоидна кариера на „кучето со девет животи“, преполна со хероин и рехабилитациски третмани по разни болници ширум САД, последнава декада е време кога овој артист создаде неколку албуми вредни за почит, пред се’ поради нивната зрелост и добрата одлука за враќање кон музичките корени, сето тоа надополнето со констатацијата дека Иги Поп кога сака, навистина знае да отпее и по некоја добра балада. Се сеќавате на албумот American Caear од 1993, нели?
„Beat ‘Em Up“ е логично продолжение на таквата филозофија, зачинета со интензивни, гневни, катарзични, страсни и агресивни темо во кои преовладуваат пароли од типот „I’m in the garden of evil, Yu wearin’ a mask, You got a beat ’em up“… По краткиот излет во џез водите со претходникот „Avenue B“ (1999), новиот албум повторно не’ враќа на територијата на која Иги се чувствува најсигурно и најавтентично. Енергични гитарски рифови, манични вокали, остра критика на амриканскиот начин на живот, директен хумор преполн со иронија… се светогледите на човекот кој во својата младост го сечеше своето тело со парчиња стакло, само за да ја покаже својата сериозност при настапите на сцената. За крајот на албумската приказна да биде посладок, тринаесетминутната „V.I.P“, во која во шестминутен монолог Иги плука и уринира врз славата, фаталната состојба на свеста што ја разбива душата на илјадници парчиња. ОК, дечко!
Иги Поп веќе навлезе во шестата деценија од животот и преку глава му е од бунтовничките срања. Но тој и понатаму прави рокенрол во чист облик, без фолирање и полирање, а најдобар доказ за тоа се неговите настапи во живо, кадешто и понатаму на публиката и’ го дава и последниот атом од својата непресушна енергија. Којзнае како звучи новиот албум на сцена? Моќно? Сочно? Дефинитивно игипоповски!
@Текстот е објавен во октомврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.