Кон компилацијата „Morricone RMX“, Various artists

Триесет и кусур годишната кариера на маестрото на филмската музика, Енио Мориконе, оваа година е крунисана со фантастична музичка компилација, која, на некој начин, претставува длабока посвета и благодарност од неговите музички фанови за сите слатки звуци што тој ги компонирал и отсвирел во текот на неговата богата кариера.

„Мориконе ремикси“ содржи тринаесет теми земени од различни филмови, најчесто вестерни, за кои композиторот вообичаено и милуваше да пишува музика. Старите добро познати мелодии, кои често си ги потсвирнуваме, овој пат пуштени низ современите машини и ставени во различни контексти (амбиент, даб, хаус, електроника, техно, трип-хоп, џангл, драм ен бејс) навистина звучат прекрасно, создавајќи нови ликови и ситуации во кои би можел да се најде секој урбан каубој.

Компилацијата започнува со двете легендарни теми од филмовите „The Man with the harmonica“ на Аполо 440 и „For a few dollars more“ на Теранова. Меѓутоа, и покрај лесно заразните тонови, овие бендови не покажале некоја претерана досетливост за валиден ремикс. Оваа констатација не важи за одличната тема „Belinda May“ на Фантастик пластик машин од филмот „The Alibi“. Продуцентот и ремиксер Томоѕуку Танака на оригиналната тема на Мориконе не и’ одзел ништо, туку напротив, и’ додал богатство од латино звуци, со што на моменти и ја надминал визијата на маестрото.

Најголемата тежина на албумот паѓа врз бендовите Тивери корпорејшн и Најтмер он вакс, највлијателните имиња во својата бранша во последниве години. Тие, се ремиксите на темите од филмовите „Il Grande silencio“ и „Magdalena“ ја збогатуваат оваа колекција на ефектни преработки, која без предрасуди ве вози од почеток до крај, сите 70 минути. Интересно за споменување е и учеството на двајцата ди-џеи од бендот Рокерс хај-фај, Bigga Bush и DJ Dick. Тие на сосема различен начин ја „прочитаа“ основната тема од филмот „Clan of the Sicilians“, едниот во егзотик, а другиот во минималистички фазон, со што ни ги предочија обете страни од истото огледало.

Она што можеше да стане најголем кич во историјата на современата (филмска) музика, одеднаш, со оваа компилација, се претвори во забавен, слушлив и хипнотичен сет од ремиксувани теми облечени во модерно руво, соодветно за почетокот на 21 век, како еден вреден и поклон-до-земја hommage на великанот Енио Мориконе. Совет: препорачливо за слушање во автомобил на отворен пат 😉

@Текстот е објавен во октомврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *