Ударниот термин во последните две вечери на „Загребдокс“ (14-21 април) беше резервиран за проекција на актуелниот документарен филм „The Birthday party: Mutiny in Heaven“ на режисерт Ian White. Приказната за матичниот бенд на Ник Кејв предизвика голем интерес кај фестивалската публика, и обете проекции беа исполнети речиси до последното место. Присутни беа луѓе на различни возрасти, од оние во средни години кои веројатно растеле и созревале со музиката на Кејв, до младинците кои можеби токму ова лето за прв пат ќе присуствуваат на некој негов концерт во рамките на актуелната турнеја. Набојот во воздухот постоеше, време беше кино-екранот да експлодира!
Ник Кејв како целиот живот да е на една долга непрекината турнеја. Тој постојано создава нешто ново, компонира, музицира, изведува… а документарецот за неговиот бенд во младоста само фино се надополнува на таа филмска лента која нема крај. Скромно почнувајќи во австралиското предградие, „The Birthday party“ го наследија лудилото на „Boy next door“ и го донесоа на врвно ниво. Тие станаа еден од највлијателните бендови на своето време поради непредвидливоста на нивните настапи во живо, и секако, поради музиката што ја создаваа, која не можеше да се стави во ниту еден фолдер, затоа што беше дива и автентична. Раскажан со зборовите на членовите на бендот, „Бунт во рајот“ за прв пат ја носи приказната за „down-under“ групата на големиот екран.
Откачената приказна во час и половина ни го „подарува“ сето она што како тема се наметнува околу функционирањето на еден бенд кој доаѓа од контракултурата. Истоимената песна на групата (Mutiny in Heaven) земена како (под)наслов за филмот е одличен потег, ем препознатливо, ем метафорично. И навистина, кон крајот на 70-те години Австралија е еден вид рај на земјата. Мирните денови без многу бранување можеби се пријатни за тамошните пензионери, но не и за новата генерација која во вените го чувствува панкот и њу вејвот на половина свет дистанца од нив. Таа енергија морала да се канализира, а музиката е прекрасен медиум за тоа. Во тие денови започнува “бунтот во рајот“.
Откачената приказна за „The Birthday party“ раскажува за искачувањата и падот на бендот и неговите членови поединечно, за барањето на инспирација, за креативноста при изведувањето на песните, за зависноста од дроги, за популарноста која (не) се случила преку ноќ, за самоуништувањето… тоа се тие елементи што режисерот Јан Вајт успеал да ги скоцка на вистински начин, давајќи ни незаборавно доживување. Човекот чии филмови добија безброј фестивалски награди, кој патувал во воените зони, снимал со деминери, а неговите снимки често се користат на состаноците во Обединетите нации, со овој филм си направил ќеиф на душата, реализирајќи ја долгогодишната идеја за снимање документарец за неговиот омилен бенд.
Овој филм не’ враќа во споменатиот период на пост-панкот, откривајќи ни ги тајните на момците чија визија се разликувала од останатите во нивната генерација. Нивните соништа, надежи и мотиви за создавање на јадро кое ќе зрачи автентична енергија во земјата-континент каде не се случувале многу интересни работи, на крајот експлодираше во проектот едноставно насловен „Роденденска забава“, на која се поканети сите, па кој издржи – ќе раскажува. Зачинет со ексклузивни архивски снимки досега неприкажани во јавноста, со искрени интервјуа, студиски снимки и анимации, филмот на Вајт навистина ја разнесува главата, онака како што тоа го правел бендот кога ќе се качел на сцената.
Добар квалитативен дел од филмот е изработен во анимирана варијанта. Црно-белата анимација совршено одговара на сензибилитетот на графичкиот роман „Mercy on me“ на германскиот стрипаџија Рајнхард Клајст. Тој во неговата приказна го разработува животот и делото на Ник Кејв, а во првата половина, неизбежно, доминира токму приказната за „The Birthday party“. Помислив дека можеби Германецот бил дел од екипата на филмот, но по проверката, сепак, анимациите за доксот не се со негов потпис.
Повелете линк од тој текст:
Приказната во „Бунт во рајот“ не’ води до сеќавањата на Ник Кејв за неговата 12-13 годишна возраст, кога гледајќи ТВ со мама и тато, го видел и слушнал Џони Кеш како пее. Тоа му отворило сосема нов свет, кој, еве, го развива до ден-денес. Истовремено, тој е „навлечен“ на литературата, и е еден од ретките момци во гимназија што имал петка по Англиски јазик и литература. Следи оформувањето на првиот бенд, „Момчињата од соседството“, кој потоа преминува во „Роденденска забава“, за сите инволвирани!
Освен навлеченост на литература, момците набргу се навлекуваат и на хорс. Азија е близу, дрогата e евтина, and the damage is done. Следат настапи во Мелбурн, свирки кои го рашириле гласот за нивните „луди“ перформанси, како и снимањето на пар песни за една компилација која ја претставувала курентната австралиска сцена. На тој начин „Boy next door“ го градат својот имиџ и полека влегуваат во легендите.
Но, домот им е тесен, сакаат нешто друго, нешто поинакво. Сакаат да бидат дел од светот. Следниот авионски билет е директно за Лондон. 24-часовниот лет до престолнината на пост-панкот е зачинет со апчиња, алкохол, тепачка со пилотот, и по сиот тој хаос, кога излегле од авионот, паднала одлуката за промена на името во The Birthday party. Рокенрол до даска!
Таму не им било сјајно, гладувале, се дрогирале, но и настапувале кога ќе им се укажела шанса. Станале добри пријатели со Mark E. Smith и неговиот бенд „The Fall“. Легендарниот Ivo Wats од „4AD“ решава да им издаде плоча, по што настапуваат кај другата легенда, радио-генијот John Peel. И тоа е тоа, нели! Се враќаат во Австралија како големи ѕвезди што успеале „надвор“, и за настапот во „Ballroom“ салата во Мелбурн се барал билет повеќе.
Иако низ целиот документарен филм провејуваат приказните, сеќавањата и мислењата на сите членови на бендот, сепак како суптилно да доминираат оние на пејачот и текстописец Ник Кејв и на гитарстот Роуленд Хауард. Тие се движечката сила на бендот, овие фраери одлично ја испреплетуваат нивната љубов кон зборовите и музиката, создавајќи звук кој никого не оставил рамнодушен. Дури и се зезаат на сметка на Мик Харви, за кој велат дека не конзумирал ништо, и затоа не можел да ги следи. Добра зафрканција му стегнаа 🙂
Со феноменот „The Birthday party“ морале да се соочат и од другата страна на барата. И Битлси и Стоунси, дури откако добро поминаа во САД, тогаш ја востоличија својата исклучителност во рокенрол музиката. Роуленд тоа го илустрира со изјавата дека кога видел огромен ред со полицајци во „Hollywood bowl“, каде требало да настапат „The Stooges“ и „The Doors“, сфатил дека рок музиката токму тоа и треба да претставува – нешто опасно, за кое е потребно да стои ред со полицајци меѓу бендот и публиката.
Американската приказна на бендот му носи снимање на албум и безброј концерти. Зависноста кај членовите поминува низ различни фази, што предизвикува се’ полуди настапи на сцената. Мик кончено се напил и повраќал на сред концерт, Ник го врзал гајтанот од микрофонот околу вратот и за малку ќе се удавел на сцената, и сето ова отворало друга димензија при нивните настапи во живо, на кои се’ повеќе луѓе сакале да присуствуваат. Најинтересното во целата приказна е што бендот правел се’ за да не и’ се допадне на публиката, но со тоа тие станувале се’ попопуларни. Лудило!
Еден од креативните врвови во овој период е снимањето на видео спотот за песната Nick the Stripper“, веројатно најпрепознатливата тема на бендот, снимен според идејата на Ник Кејв, кој сакал целиот дизајн на клипот да биде како делата на сликарот Хиеронимус Бош. И навистина, видеото е комплетно откачено, и не е за оние со слаб стомак:
„The Birthday party“ создаваа вистинска уметност, воопшто не правејќи никакви компромиси со никого, па ниту со себе. Тие не сакале да постои разлика помеѓу уметноста и животот, сметајќи дека тоа е една иста работа. Или живеј ја уметноста низ својот перформанс, или најди си друга занимација.
Преселбата во Берлин им дава нов поттик за работа. Го гледаат настапот на „Einsturzende neubauten“ и откачуваат. Ник и Бликса Баргелд стануваат неразделни спид пријатели. Берлин неколку години претходно беше инспиративен и за папата Боуви, каде ја сними трилогија „Low“, „Heroes“ и „Lodger“. И момците од бендот снимаа во студиотo „Ханза“, кое се наоѓа веднаш спроти бункерот во кој Хитлер се самоубил. Но, тука почнуваат несогласувањата.
Интензивната приказна за чудото „Брдеј парти“ траеше четири години, и згасна во 1983 година, за време на австралиската турнеја на групата. Значи, дома. Ник Кејв вели дека и ден-денес не знае зошто се распаднале. Никој од членовите нема ниту еден валиден аргумент за тоа. Сите тогаш биле као „Еј, се распаѓаме, па тоа е тоа, океј“, а биле на врвот од светот. Следната година Ник и Мик ги оформуваат „Bad seeds“ и потоа долго, долго ќе ни подаруваат прекрасна музика, а Роуленд го создава исто така квалитетниот дарк бенд „Crime and the city solution“.
На тој начин Јан Вајт го заокружува својот документарен филм за љубовта кон бендот од младоста, оставајќи го во наследство за навек, докажувајќи дека коњите ги убиваат, но и дека кенгурите можат да музицираат, зарем не?