Кон графичкиот роман „Mercy on me“ на Рајнхард Клајст

Ник Кејв – модерна музичка икона! Издава албуми, компонира музика за филмови, концертира онлајн за време на пандемијата, постојано е на светска турнеја, свири на сите континенти, го обожаваат сите генерации… Едноставно, го има насекаде. Дури се појави и едно „меме“ на кое со кесите в раце, додека се враќа од драгстор, наводно на сред тротоар и’ пее на саканата „This is a shoping song…“ 🙂 Од 2017 година неговата приказна за патот до успехот може да се прочита и во рамките на деветтата уметност благодарение на германскиот автор Рајнхард Клајст. Се сеќавате на момакот што го потпиша и „Стармен“ за Дејвид Боуви, кој го издадоа Бункерци, а за кој имав чест да го напишам предговорот, нели. Токму неговото име ми беше гаранција дека стрипот е лудило. И навистина е.

Минатиот август се враќам од една од прекрасните сплитски плажи под Марјан, и одеднаш пред мене, од нигде-никаде, изнедрува стрип-книжарницата „Колумбо“. Живи радости! Сепак, во моментот беше затворено, но и онака ја оставам посетата за следниот ден, затоа што и да беше отворено, не можев таков разгаќен да влегувам внатре. Вечерта ја гуглам стрипарницата и, како што очекував, се работи за уште една приказна од оние, ентузијастичките, како и секогаш кога се работи за оваа уметност. Газдата ја отворил од љубов кон стриповите уште од мали нозе, и на врат – на нос, успева да ја одржи отворена и ден-денес. Супер, си велам, одам утре да му направам промет.

Следниот ден, додека безбројните туристи во главниот далматински град бркаат работа наваму-натаму, никој освен јас во рок од час и половина не влезе во „Колумбо“. Супер за мене, но не и за стрипарницата. Нејсе. Ми се чини дека ја разгледав комплетно целата понуда на полиците, и на крајот избрав еден стрип албум за спомен и долго сеќавање. Изборот падна на малата издавачка куќа „Тино“, која го издала „Mercy on me“ на Клајст, во прилично луксузна варијанта.

И не само тоа. Се потрудиле изданието добро да го уредат. Интрото на Зоран Стајчиќ е суштинско за животот и делото на Ник Кејв, а Dr. Tschurunstein на крајот ја заокружува приказната со личните искуства од загрепскиот асфалт од 80-те години, кога за прв пат до нив стигнала музиката на матичниот бенд на Кејв, Birthday party, како и на музиките од Einsturzende neubauten. Прекрасно. Секогаш кога вметнувате парче од себе во текстот, тој добива на додатна тежина поради отворениот простор за идентификација на читателите.

„Толку инспиративен, што можете да го раскажете и низ стрип – медиумот чии јунаци отсекогаш ги красела храброст која граничи со лудост. Токму тоа го носи ова издание кое го држите во рацете. Тука е Ник Кејв каков се’ уште не го познавате“, вели уредникот на рок порталот „Равно до дна“, Зоран Стајчиќ, и погодува директно во центарот. Овој стрип на Клајст е вистинска „дарк“ прошетка во утробата на идната музичка ѕвезда, чија приказна започнува down-under, кај нашите во Аустрејлија, каде Ник не сака веќе да дреме во родната земја во која ништо не се случува на музички план, барајќи нови предизвици по белиот свет.

По првичните обиди со Birthday party, тие набргу го достигнуваат зенитот во земјата на кенгурите, бидејќи и по една година музицирање, публиката на нивните концерти е таа – два-триесет до педесет души, кои на крај неретко и ги пцујат, бидејќи поголемиот дел од нив ништо не сфатиле. Тоа ја прелива чашата, и Ник ја остава љубовта на својот живот и заминува во Лондон по музичка корка леб, но очигледно тој таму не прави ништо освен што – гладува.

Пресвртот се случува по патот во Берлин, музичката мека за многу артисти во 70-те години од 20 век. Антологиска е фазата на Дејвид Боуви каде во студиот „Ханза“ ги реализира своите три незаборавни албуми „Heroes“, „Low“ и „Lodger“. Во тоа време таму гравитира и Иги Поп и го реализира можеби неговиот најдобар соло албум во кариерата, оној со Достоевски-вкус, „Idiot“, но и многу други музичари на кои главниот град на Европа им е вистинска инспирација. Светот на Ник Кејв и неговите пајташи се менува од корен кога во живо ќе ги гледаат Einsturzende neubauten. Индустријал музиката на Бликса Баргелд и пријателите засекогаш ќе го смени светогледот на Кејв, и овие двајца ќе продолжат заедно да музицираат и да ги разменуваат своите музички искуства и во следните декади.

„И тогаш некој ги довлечка плочите на Einsturzende neubauten и на сите ни експлодираше мозокот. Што е сега ова? Какво лудило! Бликса Баргелд ни дојде како полубожество и моравме да слушнеме се’ што тие некогаш снимиле и отсвиреле. Ник Кејв беше тука, но се’ уште во втората лига, што не е неважно, бидејќи конкуренцијата на сцената беше страшна. Нешто подоцна, Бликса и Кејв станаа компањони, посеаја „лошо семе“, а историјата на рокот сврте нова страница“. Dr. Tschurunstein

Сето ова на фантастичен начин е опишано и нацртано во графичкиот роман на Рајнхард Клајст, кој воопшто не прави компромиси со формата и нарацијата, туку ја држи авангардната страна на нештата и цепа право во центарот. Затоа на почетокот од овој текст нагласив дека ова издание е вистинско лудило, вистинско колаче за љубителите на „дарк“ естетиката.

Имав среќа (и добар нос) уште во 1994 година да ги гледам Nick Cave and The Bad seeds во живо во Будимпешта. Еве што напишав по повод концертот во текстот „Стари концертни билети (1 дел)“ на оваа страница:

„Будимпешта во 90-те беше вистинска концертна мека за Македонците, бидејќи поради дивеењето на војната, групите не се симнуваа подолу од унгарската граница, но и онака и дотогаш нешто не не’ играа, нели. Башка, оваа некогашна монархија се’ уште не ни размислуваше да ни воведе визи, па 18-часовниот пат со автобус до прекрасниот град на Дунав и не беше некоја тешкотија кога си млад и убав 😊 Ник Кејв и пајташите од Бед сидс го издадоа, според мене, нивниот најдобар албум во кариерата до ден-денес, „Let love in“, и благодарение на Ацо и неговата агенција „Еуротурс“ од Штип, два-триесет луѓе се упативме кон северот да доживееме двoиполчасовни убавини. И би така!

Концертот, кој се одржа на една отворена сцена над „Паркот на хероите“ пред околу 4-5 илјади фанови, претежно облечени во црно, беше феноменален (а како може со Ник поинаку?), а градот едноставно ви остава толкав впечаток, што морате пак да го посетите“.

И да се вратиме на стрипот, но и на животот и делото на Ник Кејв. Тој одамна живее во Брајтон, Ју-Кеј, каде, за жал, го погодија две семејни трагедии. Но, „show must go on“, пееше неговиот колега Фреди Меркјури, и Ник, во соработка со Ворен Елис, во последниве неколку години ги сними неговите најзрели албуми досега. По една од носечките теми,  „Higgs Bosson Blues“, е насловено и последното поглавје во стрипот на Клајст, во кое Ник се сретнува со славниот блуз музичар Роберт Џонсон, кој продавајќи ја душата на ѓаволот, се обидува да се искупи за своите гревови и за љубовта кон музиката и кон славата. Звучи познато? Но и малку апокалиптично, нели!? Во такви времиња живееме, јбг 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *