Малкумина европски режисери можат да се пофалат со конзистентност во својата работа. Еден од нив доаѓа од земја со мала кинематографска традиција, Австрија, но со текот на годините стекна култен статус кај голем круг филмофили кои преферираат вистинско кинематско искуство, а не евтини холивудски лимонади. Михаел Ханеке зад себе има веќе девет целовечерни филмови, вклучувајќи го и актуелниот насловен „Скриено“, кој својата промоција ја доживеа во Кан.
„Видеото на Бени“, „Смешни игри“, „Пијанистка“, „Времето на волкот“ и останатите наслови од неговата филмографија предизвикуваат голем респект кон овој автентичен синеаст, кој уште на почетокот од својата кариера со своите филмови, чии премиери се случуваа на европските фестивали, секогаш предизвикуваше контроверзи, при што публиката и критичарите се прашуваа: „Кој е тој храбар човек кој во Европа без граници се оселува да проговори за сите нејзини социјални, политички и културолошки недостатоци?“ Ханеке отсекогаш однапред им се извинува на сите кои органски не можат да ги поднесат неговите филмови, но исто така вели и дека тој по природа никогаш не бил песимист, туку напротив, дека оптимистички гледа на нештата, но дека повреденото дете во него не може да премине преку некои недостатоци што ни ги сервираат нашите навидум совршени општества.
Навикнати секој негов нареден филм одново да не’ шокира (си дозволувам да говорам во името на публиката на која и јас и’ припаѓам), ние веднаш му простуваме, барајќи повеќе и повеќе, бидејќи шокантноста што тој ни ја сервира во неговите остварувања доаѓа длабоко од внатрешноста на секој од нас. Нашата цивилизација одамна ја продаде својата душа на ѓаволот, како што посочија и Стоунси во „Sympathy for the Devil“, и токму затоа нема веќе (зад) што да (се) криеме.
A токму скриените нешта во потсвеста на еден успешен семеен човек се темата во „Скриено“. Ханеке и во претходните филмови го интересираа теми како криза во семејството и внатрешната човекова драма поради таа состојба, која неретко кулминира во насилство. И овој пат со својот најчест соработник и пријател, кинематограферот Кристијан Бергер, не’ вовлекува во скутот на тричленото семејство Лорен, кое функционира беспрекорно. Жорж (Даниел Отил) е успешен ТВ водител, Ан (Жилиет Бинош) е дел од успешна париска фирма, а нивниот син, кој е во специфични години кога го бара идентитетот, ги тера своите денови во основното училиште. Нивните пријатели се исто така дел од високата средна класа со малку време за дружба, но со високи принципи кон градењето и зачувувањето на пријателството. Оваа идилична состојба ќе ја нарушат неколкуте видео касети кои ќе пристигнат на домашната адреса, од „таен обожавател“ кој ја снима нивната куќа додека тие наутро излегуваат на работа.
Мајсторот Ханеке не ни нуди евтин американски трилер со суспенс. Мистеријата која ја наметнува фабулата во филмот со текот на времето градациски расте до граница на лудило, не нудејќи лесни одговори. Честите стедикем излети на снимателот не’ прават директно да бидеме инволвирани во сижето, притоа на моменти чувствувајќи се виновни поради нашиот воајеризам, поистоветувајќи не’ со негативецот во приказната и неговото делување. Кога на сето ова ќе се додаде и социјалниот коментар на авторот во однос на третманот на граѓаните од втор и трет ред во западната демократија, во случајов несреќната судбина на еден Алжирец во Франција, тогаш е јасно дека се работи за уште едно храбро дело кое со својот отворен став поместува многу граници.
Сценариото на „Скриено“ многумина го споредуваат со она што на времето го правеше Хичкок во своите приказни: чувството на вина, иако постојано затскриено зад маската на општествената ситуираност, во ситуација на криза секогаш излегува на површина. На сето ова режисерот му додал мистериозна егзистенцијална димензија, како во книгите на Пол Остер, и финалниот продукт не може да не задоволи. Бинош игра од своите најдобри улоги во кариерата, Отил е стандардно маестрален, како и глумата на останатата, помалку позната актерска екипа.
На крајот еден совет: внимавајте кога го гледате „Скриено“. Освен попатниот хумор, тој содржи навистина експлицитни сцени кои можат да ве вознемират. Затоа, препорачувам проекција во друштво 😉
@Текстот е објавен во ноемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.