За љубителите на жанрот „научна фантастика“, дефинитивно најочекуваните филмски проекти во последниве години дојдоа од работилницата на канадскиот режисер Денис Вилнев. Многумина би рекле „очекувано“, бидејќи Вилнев е еден од ретките кој темелно може да се зафати со реализација на вакви жанровски остварувања бидејќи бескрајно ја сака и ја сфаќа научната фантастика. Неговата филмографија така и започна, со необичниот „The Arrival“ во 1996 година, кога заедно со Дејвид Твохи го втурнаа тогаш ултра-популарниот Чарли Шин во еден хичкоковски ес-еф-трилер за првиот контакт со вонземјаните. Потоа се обиде со многу други жанрови, за по 20 години да сфати дека неговата прва љубов, научната фантастика, е она на кое треба да се фокусира. По уште еден „Arrival“ во 2016 година како еден вид на загревање, конечно му се посвети на реализацијата на продолжението на „Блејдранер“ во 2017 година, како и на актуелната реинтерпретација на „Дина“.
Ова се вистински предизвикувачки приказни за сладокусците, кои преку книгите на Филип К. Дик и Френк Херберт во својата имагинација веќе ги имаат создадено световите замислени од овие култни ес-еф имиња, но со нетрпение очекуваа сето тоа да добие соодветна филмска визуелизација. И, чекањето навистина вредеше. бидејќи во обата случаја се работи за вистински спектакли за кои вреди да се дискутира со пријателите, кои може да се отсонуваат уште безброј пати, затоа што создаваат нови, алтернативни светови, како мелем на рана за постоечкиов во кој живуркаме, и кој станува се’ погруб и неемпатичен.
Сите филмофили ја знаат приказната за првата адаптација на славниот роман на Френк Херберт од 1965 година. Под супервизија на откачениот стрип автор и режисер Алехандро Јодоровски, тој на крајот сепак не го издржа притисокот и го напушти проектот, за истиот да го преземе тогаш надежниот Дејвид Линч, кој по „Eraserhead“ и „Elephant man“ барал нов, поинаков предизвик, и дефинитивно го нашол. „Дина“ од 1984 година колку и да делува збунувачки неповрзано, споро и надреално, сепак, со текот на времето ги освои срцата на фановите и денес важи за култно ес-еф остварување. Но, времињата (и технологииите) се сменија, и долго време се зборуваше дека на Хербертовиот книжевен серијал му треба освежување, ново читање и реинтерпретација на неговата несомнена моќ како дело, и со години се очекуваше некој конечно да ни ја подари новата визија за планетата Аракис која ја поседува најмоќната работа во универзумот – зачинот „меланж“, како метафора за нафтата и човековата зависност од неа. Едноставно, без зачин нема патување во други светови. Од друга страна, географијата на Дина многу наликува на црвениот Марс и неговите непрегледни пустини, кој токму овие години е предмет на темелно истражување од различни сонди управувани од човекот. За сите овие (случајни или намерни) поврзаности, Вилнев е вистинскиот избор!
Како и многу други ес-еф романи од средината на минатиот век, и „Дина“ ја има таа „мана“ да се занимава со човековите слабости и желба за моќ, сето тоа сместено во космичко милје. Но, густината на текстот од ова дело создава безвременски мит, и токму затоа неговата содржина е возбудлива за нови и повторни читања. Башка, ликовите со своите персонални лудила се вистински предизвик за филмско обликување: баронот Харконен со дебелиот врат и моќното кревање во воздухот, кој не сака лесно да се откаже од „вселенското злато“; видовитата Мајка Мохејм од чија појава и глас ве лазат трпки по ‘рбетот;, романтичниот пустински „слободен човек“ Стилгар… и целата плејада на ликови од семејството Атреиди, кои, сакале-нејќеле, се дел од големиот заговор на вселенскиот Император со цел да се искорени нивното семе. Во сето ова има сосема доволно информации за на почетокот малку потешко (ако сте апсолутен почетник во допир со оваа сага), но потоа многу лесно и игриво (за поискусните) да ги поврзете сите работи и меѓусебни односи и да ја создадете сликата во која функционираат „дина“ (анти)хероите.
Всушност, кога добро ќе се размисли и ќе се направи споредба, „Дуна“ во многу нешта наликува на „Блејдранер 2049“, но во актуелниот филм тие „нешта“ се поинтензивни, потемни и повознемирувачки, бидејќи самата приказна го налага тоа. Масивноста на сетот во кој луѓето на моменти се само бледи и незабележителни фигури создава величествени чувства кај гледачот, потсетувајќи на дизајните на славните Гајгер и Мебиус. За тоа се „виновни“ и кинематограферот Грег Фрејзер и композиторот Ханс Цимер со нивната одлична работа. За заокружување на впечатокот, филмофилите, сепак, не се оставени голи и боси, туку тие сочувствуваат со карактерите во филмот благодарение на доброто сценарио (Вилнев заедно со Џон Спетс и Ерик Рот) и одличната глума на екипата. Многу ми е драго што канадскиот режисер и тука сторил еден вид компромис, правејќи комбинација од младост и искуството, не инсистирајќи носечките ликови да ги играат познати актери. Напротив, оние поетаблираните како Стелан Скарсгард, Шарлот Ремплинг, Џош Бролин и Хавиер Бардем ги играат, условно, помалите ролји, но со толку голема уверливост што му даваат додатна тежина на филмот, како нивните ликови навистина да живеат и да се составен дел од тие уверливи езотерични и мистични простори во бескрајната вселена. И да, нема сомнение, Тимоти Шаламе е поуверлив како „предодредениот“ од стегнатиот Кајл МекЛахлан, кој со таквото држење си се пронајде во подоцнежниот „Твин пикс“.
И, за среќа, тоа не е се’! Едноставно, толку комплексна книга како оваа на Херберт не може туку-така да се пренесе во целост на сребрениот екран. Затоа, после ваков прв дел, со нетрпение го очекуваме продолжението најавено за 2023 година, во кое заедно со Пол ќе го јавнеме пустинскиот црв, додека неговите сини очи блескаат на сонцето во ниската орбита на планетата Аракис, а меланжот во сетилата супериорно ќе си поигра со нашата фантазија. Затоа, првиот дел од епот вреди да се погледне и да се ужива во неговата темна убавина барем уште еднаш.