Најавена кон крајот на минатата, 2018 година, како прекрасен подарок за сите љубители на звукот на современата македонска музичка сцена (особено за винил зависниците), но од оправдани причини, промовирана дури два месеци подоцна, винилната компилација „Сонична младост“ на ПМГ рекордингс е историски артефакт за случувањата овде и сега, поточно, таа е пресек на последните 20 години на домашната сцена низ призмата на работата на лејблот кој неуморно и на вистински начин го третира квалитететниот современ музички израз. Насловот на албумот совршено кореспондира со желбата, и најчесто, реализацијата на една совршена младост помината низ журки и музика, нешто што честопати во овој град претставувало утопија. Но…
Бројката од 160 ПМГ изданија во различен формат е вистински подвиг, квантитет/квалитет сличен како и книжевните изданија на ИЛИ-ИЛИ, кои во моментов бројат 169 наслови во популарната едиција „ПРОаЗА“. А токму книжарницата ИЛИ-ИЛИ беше местото каде Мирко љубезно намина и ми го достави албумот, откако не успеав да ја посетам промотивната вечер во МКЦ минатиот месец, и на тој начин овој викенд комплетно звучно ми го разубави. Двојното ЛП е отпечатено во 100 примероци, што е тажна бројка за ова поднебје, но реалноста е таа, вели Мирко. Главната информација е дека уште дваесетина примероци се достапни за слушателите, така што, луѓе (барем оние чии грамофони се’ уште се во функција), реагирајте на време, зашто после – ќе нема. „Морав да го направам ова сега, зашто после веројатно немаше да се случи“, заклучи Мирко, а јас се надоврзав дека подобар момент не можел да избере – јубилејот 20 години од издавањето на првото издание. Мирко му купи на клинецот една сликовница и си замина, а јас бев нетрпелив да се вратам дома и да ја ставам иглата врз „црните убавици“.
На почетокот, или во средината на 90-те години, кога дојде до експлозија на електронската музика, Попов многу мудро ја оформи „Пи-Ем-Џи“, или „Прогресивната мултимедијална група“, како платформа за делување во различни правци во уметноста, со фокус, секако, врз музиката. Инсистирањето на што поголема популаризација на ди-џеј културата преку брановите на „Стотројка“ во многу нешта го подобри ноќниот клупски живот во главниот град. Подоцна скопската варијанта на Енди Ворхоловата „Фектори“ природно се надгради и со издавачки оддел, така претворајќи се во манчестерската „Фактори“ од која произлегоа Џој дивижн и Њу ордер, и еве, по дваесетгодишно работење, својата приказна успешно ја заокружуваат со, ни помалку ни повеќе, носач на звук само за посветените дискофили, како аманет за некои идни поколенија. Мирко токму тоа и го нагласува во текстот во внатрешноста на каверот, во негов стил, пишуван во вид на проглас/манифест, кој гледа кон светлината на подоброто утре: „Градевме врз соочувањето со грдата страна на сегашноста и едноставно одбивме да се повлечеме во тишина“, заклучува Попов во текстот со датум 18 декември 2018, отворајќи ново поглавје за неговиот лејбл, со надеж за нови времиња кои ќе изградат нова возбудлива звучна приказна и во следното дваесетлетие.
Да се направи пресек од 21 песна за време на 20-годишно постоење сигурно била макотрпно тешка работа. Едноставно, зоната за игра е сосема отворена и изборот може да се направи врз основа на еден куп критериуми кои можат да ве однесат во различни насоки. Крајниот резултат е следниот: четири ЛП страни, на кои само на Бе-страната се поместени шест теми, а на останатите, рамноправно, по пет. Таквото разбивање на можната шема било принцип и при кршењето на главата околу тоа кои теми да се најдат на страните, па не се следел хронолошкиот принцип – тие да бидат наредени година по година, а истото важи и за музичките жанрови: компилацијата е составена од еклектичен микс на теми, кои на крајот сепак создаваат совршена слика за работата на ПМГ рекордингс. Сепак, впечатокот кој самиот се наметнува е дека ова двојно ЛП е комбинација од најдобрите моменти на артистите кои постојано творат под капата на ПМГ, и оние кои во еден одреден момент од својата кариера соработувале со овој лејбл, во чии рамки го извадиле можеби најдоброто од себе. Но, да одиме по ред.
А-страната започнува со химната „Ние сме од Скопје“ (2008), која во меѓувреме си се одомаќини и над влезот на киното „Фросина“ во МКЦ. Заразната тема беше она посакувано breakthrough за Љупа The John, кој потоа на крилјата на оваа тема, за чиј текст е „виновен“ токму Мирко Попов, изгради сопствен препознатлив сензибилитет, издаде неколку албуми, но и пар алтер-ега зад кои исто така се крие интересен саунд. Со тоа на Скопје му се дава особено значење на оваа компилација и тоа претставува засебен лик, кој позитивно влијае врз уметничкото и музичкото кредо на сите учесници.
Приказната продолжува со матичниот бенд „ПМГ колектив“ и темата „Контрол“ (2008), како суптилно повикување на духовите на претходно споменатите Џој дивижн, иако поблизок светоглед до нивниот израз, секако, е оној на Њу ордер. Следи Mr. Brown, односно, Милко Митровски со даркерската „Mr. Brown vs Devil“ (2008), a Александар велики, односно, Александар Гавровски, со темата „Плочи“ (2017) ја прави нејефектната посвета на ова винилно издание. Бисерот на првата страна е последната тема, „Living in a box“ (2018) на Bei the fish, компонирана и изведена веројатно на врвот од нивната популарност и креативност.
Бе-страната, барем според мојот вкус, е најдобрата. Mooger fooger со „Oki trash“ (2005) не’ потсетуваат дека првенецот им е вистинско ремек-дело, основа за сето останато што го издадоа/отсвиреа. Интересно, и Bernays propaganda се дел од оваа комилација со темата „Безбедно лево“ (2008), во која Тина Горовска за прв пат на двојниот албум навестува ангажиран пристап, кој подоцна се провлекува во уште неколку теми. Меланхоличните Милко се застапени со темата „Средба“ (2014), иако сметам дека имаат пар подобри теми, маестро Мухамед Ибрахими, кој е актуелен со вториот, одличен албум „Devotion“, не заплиснува со прекрасни акустични звуци преку темата „Fly“ (2014) од истоимениот првенец, за филингот да го надградат тетовските реге мајстори Conquering lion со елегичната „Blind“ (2009). Бе-страната ја затвора ангажираната балалајка „Гомно на плоштад“ (2009) на Локален патриот, една од неколкуте инкарнации на Љупа Ангелов, како навраќање на фаталната година за која можеби Дуковски би напишал „ММЕ кој прв почна“, и како фин вовед во она што следи на третата страна. „Еј Господе, не сме педери и наркомани, само нејќеме црква на плоштад“. Ха-ха-ха, лудило 🙂
Второто ЛП, односно, Ц-страната, ја отвора г-нот Горан Атанасовски алијас Роботек со совршената тема за на подиум, „Loop the time“ (2006). Најконтроверзната тема на компилацијата, која всушност го дава и целиот контекст на ова издание и времето во кое тоа е создавано, е „ТВ дневник“ (2013) на Кантон6, зад кој стојат Мирко Попов и Синиша Евтимов. Овој side проект на ПМГ двоецот вообичаено сака да кокетира со религиските и политичките теми, а токму оваа песна е нивниот врв во разголувањето на нашето порно секојдневие, која совршено се заокружува со музиката од џинглот за легендарната информативна емисија во поранешна Југославија, „24 сата“. Чудно, ваквиот набој се разводенува со следните две теми, како кураторот да не сакал премногу да инсистира на таквите вибрации, па навлегуваме во просторот на два вистинско совршени поп бисери: „Лица во огледало“ (2007) на Special people club, одличен кавер на темата на легендарните Бастион, за потоа фино да се надоврзе и Марија Каева со прекрасната вокална интерпретација на темата „Здраво, те сакам“ (2009), како еден вид прикриен кавер на една слична тема на The Doors. Страната финишира со „Mind over matter“ (2017) на Душко Јаневски. Чистење!
Последната, Де-страна, ја отвора композиторот Александар Пејовски во соработка со Кристина Горовска во темата „Leftover“ (2017), како навестување на следното ЛП издание на ПМГ, но и како доказ за комплексноста на артистите кои создаваат квалитетна музика под ист кров. Следи темата „Кругови“ (2014) на Sethstat, Никола Коџабашија и Мирко Попов, чија лирика е сугестивна, но вокалната рецитација/интерпретацијата е сепак за ниво подолу од очекуваното, но важниот момент во оваа тема е иницијацијата за отворање на саб-лејбл кој почна да третира џез музика, па така во меѓувреме го добивме и, според мене, најдоброто издание на ПМГ рекордингс, албумот „Одрон“ на Букршлиев, Спировски и Омерагиќ, а деновиве излезе и новиот албум на Сетстат, кој концертно ќе се промовира веќе следната недела. Мирко Попов, овој пат во квартет инкарнација, се појавува и во четвртата тема насловена „Соло“ (2018), иако повторно му помага Синиша Евтимов, а фин push пред него e темата „Десет“ (2017) на Galatheia, односно, на Теа Шалдева. Комплетната приказна ја затвора Пиколомини со „Авиони“ (2014), како симболично подадена рака на помладата издавачката куќа „Шарла“ од Градски ѕид, која исто така е на добар пат можеби набргу да ја повтори оваа формула, но со издавање на компилација по повод 10 години постоење.
И? Па да, уживанција, на моменти помалку, на моменти повеќе, но ова издание дефинитивно е must have, иако во изминатите две декади со ПМГ ретко ни се среќавале патеките на движење, но несомнено Мирко и компанија сето она што го прават несебично го споделуваат со публиката низ медиумите, така што нивната работа, присутво и важност за овој град и оваа држава воопшто не треба да се става под знак прашање. „Длабоко сум уверен дека силата дојде однатре, од сите нас и нашата потреба да покажеме досега едно невидено, или можеби неосветлено лице на оваа култура“, заклучува Мирко Попов на каверот на плочата, суптилно наметнувајќи го социјалистичкото кредо „работа, работа и само работа“, а резултатите ќе си дојдат сами по себе. Или, народски, „а бе шо е твое ќе си дое бе брат, ќе си дое“ 🙂
(Текстот е објавен и на kritika.mk)
Пингување: Мирко Попов (1972-2024) - Херој на еден ден