Со самото споменување на некој од насловите на филмовите на канадскиот режисер, ми се заврнува крвта во вените. Многупати досега, почнувајќи од видео-еуфоријата во нашата држава, кога под дрво и под камен се бараа определени филмски наслови, па се’ до денес, кога многу повеќе ни се достапни филмовите во било кој формат, неретко сум се нашол во ситуација да трагам по неговите маестрални остварувања се’ додека не ги собрав во целост. Затоа, неговиот нов филмски излет во непознатото, кој својата премиера ја доживеа на годинашниот филмски фестивал во Кан, го очекував со нетрпение.
Легендарна е упорноста на Кроненберг да не и’ се продаде на холивудската филмска индустрија, и покрај многуте понудени проекти во изминативе две декади. И покрај комерцијалниот успех на „Мува“ во 1986 година, тој им одолеа на искушенијата останувајќи свој до крај. Меѓутоа приказната што го следи неговиот нов филм, почнувајќи од помпезното претставување во Кан, преку неколкуте звучни имиња во кастингот, па се’ до масовната дистрибуција во кината низ САД, каде има добар одзив, навестуваат за навлегување на авторот во сигурните мејнстрим води.
Доктор Кроненберг (неговата поранешна професија, пред да се зарази со „филмскиот вирус“) и во новиот филм со клинички наслов „Историја на насилството“, си поигрува со човековата психа на својствен начин. По навидум идиличната приказна и спориот влез во неа, започнуваме да учиме лекција за животот чиј крај е крајно непредвидлив. Приказната е адаптација на популарниот стрип на Џон Вагнер, која во рацете на сценаристот Џош Олсон (во соработка со Кроненберг) станува сосема поинаква. Имено, сосема случајното херојство на главниот лик во филмот, Том Стол, веројатно во стрипот изгледа комично и смешно, додека во филмската верзија ваквиот тек на настаните добива поинаква, длабоко психолошка димензија.
Или: семејна сцена, вечера, четиричлено семејство кое се смее на секојдневните предизвици. Во следниот момент се наоѓате во ситуација која ве вади од кожата: брутално насилство кое не знаете од каде доаѓа, или можеби претпоставувате, бидејќи уште на времето Стенли Кјубрик во „Пеколниот портокал“ навести дека злото отсекогаш чучело таму некаде во нас, чекајќи вистински момент да се појави со сета своја моќ.
Иако наративната структура на филмот на прв поглед е праволиниска, со честата промена на темпото во нејзината внатрешност Кроненберг успева да не’ вовлече длабоко во приказната. Таму, исто така, не можеме да се идентификуваме со анти-херојот Стол, а уште помалку со неговите поранешни „пријатели“ Фогерти и Кјузак. Но тоа и не е намерата на режисерот, туку напротив, неидентификацијата со главните протагонисти не’ тера да погледнеме внатре, во себе, и да се запрашаме: Кои сме ние? Што е тоа што лежи во нас? Како би постапиле доколку се најдеме во слична, или иста ситуација? Токму во поставувањето на овие прашања лежи успехот на новиот филм на Кроненберг, во успешниот опис на превртливата природа на насилството онаму кадешто најмалку го очекувате, во мирна и идилична средина во мало амерканско гратче, каде сите денови личат еден на друг. Иако ова не е негово најдобро остварување, или барем не спаѓа меѓу неговите ТОП 3 наслови, сепак е многу поинтересно и повозбудливо од останатите психолошки студии кои во последниве години ги гледаме на големото платно.
@Текстот е објавен во декемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.