Кон „Невестата мртовец“ на Тим Бартон

„Лошото“, но ултрапродуктивно „дете“ на Холивуд, режисерот Тим Бартон, и понатаму не мирува. По прекрасниот филм „Голема риба“ (2003) и фантастичниот римејк на култниот детски филм од 70-те, „Чарли и фабриката за чоколади“ од оваа година, тој и’ врти на својата стара љубов, стоп-анимацијата. Неговиот херој меѓу актерите, Џони Деп, со кого активната соработка ја започна уште пд почетокот на 90-те во „Едвард Клешторакиот“, за новиот проект изјави: „За време на снимањето на „Чарли“, една вечер Тим се појави во мојата соба во која беа собрани и другите актери, ни ги објасни приказната и ликовите во „Невстатата“ и ни предложи да си поиграме со гласовите на истите. Таа вечер тоа го сторивме на зафрканција, но веќе утредента тој, на дел од нас, ни ги додели новите улоги. Зачудувачки“.

Оваа постапка на Бартон воопшто не е изненадувачка бидејќи неговите вијуги шибаат 100 на саат кога се работи за филмска креација. Едноставно, тоа е тој, и тоа е она што сака да го прави. Постојано. Тој ги сака необичните филмски чудаци, супер-хероите, вештерките и обезглавените коњаници, кои сесрдно се прифатени од филмската публика од сите возрасти. Бартон зад себе има оставено редица автентични остварувања, како „Бетмен“, „Ед Вуд“ и „Марс напаѓа!“ кои заработија многу пари, а тоа на авторот му овозможи комфорна позиција кај големите холивудски студија кои, сакале – не сакале, мораат да играат по негови ноти, знаејќи дек тоа им одговара и на обете страни.

Но клучен момент за успешноста на актуелниот анимиран филм „Невестата мртовец“ не е оваа туку далечната 1993 година. Тоа беше време кога Тим Бартон, по исцрпувачките снимања на првите два дела од „Бетмен“ серијалот, реши да си поигра со својата имагинација на поинаков начин. Резултатот се појави пред „Ноќта на вештерките“, а носеше наслов „Кошмар пред Божиќ“ (Nightmare before Christmas). Се работи за супериорна анимирана приказна која, иако со темен призвук каде хероите беа од „оној свет“, таа им се допадна на сите бидејќи беше нешто ново и освежувачко. Дванаесет години подоцна, во ист манир, со истите алатки и со горе-долу слична екипа, се повторува формулата и во „Невестата“.

Приказната е сместена во едно село во 19 век, каде главните ликови, Виктор и Викторија, деца на буржоаски семејства во распаѓање, треба да склучат брак од интерес. Но дејствието добива поинаков тек кога во игра ќе влезе Невестата, која Виктор случајно ќе ја разбуди од мртвите. Тогаш неговата поврзаност со ликовите од подземјето ќе стане неминовност, и поради неговата добра душа, тие ќе решат да му помогнат да ја разреши заплетканата ситуацијаво неговиот световен живот горе, на површината.

Со импресивен список од над дваесет аниматори, мајстори на визуелните ефекти, дизајнери на звукот и разни други генијалци, „Невестата мртовец“ го постигнува саканиот ефект. Гласовите на Џони Деп, Хелена Бонам Картер, Емили Вотсон и останатите му даваат на ова дело дополнителна димензија, а музиката на славниот композитор Дени Елфман, кој, интересно, го позајмува гласот за еден од ликовите, е врвот во оваа приказна. Делумно мјузикл, делумно филм со откачени дијалози што ве тераат слатко да се насмеете („додека смртта не ве раздели“, или алузијата на „Однесено од виорот“: „Искрено, драга, не давам ни пет пари!“), „Невестата мртовец“ не е блуткава дизниевска анимација, туку ултимативно патување во светот на анимираните слики кој добро ќе ве забави, што претставува и негова основна цел.

@Текстот е објавен во декемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *