Американскиот независен филм отсекогаш бил посилен од европските остварувања од слична провиниенција. Со необично третирање на навидум обичните животни приказни, американските независни режисери со години наназад тешко работат за да ги задржат своите фанови кои, вообичаено, ваквите филмови ги гледаат во малите арт-кина низ САД. Изненадувањето оваа година од овој вид на продукција е филмот „Јас и ти и сите што ги знаеме“ на авторката Миранда Џулај, добитник на специјалната награда на жирито на Санденс фестивалот, како и на канската награда за најдобро дебитантско остварување.
„Малите работи што вообичаено не ги забележуваме, а кои животот го прават интересен“ или „Сите осамени луѓе се поврзани меѓу себе“ би можеле да бидат долгите слогани на овој филм со и онака долг наслов. И самата изведувачки уметник, Џулај своите преокупации од приватниот живот на успешен начин ги вметнува и во оваа експериментална филмска приказна, составена од неколку интересни ликови од предградието, чиј живот не е идеален, но се труди да достигне некакво подносливо ниво на опстојување. Во таква констелација на односи луѓето го бараат своето алтер-его во Другиот, макар и на невообичаен начин.
Ричард е продавач на чевли кој живее со своите две деца, Питер и Роби. Тој нема животно мото, но знае дека неговата комуникација со децата е лоша, додека овие се’ повеќе се навлекуваат на виртуелниот свет со „четувањето“. Токму една таква комуникација преку мрежата ќе ја натера снобовската кураторка на градскиот музеј да поверува дека го нашла идеалниот маж, иако тој е само седумгодишно дете. Кристин, пак, е мултимедијална уметница, која очајно бара внимание од фригидната кураторка и подготвена е на се’ само за да добие простор за изложба. Во тоа ја поддржуваат роднините кои, иако во поодминати години, исто така имаат нерасчистени љубовни односи. Кога на оваа лепеза од необични ликови ќе се додадат и несигурните тинејџерки Хедер и Ребека кои не знаат што да прават со своите полудени хормони, сликата станува целосна.
Иако краткиов опис на ликовите и настаните не ветува можност за било каква поврзаност, Џулај успева на оваа драма да и’ вметне „големо срце“, така станувајќи еден од оние филмови во кои сите се поврзани на одреден начин, правец кој води кон нови можности и нови поврзувања. Повторното откривање на сексуалноста, како и потребата од љубов кон која таа води, се теми кои авторката на филмот ги решава по малку наивно во повеќето сцени, но тој манит одлично функционира при ваква поврзаност на луѓе и судбини.
Кастингот во филмот е исклучителен. Џон Хоукс успева да создаде лик кој е сладок и стовремено чуден. Џулај се трансформира во девојка која можеби предвремено почнува да старее, но таа знае што сака и колку може. Вистински бисери се децата-актери, Мајлс Томпсон како интелигентниот и чувствителен Роби, и особено Брендон Ретклиф, која ја „краде“ секоја сцена во која ќе се појави. Децата на големото платно вообичаено се програмирани да го одиграат она што режисерот го наумил, но во овој филм тоа можеби не е таков ригорозен случај, бидејќи тие се толку природни и уверливи, всушност, токму онакви какви и треба да бидат.
Се’ на се’, ова е прекрасен филм кој не манипулира со чувствата на гледачите и не пати од непотребно филозофирање. Џулај едноставно, креирала свет кој е топол и пријатен, место во кое е необично убаво и забавно да се поминат еден ипол час.
@Текстот е објавен во декемврискиот број на магазинот „Филтер“ 2005 година.