Вообичаено римејкот на еден класик никогаш не може да ги достигне неговите високо поставени естетски и кинематографски вредности, особено ако се работи за филм од далечната 1933 година, периодот на Големата депресија, и преминот на немиот кон звучниот филм. Како аргумент само би го спомнал фијаското на Гас ван Сент со римејот на „Психо“ на Алфред Хичкок од 1998 година. Башка фактот што на публиката одамна и’ здодеаја приказните за големите мајмуни, како новите верзии на „Годзила“ и „Моќниот Џо Јанг“, вклучувајќи го тука и првиот римејк на „Кинг Конг“ од не толку далечната 1976 година, кој во најмала рака беше исмеан.
Но кејфот на Питер Џексон беше голем и тој не издржа да не си го реализира сонот, користејќи ја својата позиција на омилен и почитуван режисер по успехот со трилогијата „Господар на прстените“. На премиерата во Њујорк Новозеланѓанецот изјави: „Сонот стана реалност! Сакав да го снимам „Кинг Конг“ уште од 12-годишна возраст. Всушност, и се обидов да го снимам на 12 години. Ја земав камерата на родителите и направив некои кадри. Не излегоа добро, но еве во 2005 година кончено го снимивме“. Кога веќе го споменавме кејфот, да кажеме дека тој чинеше 207 милиони долари, во кои самиот Џексон учествуваше со 20 милиончиња, нормално, стекнувајќи посебни права околу поседувањето на правата за филмот.
Свесна за тешкотиите околу снимањето римејк на еден класик беше и носителката на главната улога, Наоми Вотс: „Единствениот притисок што го чувствував беше тоа што оригиналот беше добар и доживеа култен статус, и се прашував дали ќе можам да живеам со тоа, со сите тие споредби. Но тоа беше само страв кој успеав да го надминам“. Едриен Броди во изјавата на премиерата н филмот беше најопуштен: Снимањето беше напорно, но возбудливо. Акционите сцени беа потешки отколку што мислев, хромата беше комплицирана. Најтешкиот дел беше тоа што девет месеци бев надвор од домот, но сиот процес беше забавен“. Но, дали „Кинг Конг“ е забавен филм?
Иако во поголемиот дел од приказната останал верен на 103-минутниот оригинал, со малите, по малку небулозни интервенции, Џексон создал наивно и бестијално дело, со префинето чувство за локалните култури и времето во кое живееме. „Островот на черепите“, домот на мајмунот антихерој, е местото кое режисерот го додаде во каталогот на атрактивни туристички места во неговата родна земја, со многу површен потег, вметнувајќи во приказната цели стампеда од тираносауруси, бронтосауруси и разни џиновски инсекти, како еден вид носталгија по „Паркот Јура“ на Спилберг од пред една декада. Филмот пред се’ е бизнис, нели!
Сите знаат дека „кец во ракавот“ во оваа митска приказна е љубовната игра меѓу привлечната блондинка и џиновскиот мајмун. Токму на ова поле Џексон потфрла. Иако се наѕира обид за поинакво третирање на приказната преку уфрлање во игра на чувства од обете инволвирани страни, сепак, пантомимата на Ен пред Конг во неколку наврати не е доволна за дополнителна провокација за гледачот. Многу поинтересен е обидот што режисерот ни го дава при паралелното прикажување на очите на двајцата заинтересирани мажјаци за блондинката, Денам и Конг, двајцата шоумени во своите џунгли. Затоа во воздух виси можноста злобниците да кажат: „Џексон сите ве направи мајмуни, мајмуни едни!“.
За актерските остварувања во „Кинг Конг“ е банално да се пишува. Триото Вотс-Броди-Блек во поголемиот дел од филмот безглаво трча натаму-наваму, што е и нормално за вакви остварувања, каде фокусот е ставен на потполно друга страна – потенцирањето на триумфот на дигиталната технологија. Затоа, единствен поднослив момент во филмот е потполната реставрација на Њујорк од 30-те години на минатиот век, филмска фотографија на која едноставно и’ верувате, со сиот оној занес и декаденција на луѓето на улиците и во театрите на мегалополисот, кои во тоа време го чинеле духот на главниот град на светот. „Приказната е сместена во 1933 година и беше невозможно да се реконструира Њујорк од тој период. Користевме многу компјутерска технологија и мислам дека градот изгледа убедливо и дека луѓето ќе помислат дека сме влегле во временска машина и сме снимале во Њујорк во ’33-та“ – низ насмевка изјавува Џексон, кој навистина си ги стори кејфот.
@Текстот е објавен во јануарскиот број на магазинот „Филтер“ 2006 година.