Кон „Северна земја“ на Ники Каро

Пред неколку години вистинско изненадување на доделувањето на Оскарите беше номинацијата на Кејша Кесл-Хјуз за нејзината улога во филмот „Whale rider“, во режија на малку познатата Ники Каро. По неколкуте награди за истиот филм на филмските фестивали ширум светот во 2003 година, Каро мудро ја чекаше својата шанса. Ваквиот развој на настаните и’ помогна да биде една од најбараните режисерки од страна на холивудските студија. Можноста се појави прилично брзо и носи наслов „North country“.

Се работи за екранизација на стоимениот бестселер на Клара Бингам и Лора Лиди, во кој авторките раскажуваат за првиот национален случај завршен во 1998 година, кој го смени третирањето на жените подложени на сексуално малтретирање, десет години по неговото започнување, а дваесет по реалното започнување на малтретирањето. Со конечната пресуда во полза на подносителката на тужбата се сменија многу работи не само во американското општество, туку и насекаде во светот.

Местото на случување е еден рудник во Минесота, во кој од 1975 година е дозволено да работат и жени. Се’ би било во ред доколку поставеноста на работите помеѓу мажите и жените во оваа „кланица“ би била во некакви подносливи рамки. Бидејќи не е така, потребен е херој што ќе ја премине границата на неподносливоста и ќе се реши да ја тужи компанијата за сексуално злоупотребување и ненормални услови за работа. Нејзиното име е Лоис Џенсен, самохрана мајка на две деца, која по секоја цена сака да преживее во „северната земја“, кадешто студенилото и разрушените односи помеѓу луѓето се без никакви норми.

Каро на малку старомоден начин ја режира оваа либерално ориентирана драма, базирана на вистинит настан, со неколку фикшн елементи. Сепак, таа не запаѓа во стапицата на филмовите кои 90% се случуваат во судницата. Разврската на приказната, класично, ја остава за крајот од филмот, а во меѓувреме, на интересен начин, таа ни ја доловува атмосферата и меѓучовечките релации во рудникот, каде доаѓа до израз моќното сценарио и репликите, кои ја комплетираат сликата за ликовите во филмот. Каро во ниту еден момент не дозволува да и’ поверувате на Џоси, мудро плетејќи ја сторијата околу неа, се’ додека во еден момент не сфатите дека нејзиниот живот уште од силувањето во средношколските денови од страна на нејзиниот професор тргнал надолу. Токму во тој момент таа добива херојски димензии во очите на гледачот.

Шарлиз Терон одлично ја игра лично и институционално злоставуваната хероина Џоси Ејмс. По улогата на сериски убиец во успешниот „Monster“ пред две години, оваа јужноафриканска убавица прифати да игра уште една негламурозна улога, надвор од холивудските клишеа. Таа без шминка и дополнителна козметика длабоко влегува во улогата која бара голема трансформација, докажувајќи дека има чувство за градење на својата кариера играјќи, пред се’, карактерни улоги.

И воопшто, овој филм им припаѓа на актерите, бидејќи сите во него одлично ја вршат својата работа. Френсис МекДорманд е брилијантна во улогата на Глори, возач на камион и добра пријателка на Џоси. На исто ниво се и Шон Бин како Кајл, мажот на Глори, и „негативецот“ Џереми Ренер како Боби, поранешното момче на Џоси и главната причина за судската постапка на работничката против компанијата. Исто така, тука се и ветераните Сиси Спејсек и Ричард Џенкинс како нејзините родители, и секако, адвокатот Бил Вајт одигран од Вуди Харелсон, кој по подолго време се враќа на големото платно во, за него, нетипична улога.

@Текстот е објавен во јануарскиот број на магазинот „Филтер“ во јануари 2006 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *