По повод јубилејот „30 години Стотројка“, синоќа во Куршумли Ан се одржа концертот на Крсте Роџевски, како дел од серијата настапи во живо кои во следниот период ги најавува ова култно скопско радио, кое се’ уште се бори за својата фреквенција. Насловен „На само со Крсте Роџевски“, околу 150-те среќници во публиката имаа можност во веројатно најубавиот (концертен) простор во метрополата да уживаат во акустичната виртуозност на њујоршкиот психијатар со битолски корени, кој елегантно не’ прошета низ материјалот од неговите четири прекрасни албуми.
Ја немав таа среќа пред две години да го проследам настапот на Крсте со комплетната екипа составена од њујоршки музичари во рамките на ОФФест поради патување, а овој пат приказната се заокружи со лудата среќа да го купам буквално последниот онлајн билет, после кој страната го покажуваше натписот „Sold out“. Очекувањата беа големи, и на крајот се покажа дека не биле без причина, затоа што, како што гласи насловот на мојот осврт кон трите албуми на музичарот, „Помалку е повеќе“, после концертот си доби(ја) своја совршена смисла.
Синоќа Роџевски со нов имиџ, брадосан и мистичен, наоружан со акустичната гитара позајмена од Оливер Јосифовски од „Љубојна“, како што соопшти, покажа дека не само што поседува еден од најавтентичните вокали на македонската музичка сцена, туку тој е и одличен инструменталист. Кога ги слушате неговите песни, како слушател го перцепирате преди се’ како вокалист и сонграјтер, но по синоќешниот настап, сликата доби конкретна целина, во која Роџевски фигурира како комплетен артист кој ги држи сите конци во своите раце, како вистински трубадур.
Во прилог на ова е неговата анегдота за тоа како настануваат албумите. Имено, тој раскажа дека секогаш материјалот го има компонирано во целост, потоа на заедничка средба го интерпретира пред музичарите од неговата „банда“, и на крајот, во студио, при снимањето, тие се надоврзуваат со сопствени импровизации. Всушност, она што го слушавме синоќа во Куршумли ан е Крсте Роџевски интимно, затворен во неговото засолниште, борејќи се со стиховите и нотите, за на крајот сето тоа да ни го подари нам, на публиката, под отвореното ѕвездено небо.
„Нешто сте ми тивки вечерва“, се шегуваше музичарот меѓу песните, обидувајќи се да воспостави колективна психоаналитичка дијагноза за камерната и стегната публика. „Во ред е, навикнат сум на тишина, таква ми е професијата“, се пошегува, за на крајот да поентира: „Мене ми е вам да ви биде убо“.
И беше убо токму благодарение на неговата виртуозност, почнувајќи од неверојатните стихови во кои доловува лета поминати во Јени маало или Преспа, па се’ до случувањата во човековата психа кои како приказни „за добра ноќ“ ги слуша на каучот на Петтата авенија, а потоа ги преточува во песни. Јас само би препорачал почесто концертирање, затоа што синоќешниот концерт во Куршумли беше на рамниште на било кој настан во моментов што се одржува под отворено небо на Стариот континент. Cheers 😉