Кон „Мајки“ (MOTHERS, 123 мин.) на Милчо Манчевски
улоги: Ана Стојановска, Владимир Јачев, Димитар Ѓорѓиевски, Салаетин Билал, Ратка Радмановиќ, Емилија Стојковска, Милијана Богдановска, Диме Илиев, Марин Поп Панкова, Горан Трифуновски, Петар Мирчевски
За разлика од претходните случаи, кога паузите меѓу снимањето и премиерите на филмовите „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001) и „Сенки“ (2007) беа и повеќе од доволни за да се фрли критички поглед врз задоволството или незадоволството од сработеното, овој пат режисерот Милчо Манчевски релативно бргу повторно ги засука ракавите и влезе во филмскиот ринг, за кратко време подарувајќи ни го неговото четврто долгометражно остварување. Овој проект започна со реализација носејќи го работниот наслов „Како бебе“, за на крајот да финишира како „Мајки“, така заокружувајќи го јасниот авторски концепт во кој, иако приказните што ги раскажува содржат многу потслоеви, сепак, краткиот и впечатлив наслов ја дава онаа основна рамка на самите филмови. „Мајки“ по многу нешта е нетипичен филм за Манчевски, но од друга страна, пак, содржи и елементи веќе видени во неговите претходни дела. Најпрво, за разлика од медиумската помпа со која беше поддржан „Сенки“, започната уште за време на снимањето на филмот, а која траеше сè до последниот ден од неговото киноприкажување низ Македонија, „Мајки“ некако тивко се провлече низ сето тоа, оставајќи простор само за упатените да споменат збор-два дека Манчевски снима нов филм. Исто така, новина во пристапот на авторот е миксот на играното и документарното, нешто што веќе го имаме видено кај другите филмски автори, но кое Манчевски многу успешно го апсолвирал и го претставил на големото платно, давајќи му свој печат. Злобниците би рекле дека под фолдерот ‘експеримент’, како што самиот режисер го нарекува овој негов филмски излет, може да влезе сè и сешто, дека така поставените работи на авторот му оставаат простор да ја обликува формата во недоглед и да си игра со неа онака како што сака, но кога на крајот ќе добиете производ што отвора многу прашања, сепак, сфаќате дека овој филм е нешто многу повеќе од само еден обичен ‘експеримент’.
Филмот на Манчевски е составен од три дела со различно времетраење. Воведниот, и најкраток дел, се случува во Скопје, и по сензибилитетот и начинот на кој е снимен претставува мост меѓу неговиот последен филм „Сенки“, и секако, актуелниот од чиј составен дел е, „Мајки“. Метрополата Скопје, која низ бучавата и хаосот го бара својот идентитет, овој пат е соголена низ приказната за двете девојчиња, кои врз основа на приказната што им ја раскажуваат нивните другарки, во полицијата создаваат фиктивна сторија заснована на реална случка, која за едно момче ќе има фатални последици. Со тоа Манчевски ја поставува основата за понатамошното дејствие, кое се префрлува во Мариово. Прекрасниот македонски пејзаж толку типичен за првенецот „Пред дождот“, овој пат уште повеќе обзема со својата неизмерна убавина благодарение на кинематограферот Влатко Самоиловски. Преминот во документарната форма го навестува екипата од две момчиња и една девојка, кои снимајќи доку-филм во речиси напуштеното село, наидуваат на веќе типична македонска животна приказна во која братот и сестрата не зборуваат 16 години. И на крајот, влегуваме во едноиполчасовното финале, во кое прецизно, до детаљ, е прикажан случајот со ‘серискиот убиец’ Владо Таневски, документаристички совршено сработено парче, во кое тегобните искази на најблиските на жртвите, авторот повремено ги разбива со понекоја небулозна изјава на инволвираните во случајот, или пак, со некој детаљ на кој не можете да останете рамнодушни.
Манчевски со „Мајки“ го разбуди филмскиот автор во себе, создавајќи постмодерно дело кое можеби не е за пошироката публика, но кое одлично кореспондира со реалноста во која живееме. Мачнината во стомакот што се создава по неговото гледање, заминува откако ќе се префрли во умот, каде што почнуваат да се плетат десетици прашања на кои можеби и немате одговор, но сосема доволно е да си ги поставите. Впрочем, како и самиот автор, кој жешката тема околу случајот со Владо Таневски ја прикажал без намера да ја обои приказната на овој или оној начин, туку низ монтажната постапка, во сооднос со претходните, играни делови, да создаде еден амалгам во кој секој гледач засебно ќе дојде до сопствената вистина. Таква чесна манипулација во вака структуиран филм е дозволива, па дури и посакувана илузија. Во спротивно, како што вели тој, би се работело за „ангажирано новинарство“.
Во лавиринтот од приказни во кој нè вплеткува Манчевски, мајките се модерни (Поп Панкова), архаични (Радмановиќ), но и безимени жртви на системот кој се уништува однатре, во кој судството е корумпирано, а обичниот човек е само бројка без заштита. Тоа е мрачната стварност во која живееме, од која сме дел и ние, и којa можеби авторот, со оглед на тоа што поголемиот дел од годината не живее во матичната земја, од потребната дистанца може пообјективно да ja погледне во очи, прикажувајќи ја на платното без никаков компромис.
(Текстот е објавено во „ГЛОБУС“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)