Вест на месецот: еден од најдолго очекуваните филмови во последново десетлетие конечно може да се погледне во домашните кина. „Мегалополис“ на Френсис Форд Копола, и покрај сите главоболки што му ги создаде, и покрај сите пробиени рокови и еден куп потрошени долари (сто милиони!), по канската премиера во мај, есенва е главен наслов во кината ширум светот. И со право, бидејќи „стариот лисец“ се’ уште има што да каже на големото платно. Вообичаено крајот на годината нуди мегаломански проекти (се сеќаваме, „Опенхајмер“ и „Наполеон“ во претходната сезона), а „Мегалополис“ на Копола дефинитивно спаѓа меѓу оние по кои ќе се памети годината, иако на прва топка не изгледа така: широката публика баш и не го сака, критичарите се бајаги резервирани, но, за добрите дела само времето е релевантен судија.
Знаејќи и размислувајќи за сето ова, попладнето влегов во ритуал. Се избањав, се избричив, се светнав, и се почувствував многу убаво. Одамна не сум се почувствувал толку свечено подготвувајќи се за во кино. Сепак се работи за еден од членовите на „филмската братија“ од 70-те години на минатиот век, човекот „виновен“ за класиците „Кум“ и „Апокалипса сега“. Што ли има да ни (по)каже на 85-годишна возраст?
„Мегалополис, басна“, не’ заплиснува почетната магија од екранот. Басна!? Аха, на крајот ќе има и наравоучение. Но тоа е далеку, дури 138 минути. Се опуштам во столчето и почнуваат да ме бомбардираат футуристичките слики со пораки. „Нашата Република не е многу различна од Стариот Рим. Можеме ли да го зачуваме нашето наследство и да не пропаднеме?“ Ова е Новиот Рим во третиот милениум, во 21 век. Добро е, си реков, Копола троа откачил!
Актерот Адам Драјвер во последнава декада одигра некои од најинтересните улоги во американската кинематографија. Претпоставувам дека бил логичен избор за главниот лик, Цезар Каталина, прогресивниот архитект, сонувач на подобри светови за луѓето, главниот човек во „Заводот за дизајн“. Во воведната сцена тој лебди по работ на зградата „Крајслер“ во Њујорк, и во еден момент извикува гласно времето да запре. И тоа запира. Без пардон. Тој е уметникот што го контролира времето, тој е потентен, со јасна визија за иднината, и сите адути се во неговиот ракав.
„Империјата не се руши кога паѓаат згради, туку кога граѓаните ќе престанат да веруваат во неа“, вели пораката од екранот. Но за создавање на простор за истите тие граѓани, потребно е да се срушат неколку згради. Тоа потсетува на кобниот 11 септември и предизвикува револт кај Њујорчаните, кои, патем, го губат покривот над главата. Тоа во вториот дел од филмот ќе му се врати како бумеранг на „сонувачот“.
„Соперникот“ на Цезар е градоначалникот Цицерон (Џанкарло Еспозито). Црномурестиот татко на мегалополисот има различна визија за иднината, гледајќи да ја сочува својата тешко стекната позиција на владетел, по долгите години во обвинителството. Тој во центарот на градот сака да отвори спектакуларно казино, со амин на работничките синдикати, кои чучат во неговиот скут. Тој има намера од центарот да направи мини Лас вегас. Леб и игри. Ви звучи познато? Се разбира, фали уште љубовна приказна и негативец, и приказните од Стариот и развратен Рим да се пресликаат во модерниве денешни времиња. Токму двата споменати лика му даваат моторика на дејствието на приказната. Клаудиј (Шиа ЛеБеф) воден од желбата за наследство, ќе направи се’ за да му се спротивстави на интелигентниот братчет. А Џулија (Натали Емануел)? Заносната градоначалникова ќерка е лакмусот меѓу доброто и злото, меѓу егото и добрината, меѓу скромноста и славата.
Во впечатливи споредни улоги уште играат и ветераните Џон Војт (банкарот), Дастин Хофман како „позадинец“ кој ги врши валканите работи за градоначалникот, и „слугата“ на Цезар, толкуван од Лоренс Фишбрн, кој всушност ја раскажува целата приказна во оф-тон. Тој овој пат нема решение со црвеното и синото апче како во „Матрикс“, бидејќи работата во Новиот Рим одамна е позабегана од таа во филмот на браќата (денес сестрите) Вачовски. Едноставно, богатите, оние што владеат со светот, се толку раскалашени, што немаат никакви допирни точки со реалноста.
Препрочитувајќи што сум напишал досега, се згадив од самиот себе, како да раскажувам „шпанска серија“. Но верувајте, на тоа основно, површно ниво на филмот, приказната што ја следиме е токму таква – без некоја особена глума, без длабочина на карактерите, дури и намерно плакатирана, ко да читаме лош стрип, или подобро, како да го гледаме првиот „Бетмен“ на Тим Бартон. Неверојатно! Но од мноштвото слики што умот ги прима за време на проекцијата на филмот, најчесто поделени на два, три или шест делови на екранот (како што на времето во своите филмови експериментираше Питер Гринавеј), претставувајќи ја комплексноста на животот сам по себе, на крајот на површина излегуваат поинаквите намери на Копола, вистинската идеја која стои зад ова негово долго подготвувано, и можеби, последно остварување во богатата кариера.
„Мегалополис“ е политички филм. Впрочем, секој филм е политички, некој повеќе, некој помалку. Во моментов во САД тече предизборната кампања, и Копола можел да си поигра со тој актуелен момент, но како што кажавме на почетокот, ова сценарио е напишано одамна, и попатно таа идеја веројатно исчезнала во воздухот. Но стариот хипик не може да ги заборави вредностите со кои растел во 60-те, вметнувајќи ги во сите свои остварувања, и гласно ни соопштува дека Америка е Новиот рим, отворено подбивајќи се со карикатурата во која таа се претвори јавајќи на бранот на моќта. Статуата на правдата е толку уморна од се’, што паѓа долу и се распрснува од бетонот. Во урбаната џунгла сме сведоци и на останатите веќе видени работи од американскиот фолклор: атентати, местенки со секс-скандал (алузија на случајот Асанж), а се разбира, тука е и стариот, добар непријател Русија, чиј сателит уште од времето на СССР неконтролирано ита кон Земјата и најверојатно ќе плесне некаде во САД.
Како противтежа на оваа линија во филмот е онаа меката, емпатичната, добронамерната, расплината во неколку различни правци, на која Копола на средината од деветтата деценија од животот инсистира, сметајќи дека од сето негово животно искуство досега, некои работи остануваат единствената цврста основа, која стреми кон вечноста. Ваквото „старомодно“ размислување го гледаме во детали како, на пример, старата цвеќарница во срцето на Големото јаболко од која главниот протагонист купува цвеќе за љубената, а потоа влегува во својата „Цитроен-ајкула“ и се упатува кон неа.
Но таа, љубовта, се провлекува буквално низ целиот филм. И покрај сировоста и суровоста на контекстот, таа е двигателот кој може да менува светови. Впрочем, љубовта е таа која единствено може да го контролира времето. И најпосле, бракот како институција. И покрај се’ што се случува во новиот милениум со сублиминалната кампања која ги збунува младите луѓе не можејќи да го пронајдат својот идентитет, Цезар (читај – Копола, бидејќи тој е неговото алтер его) вели дека од сите институции што постојат, највеќе верува во бракот. Сценаристот и режисер пред крајот од својот живот верува дека враќањето кон базичните вредности може да го смени светот на подобро од ова сега, бидејќи сето останато е површно и безвредно, сето останато е само скандал, интриги, леб и игри. Затоа, по завршниот кадар од филмот, прво што се појавува на одјавната шпица е посветата на авторот на филмот на својата сопруга – Еленор.
Ткаејќи го филмот со цитати од историјата на книжевноста, како познатата изрека „Да се биде или да не се биде“ на Шекспировиот Хамлет, преку поезијата на Сафо и Петрарка, па се’ до животните мудрости на Марко Аврелиј, Френсис Форд Копола ja реализираше својaта меланхолична епопеја после која спокојно може да замине во пензија. Затоа што, со „Мегалополис“, тој по којзнае кој пат во кариерата му го покажува средниот прст на Холивуд, снимајќи филм кој функционира според сопствени правила и сопствена, автентична филмска граматика (колку таа на моменти да е луда и неприфатлива!), естетика тотално надвор од холивудските студија кои произведуваат „ситна боранија“ за миење на мозоците на гледачите.
Овој мегаломански проект во кој Копола „си игра“ со новите технологи употребувајќи ги во „стар манир“, наликувајќи на експресионистичките филмови од првата половина на 20 век (очигледно „Метрополис“ на Фриц Ланг и понатаму инспирира!) е исполнет со прекрасни визии за иднината, кои иако на крајот завршуваат во рамките на изгорената филмска лента, сепак се важни да се кажат, да се претстават, да се соопштат, за да се размислува за нив. Цезар во еден момент вели „да се дискутираат нови идеи за иднината е веќе утопија“, и сосема се сложувам со тоа, иако секоја утопија потоа многу бргу станува дистопија. Но тоа е кругот на времето, тоа се циклусите низ кои човештвото како предизвик многу пати поминало, и повторно мора да помине.
Затоа на филмот на Копола гледам и како на крик со кој вели „дајте нови деца“ со визионерски, продуховени и хуманистички идеи, затоа што стариве корумпирани ликови, кои само мислат на своето богатство, длабоко ја заглибија работата. Бебето на крајот од филмот е убава метафора за новиот живот, новата надеж, новата, посветла иднина која по пост-пандемискиот период и ново-старите војни, сите ние сесрдно ја посакуваме. Во спротивно, како посмртно опело, повторно ќе ја чуеме песната на The Doors која фигурира во „Апокалипса сега“, во сцените полни со мирис на напалм: „This is the end, beautiful friend…“ Копола, барем на платното, се труди да не го дозволи тоа, и понатаму создавајќи бескомпромисна уметност.