Кон романот „Мина“; пишува: Никола Пијанманов
Се радувам на секој осврт кон книга: кус, експресивен, долг, есеистички… Во време кога оние кои тоа треба да го прават не се на ниво на задачата, многу ми значат илуминациите од драги луѓе. Всушност, во нив и единствено верувам.
Никола Пијанманов минатата недела на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ и’ ја „подари“ скулптурата инспирирана и посветена на песната „Есен“ од Рајнер Марија Рилке. Токму германскиот поет е една од референците во освртот кон романот „Мина“, кој Пијанманов го дочитал деновиве, во време кога и тој има причини за прослава на својата уметност. Велат дека писателот целиот живот пишува само една книга. Но Никола во освртот споменува и еден многу битен, клучен збор – трпеливост. Чинам дека тука лежи сета магија при создавањето на едно дело.

„Честитам Игор, уживав во книгата. „Мина“ е најубав од твоите досегашни романи. Сите истражувања, поетски топли видувања на минатото, врската со претците и сегашноста, фамилијата, живите и мртвите се на еден магичен начин испреплетени како мрежа која дава смисла, па дури и ја осмислува смртта и минливоста, болеста и несреќата. Филмско врамување на раскажаните спомени од мајката, на старите излитени фотографии кои во мигови се посилни од стварноста. Како магнет не’ привлекуваат наназад кон претците.

Рилке вели, во мачните ноќи кога имаме лоши соништа, понекогаш ќе станеме, ќе се видиме во старото огледало и оттаму ќе не’ види ликот на некој непознат предок чија крв тече низ нас. Таа крв е реалност. Ние свесно ја игнорираме во име на сегашната среќа. Есеистичкиот пристап на моменти благо потсетува на влијание од Господинов, непретенциозна критика и иронија кон денешното, но и кон историското, чии грешки доведуваат до денешното. Има една германска серија „Dark“ каде на сличен, малку посуров, ничеански начин, е насликана реката на фамилијата која тече двонасочно.
Чинам дека допрва доаѓа кристалот кој ќе го пронајдеш во трпеливоста на твоето истражување и слушање приказни. Сцената со миењето на гробот миг пред изолацијата со мајката, е антологиска. Погодува со својата силина на вербата дека смртта е само мигновеност. Како да се очекува воскресението, а ритуалното миење на плочата е налик на миењето на телото на мртвиот Христос од мироносиците…
