Кон „Одрон“ на Букршлиев, Омерагиќ, Спировски (ПМГ Џез, 2018)

Претходните три вечери патот ме водеше во МКЦ. Што да правам, кога МКЦ ја нуди најдобрата понуда во загадениот ни град. Сега ич не мора да ме прашувате „кај искачаш“, јасно, „во МКЦ“, да го е..м, каде на друго место 🙂 Имено, таму се одржаа три последователни супер настани, две промоции на книги и еден коцерт, иако имаше и други дешавки на останатите сцени, но овие беа во зоната на мојот интерес: промоциите на книгите како дел од мојата професионална определба, а концертот како момент за опуштање и мал хедонизам, кој одвреме-навреме, кога можеме, сите ние си го дозволуваме.

Пред пар седмици го слушнав, според мене, албумот на годината од Македонија, и тоа сосема неочекувано. Иако Нино (Спировски) ме покани да го гледам неговиот нов проект „Светлост“ токму вечерва во МКЦ, како предгрупа на шведската атракција „Фајр“, јас „откачив“ на проектот кој тој заедно со компањоните Букршлиев и Омерагиќ го снимиле неодамна, и благодарение на „ПМГ рекордингс“ го донесоа на светлината на денот и ни го подарија нам, на слушателите, како доказ дека градов и понатаму раѓа квалитетни музичари кои допрва ќе ни носат музички радости. Задоволството беше заокружено токму со најавениот концерт во четвртокот во Џепното кино во МКЦ, како презентација во живо на сработеното пред околу педесетина луѓе, низ еден интимен перформанс, кој треба да стане практика и на други бендови од ваков калибар.

Влезот во албумот (и на коцертот) е жесток. Омерагиќ ни влегува „со клизаќи“ во умот, режејќи на контрабасот и создавајќи „одрони во мислите“, со намера да се ослободиме од егото. Но, ова е само вовед, се работи за двеминутна тема насловена „Одрон 2“. По неколку нумери следи и долгосвиречката „Одрон 3“, во која Букршлиев со кратки гитарски фрази не’ одвојува од реалноста, а на креираната звучна слика, како своевиден контрапункт, различност, но сепак еден вид истост, се „спротиставува“ кларинетот на Спироски, кој анксиозноста на гитарата ја смирува со прецизно одсвирени ноти, потсетувајќи на најдобрите денови на култните Таксидомун. По долгото и инспиративно патување низ тајните на ноќта, за време на кое контрабасот на Омерагиќ звучи опасно, не’ предупредува и не’ одржува будни, конечно и основната „Одрон 1“, како вистинско музичко крешендо, во кое звукот на тенор саксофонот е див, ефектите не се овоземни, а бескрајот е тука, на дофат! Превртено, и крајно ефектно. И „Палп фикшн“ не би бил тоа што е доколку не е испрекршен во структурата.

Но, да се вратиме назад. Овој албум, кој е совршено конципиран, има и свој сијамски брат во сензибилитетот опишан во претходниот пасус, музичкиот материјал има и свое второ лице, иако и првото и второто се дел од иста монета. Клучниот момент за тој квалитативен дуалитет е втората тема, каверот „Осамена жена“ на легендарниот Орнет Коулмен.  Заедничката интерпретација на Букршлиев и Спировски на дисциплинираните ноти, небаре се работи за „Ѓаволовиот трилер“ на Тартини, потоа се расплинува во раскошни солоа, кои можеме и паралелно да ги следиме, додека и обете повторно не се пронајдат во иста точка, на крајот од долгосвиречката нумера. Брилијантно.

Логично надоврзување на ваквата поставеност на звучните  нешта се следните две теми, Dark elements и  Time present, која, пак, по „одроните“ добива своја логична смирувачка целина во Time past, за на крајот, со темата „Интимен танц“, момците да го заокружат целото патешествие и да ни ветат дека ова е само почеток на, се надевам, нивна долга авантура во зоната која, иако почетници, добро ја владеат.

И по слушањето на осумте теми од албумот, и по концертната презентација, џез проектот „Одрон“ низ пукнатите прсти на Омерагиќ за време на концертот, гитарските пасажи на клекнатиот на колена Букршлиев, и грациозноста на Спироски додека ги вади најпрефинетите ноти од градниот кош, звучи перфектно и речиси совршено, како музика за се’ уште неснимен, но замислен филм, кој секогаш изгледа различно и предизвикувачки со секое повторно преслушување на материјалот. Сето ова како чувство ме врати во 80-те и 90-те годни на минатиот век, на филмовите на Вим Вендерс и саундтраците за неговите остварувања, нешто што како  сензибилитет секогаш е препорачливо за повторно истражување и интерпретирање.

Браво момци, ме вознемиривте, што е битен/клучен момент во уметноста!

https://pmgjazz.bandcamp.com/album/odron?fbclid=IwAR2_mwqa0MNDts9o7G-j141UETQTKoflGdLFhlbHqoWZ2p2MoCsvA6P0qBo

(Текстот е објавен и на kritika.mk)