Кон „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска
По двojната оскаровска номинација за „Медена земја“, сосема очекувано беше режисерката Тамара Котевска да ја продолжи својата приказна во рамките на креативната документаристика и повторно да предизвика внимание не само во регионот, туку и во светски рамки. Во изминатите месеци нејзиното име повторно беше актуелно благодарение на новиот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој освои еден куп фестивалски награди и на крајот, за жал, не влезе во најтесната конкуренција за „Оскарот“. Да потсетиме, во меѓувреме од нејзината работилница ја добивме филмуваната верзија на приказната за куклата Амал („Патување пеш“, 2024), а со нетрпение го очекуваме и првиот долгометражен филм на авторката, кој (треба да) е во постпродукциска фаза.

Најавуван како современа екранизација на фолклорната приказна за Силјан штркот, новиот документарен филм на Котевска всушност многу повеќе е сторија за актуелната состојба на граничните „јужни“ територии од унијата кои никако да станат дел од неа, и следствено на тоа, последиците од таквата состојба на постојано исчекување. Неколкудецениската транзиција од чесните земјоделци создава луѓе кои и покрај тоа што го сакаат она што го работат, на крајот мораат да се откажат од својот род поради лошите политики на земјата во која живеат. Одеднаш плодната земја се претвора во депонија, како и нивниот живот, осуден на бегство во туѓина. Егзистенцијалниот момент дури води и до мисли за опожарување на сопственото земјиште за да се земат пари од осигурителните компании, што е првиот чекор до апокалипсата.

Чинам дека токму таа поврзаност со земјата како еден од елементите на животот е најсилниот момент во филмот. Таа за шеесетгодишниот Никола претставува се’. Таа е неговата неминовност, таа го детерминира целото негово битие на овој свет и век. Тој целиот живот ја обработувал, превртувал, знае како почвата дише, колку среќни моменти доживеал на неа додека ја љубел својата сакана, дури и зошто во одредени години таа дала помалку род. Но тоа не може да го натера да и’ се налути, затоа што тие се едно, тело и душа која заеднички пулсира. Затоа, одлуката чичко Кољо да не си го продаде чифликот е врвот на ова филмско дело, праќајќи ни силна порака да не заборавиме на нашите предци, затоа што лесно е по(д) секоја цена да стекнеш моментна среќа, но многу потешко е истата да ја задржиш.

Но филмаџиката ја плете приказната многу мудро, истовремено водејќи ја не само оваа, туку неколку паралелни линии на развој, создавајќи раскош од емоции во кои нема човек кој нема да се пронајде во нив. Иако народната умотворба запишана од Цепенков се ткае уште од почетокот на филмот, таа вистински се отелотоврува дури во педесеттата минута, при спојувањето на главниот лик со новиот член на неговото семејство, штркот со скршеното крило. Оттука па до крајот од филмот, освен тоа што влегуваме во емоционален допир со случувањето на екранот, надевајќи се дека штркот еден ден ќе оздрави и ќе одлета, приклучувајќи му се на своето јато, филмот како да не’ ослободува од стегите со кои бевме оковани од почетокот на неговата проекција, прскајќи на сите страни со отворен хумор, толку потребен за едно вакво ангажирано дело.

Двајцата мажи го закопуваат штркот на депонијата и се кандисуваат дека еден ден ќе си ископаат таков гроб еден на друг, знаејќи дека тој ден не е толку далеку… Час пред тоа, тие бараат злато по ѕидовите на старите селски куќи, небаре сакаат да станат кралеви пред крајот од својот скромен живот. Во еден момент, Никола му се жали на пријателот дека сите го напуштиле, а синот не ни помислува да се врати да го види макар на еден ден, а овој му враќа со предлогот дека има три сина, и би можел да му позајми еден од нив, за да види како е. И обајцата прснуваат во смеа (и публиката заедно со нив), со заклучокот дека одамна не с(м)е смееле на тој начин. Како лицето да им се скаменило од сериозноста на животот и стапиците што тој им ги наметнал. Тие солзи се истовремено радосници, но и тажен потсетник дека не е се’ во парите со кои најчесто е обременето нивното/нашето живуркање, овде и сега.
Со ваков баланс на нештата, „Приказната за Силјан“, иако се случува локално, во Овчеполието, таа добива универзална препознатливост и си го врви својот пат до публиката од различни меридијани. Со вклучување на паганството како бегство од суровата реалност, но и искрениот однос кон природата и животинскиот свет, документарниот филм се најде во фокусот и на „National geographic“.

Очите на штркот се бистри и претставуваат огледало на човековото однесување, а кога тоа спознание ќе се преточи во 80-минутна филмска уметност, тогаш само небото е граница. Затоа документарниот филм на Котевска се гледа без да трепнеш, со слатко-горчлив вкус во устата и радост во срцето, поради сознанието дека се’ уште постојат убави и автентични луѓе на овој грд свет. И добри филмаџии да го забележат тоа.
