Домаќине, „добри гости“ ти дојдоа… #8

Тргнувајќи од текстот на народната песна, домаќинот треба да ги отвори ширум вратите, но и срцето, особено кога најавено доаѓаат добри гости, а досега многу пати се покажало и докажало дека Охрид како домаќин знае како тоа да го стори. „Издавачката куќа „ПНВ Публикации“, во соработка со „Поетска ноќ во Велестово“ и „Култура Бета“, в сабота, на 7 февруари, во Охрид ќе го реализира проектот „Добри гости“, преку кој иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители“, се вели во соопштението на издавачката куќа која по осми пат го реализира овој настан.

Серијата „Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично.
Проектот досега се одржа во Штип, Тетово, Струмица, Демир Хисар, Куманово, Охрид и во Прилеп, а планирани се гостувања во уште градови низ земјата.

Осмото издание ќе се одржи на 7 февруари, во Културниот центар „Култ“ во Охрид со почеток во 18:30 часот, а поддржан е од Општина Охрид, како неофицијален настан од програмата на „Прличеви беседи“ 2026 г. Настанот ќе започне со промоција на најновата стихозбика на Андреј Медиќ Лазаревски ‒ „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, издание на „Култура Бета“. Промотор ќе биде Јулијана Величковска.

Потоа следи книжевното читање на кое ќе настапат Теодор Тасевски, Снежана Младеновска Анѓелков, Јана Секулоска, Марија Велинова, Тони Попов, Марина Шикова Димовска, Јордан Коцевски, Марина Икономова Шокева, Зоран Јакимоски, Славе Ѓорѓо Димоски, Мирко Томовски, Митре Мангоски Радождански, Игор Анѓелков, Митко Колјушевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска.

Охрид и во зима знае да го стопли срцето. Се гледаме 😉

08.02. ПОСТ ФЕСТУМ: Прекрасна охридска саботна вечер во рамките на осмото издание на „Добри гости“: насмеани учесници и посетители, жива енергија, прекрасна проза и поезија, здрав хумор… „Култ“ е новата важна културна точка под Самуиловата тврдина.

Честитки за организаторите, посакувамe реприза 😉