пишува: Благородна Димовска-Буџакоска
Кукурииикууу! Го најавува петелот новиот ден, а во тој ден јас го запознав Борис Писателот кој ме освои на првата страница за да ме воодушевува се’ до последната. Борис е веќе на прагот на седмата деценија од својот живот, писател непрепознаен, неафирмиран, и никогаш не добил награда за своите романи, се’ до овој ден за кој ни пишува Анѓелков. Конечно Писателот ќе си го добие заслуженото, наградата за неговиот труд, тоа што му следува. И така ние како читатели тргнуваме да го изодиме патот заедно со Борис во овој за него најважен ден заедно да ја земеме наградата, од рано наутро се’ до вечерта. Дејството на овој роман временски толку и трае, само 16 часа…
Тргнува тој со денот и почнува да ни раскажува цел еден роман, за себе, за своите деца, сопругата, за животот надвор од градот, за секојдневието и дијагнозите кои го мачат. Тргнува пеш, па попат ни раскажува и за градот (Скопје) колку е сменет, колку е валкан, кутар запуштен… Луѓето оттуѓени, суетни, егоистични, крајно интровертни. Државата таква каква што ни е на колена, книжевноста малодушна без професионални критичари. За на крај самата церемонија за доделување на таа престижна награда која треба да е врв за еден писател, која е престорена во самопромоција на челниците на градот и државата, без голема посетеност и очајна. Борис станува на средина од настанот, не дочекува да му ја врачат наградата и се враќа дома.
Ветрилиште самиот збор означува место каде има силен ветар, место со промаја на кое никој не сака да се задржи долго. Ветрилиште ни е времето во кое живееме, градот, луѓето, државата, книжевноста, воопшто културата и уметноста. Ветришта ни го имаат кренато целото општество каде вредностите не се вреднувани, каде и да твориш било што ќе дувне ветар и ќе ти го однесе трудот во неповрат, неприметен обезвреден.
Постоеше ли Борис како лик во овој роман жив? Постоеше ли Писателот кој проживеа еден ден одејќи да си го земе заслуженото? Или Писателот е веќе мртов а сето дејство е само еден крик на Анѓелков за сите автори кои се’ уште се меѓу нас и за оние кои не’ напуштиле без да бидат забележани, обесправени и понижени. И колку е важна таа една награда за еден уметник? Треба ли да биде круна на крајот или потстрек кога е во зенитот на своето творење? Вреди ли таа?
….конечно осамен, конечно слободен… треба ли еден писател да се ослободи од сите општествени стеги, награди, признанија, да се осами и ослободи конечно да си твори за себе и за читателите?
И во овој роман како и во предходните го препознаваме стилот на Анѓелков кој е разбирлив, питом и кроток. Секогаш кажувам тој не извикува, не вришти на цел глас еве види ме, едноставно е питок и смирен, раскажува тивко но е крајно суштински, концизен и поентирачки. И овде ќе ја видиме неговата вљубеност и познавање на музиката, филмот, архитектурата и книжевноста.
Најинтимниот роман на Анѓелков ми е токму овој, воедно и најтажниот. На крајот се сведува дека ќе останеме како светилници на сред море осамени и со своето светло ќе се дружиме од далеку со бродовите.
Кукурииикууу! Се спушта завесата, претставата завршува, ноќта паѓа, петелот пее во ниедно време, а Писателот наздравува со пријателот и читателот, без наградата…
ФБ статус, 16.11.2024, 10ч53м