Кон романот „Ветрилиште“

пишува: Никола Пијанманов

„Зарем сме судени да умираме сами на ова парче земја? Зарем растеме нови генерации, кои едвај ќе чекаат да заминат од оваа пустелија?“

Овие прашања ги поставува Игор Анѓелков во најновиот роман „Ветрилиште“, а тие фучат како силен студен ветер низ листањето на неговото прозно дело. Празните предели и простори… сиви предградија. Таква е и мојата преокупација во сликарството на пејзажизмот. Ќе остане ли навистина овде жива душа, или како во последниот филм на Романецот Мунгиу, луѓето ќе исчезнат, а населбите ќе се наполнат со мечки и диви ѕверки од планините. Устите се затвораат полека, како да ги сошива времето, не толку стареењето, туку бесполезноста од нештата да се кажат од предолгото премолчување на зборовите. Атрофирале нашите усти и ја изгубиле својата најзначајна функција – да кажат нешто вистинито.

На корицата на книгата гордо стои исправен светилник кој им дава надеж и патоказ на морнарите дека ете тука е копното, дека тука можат да се засолнат од долгите морски талкања. „Зошто светиш кога никој не те гледа?“, праша еднаш поетот Михаил Ренџов во песната „Светилник“. Зар може да остане незабележан зракот светлина во големиот мрак на светот? Ќе го најде ли некој бродоломник правецот на својот пат до целта, или ќе го проголта темнината?

Долгиот пат почнува ритуално. Миењето на плочата од гробот, разговорот со мртвите, споделувањето радост со нив од овој свет, испраќање порака до другиот свет и другата димензија, станува посебен и издвоен момент во книгите на Анѓелков. Миењето на гробот е едно ритуално прочистување на границата која стои помеѓу мртвите и живите. Гробовите мораат да бидат чисти и убави, тие се огледало и прозорец на нашиот однос кон животот и подготовката за преминот. Но и шанса да се исповедаме пред некој отаде светот, отаде живите современици, далеку од нашето здодевно секојдневие. Во последните два романи на Игор, имам чувство дека дијалогот со мртвите е поискрен, вистинит, подлабок отколку оној во кој главните ликови комуницираат со живите.

Писателот Борис тргнува да оди пеш започнувајчи една специјална Одисеја која треба да го понесе низ градот, од предградието до центарот на метрополата. Таму на свечена церемонија треба да ја прими големата награда за најновиот роман, која во неговиот живот доаѓа веќе малку задоцнета. Градот е место во кој човекот е осуден да живее со другите. И колку поголем станува, толку човекот е поосамен. Градовите се веќе непрепознатливи предели скроени по мерките на нечовечката објективизација која создава апсурдни израстоци. Сликата на градот во очите на главниот лик се топи од непрепознатливост, во еден миг тој се покајал што воопшто го напуштил својот мир во домот и веќе не препознава ништо од она што некогаш претставувало роден град, место на идентитет. Пејзажот на детството мутирал во нешто друго. Има една сцена во „Соларис“ на Тарковски каде такси возилото го пренесува човекот од едно место кое се наоѓа во природа до епицентарот на бетонското чудовиште – метрополата. Глетката од возилото интензивирана со звуците е заледувачка. Метрополата се преобразува во некропола. Предвестие за непознатиот мрак и бездната која го очекува космонаутот Крис во Вселената.

Борис по патот заборава дел по дел од својата облека и личните предмети. Тој по патот до замислената цел се разголува и физички и душевно. Тоа е едно од оние патувања после кои не е сигурно дека враќањето е возможно, впрочем мошне неизвесно каде ќе стигнеме со толку препреки, како во заплетканите лавиринти на Кафка. Само што нашиот „Земјомер“ не е заплеткан во мрежите на феудалниот замок, туку во замките на либералниот хуманистички поредок во кој слободата и вредностите се нудат само во случај на беспрекорно служење на проформата, статусот и бизнис-политичката моќ кои се отсликуваат на карикатурален начин во ситните и мали локални политичари, владетели со избледени ликови по уличните билборди. Нашиот лауреат е аполитичен човек, но не заради незаинтересираноста, напротив, тој будно ги следи сите политички детали по патот, туку заради свеста дека на крај некој доктор Strangelove сепак ќе ја реши колективната судбина на народите, а за малите народи бришењето е полесно од обична училишна гума која брише молив во тетратка на ученик. Но зошто се толку нестабилни и изместени нештата во овој свет? Формата на пирамидата како да се изместила во обратна насока и врвот е длабоко забиен во песокта. Поредокот на нештата се изобличил… ако цивилизацијата почнала со грижата за ближниот, сега сме на пат назад кон анималното преживување во саваната.

На некои места по патот нашиот антијунак наидува на чудни луѓе кои како да се распукнале на парчиња и од нив излегуваат само крици на светскиот бол и јад. Како патокази на пеколот кој постои паралелно со овој, нашминкан свет, еден друг мрачен свет во кој несреќниците се мачат и пуштаат крици до небото. Кој да ја сошие распаднатата утроба на светот, а самиот да не се извалка со крв? Патот на лауреатот минува низ многу изненадувања и непредвидливи ситуации. Една од нив е и чудниот ненадеен удар од возач на велосипед на излезот од една приватна градска книжарница. Оваа случка по својата надреалност е достојна на „Една случајна средба на машина за шиење и чадор врз операционата маса“ (Лотреамон). Но, ударите кои ќе следат се суштински поболни и подмолни.

Во внатрешиот свет на нашиот писател е торжествено, свечено, светло како и пролетта. Наградата е само мала материјализација и симбол на континуираното творештво и на редицата успешни книги. Но дали е така во надворешниот свет? Не, таму веќе оддалеку мирисот на липите во пролет се меша со киселините и неподносливата смрдеа на градското ѓубре од контејнерите. Во свет без вредности, успехот станува неуспех, а неуспешноста со магично стапче се претвора во брз успех. Убавото се испомешало со најгрдото и тоа не може да остане неизвалкано.

Во храмот на уметноста лауреатот ќе се соочи со смрдливата утроба на системот. Систем кој со децении ги џвака и ги јаде како гума уметниците, и на крајот ги исплукува во заборав. Ние сме општество на заборавот. Следуваат долгите и бесмислени говори на политичарите – лузери, оние говори кои ви ја горат утробата и телото како со киселина. Говори во кои никој не верува и никој не ги слуша. И пак се потсетувам на Кафка кога во судницата што е во исто време и крчма, еден дебел судија го прашува Јозефа К: „Дали сте вие молер“? Промашени светови и времиња, промашени матрикси, паралели кои не можат да издржат заедно, а се нашле на исто место и време, осудени да постојат во една заедница.

Затоа, големиот државен настан организиран со спонзорства од корпорациите не може да заврши поинаку, освен како во Кундеровата „Шега“: во тоалетот, во шолјата, во канализацијата… Но душата на уметникот не завршува таму. Таму одат наградите, сплетките, титулите, чиновите, сите земни и минливи категории од овој свет. Енергијата на уметникот се преобразува во следниот роман, следниот текст, патешествие, есеј, кој со нетрпение го очекуваме.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *